Провладина “фока” заштитена со закон!

Не има секакви на овој свет. Добри, лоши, фини, згодни, дебели, слаби, со брада, без брада, овчари, козари, јајцетомкачи… Но верувајте дека нема поопасно од “повампирен комарец” и неговата желба за цицање крв. Онаа, туѓата.

Ете, дојде и тој час. Полека но сигурно, како здружение на граѓани, стигнавме и до “ветрините” на Миленко. Ем како здружение, ем како индивидуи. Впрочем, во своето најново писулче-колумна ова момче споменува конкретни имиња на одредени личности. Меѓу нив, се најде и моето. Замислете, Чире се викам. Ваљда грешка у дојава, ал океј, праштам ти душо.

Сепак, во стилот на еден вистински џентлмен, би било фер и коректно да се посвети малку внимание на овој “интересен” лик и да му се реплицира т.е објаснат накратко некои работи кога тој веќе ме прозива од “јавната говорница”. Во ред, ќе се обидам да бидам културен и педантен на ниво во моето излагање и да му одговорам на загрижениот. Мали нијанси и додатоци и во негов стил, од причина да може да разбере за што конкретно му елаборирам.

Имено, во последното негово “срање од текст” (колумна) и ширење на омраза по секој можен основ (карактеристично за него), провладината “черга и чигра” се осуди да го спомене и злоупотреби името на здружението на граѓани “Проект-Eу” од Кавадарци како и веб порталот “Мојотград” за билдање на личното салдо со лајкови и кликови преку македонскиот сајбер простор. Дечкото (Миленко) изнапиша купишта лаги и невистини потпирајќи се исклучиво на (дез)информации кои му се пласирани најверојатно од заскитани локални бескичмењаци и партиски доушници. Вистинска штета е за општеството кога вакви стрип-ликови јуришаат “со гол газ во коприва” и се обидуваат да извршат атак кон два синоними за вистински демократски вредности и транспарентност доследни за едно нормално функционирање на “нештата” во едно извитоперено општество. Со сите нишани.

И веб порталот “Мојотград” и ЗГ “Проект-Еу” се “ластовици” кои сами не може да ја донесат “пролетта” во “замрзнатите” краеви. Но битно е да се знае дека подобро еден пар ластовици отколку ниедна, посебно во средини кревки како оваа, нашата. 

Да одиме со ред и лекција број еден. Веб порталот “Мојот Град” е вистински благодет како новитет во средината во која функционира. Оваа констатација не е извлечена од мојата фиока, уште помалку од нечија друга. Ова се реални факти засновани врз јавното мнение на граѓаните, конкретно оние од “внатрешноста”. И во тој контекст добро е за Миленко штом ги посетува содржините на овој сајт. Навистина, ласка со конверзацијата, и верувам, доколку го задржи вниманието малку подолго на содржините на тој сајт, ќе има и што да научи. Проверено из прва.

Е сега, во контекст на содржините и уредувачката политика на “Мојотград” како медиум, одговорни се конкретни луѓе. Доколку било кој го интригира од икс причини кои се тие луѓе со име и презиме (а стварно неам појма што е толку важно), едноставно, се што треба да направи е да кликне со маусот на полето “Импресум” на горниот дел од сајтот www.mojotgrad.com и ќе му се искристализираат сите недоумици. Се сложувам во целина дека последното објавено интервју на овој веб портал им стави “шилец во око” на многумина македонски “душегрижници”. И добро е тоа. Интервјуто беше на вистинско ниво. Баш по мерак. И прашањата а богами и одговорите. Можеби кај неколкумина испровоцира зли духови длабоко во утробата, но тоа се само нивни персонални проблеми. Епа има и конкретни институции за решавање на истите.

Што се однесува со интервјуата како дел од содржините, интервју се прави со човек кој има што да и каже на целокупната јавност. Еве да речиме би направиле интервју и со Миленко, Ставре, Гоца или пак со некоја друга “фока” заштитетна со закон. Но што имаат конкретно овие ликови да и презентирате на македонската јавност? Ви се молам. Крв и злоба не се основните постулати на кои се потпира овој медиум. Напротив, тоа е случај кај некои други, “јавни” куќи. Тропате на погрешна врата господине, барајте на друго место.

Мислам дека навистина е ептен банално и безвеза да се дискутира на теми како што се функционирањата на одредени македонски портали кои својата егзистенција ја бараат од извори без притоа да “прочешлаат” длабоко во џебот на граѓаните. Уф какви се тоа спинови за малограѓанштината. Меѓутоа еве доколку дискутираме во таа насока, баш онака инстинктивно додека куцам на тастатурата ми текна и се обидов да го преформулирам истото прашање во друга, баш вистинската конотација. Од кој буџет се слеваат хонорарите на Миленко и богатството на медиумите во кои тој се самопрезентира? Од буџетот на РМ? Од данокот на македонскиот граѓанин? Од секојдневните изречени казни по разни основи? Па нормално бре луѓе дека повеќе од сигурно е дека неговиот домашен буџет не се полни од продажба на домашно сирење без издавање на фискална сметка. Се разбираме добро, нели? Супер. Одиме понатаму.

Лекција број два. Треба човек да биде внимателен ко шо е симпатичен и овие податоци кои му ги “сервирам на прва” да ги земе во предвид во своите понатамошни анализи и истражувања. Доколку се потпира на дезинформации од локалните партиски доушници, многу брзо ќе излезе од колосек и ќе ја изгуби поентата на истражувањето. Значи, здружението на граѓани “Проект-Еу” од Кавадарци е здружение од отворен карактер. Што значи тоа? Еве вака најпластично да објаснам: секоја индивидуа, без разлика на верска, политичка и било каква друга припадност слободно може да земе учество во било кој од проектите на здружението кои се реализираат за општо јавно добро за граѓаните од општина Кавадарци. А ги има бајаги многу проекти за поприлично краток период. И сите до еден успешни. Значи, без разлика дали сте “предавник”, “патриот”, советник, градоначалник, премиер, земјоделец, козар…вратите на ова здружение се секогаш отворени доколку имате идеи и предлози исклучиво во корист на вашите сограѓани и средината во која опстојувате. 

Драги мои, Македонија како поприлично искилавено општество е идеална средина за комплетен успех на едноклеточните организми кои сакаат набрзинка да продефилираат на телевизиското платно. Што како кловнови, што како дворски шутови… ал тоа не е нималку важно доколку по автоматизам се дојде во ситуација на “успешен” новинар. (успешен – читај профитира по секоја цена). Едноставно, треба само својот задник да го даде “под кирија” и успехот е загарантиран.

Локалните бескичмењаци, партиските полтрони и очајните ситни душички, за мало парче од тв екраните нема што не би сториле. Посебно ако добијат покана за гостин во нечие вечерно шоу. Во овој случај Миленко направил неуспешен обид да се поисоветува со своите локални доушници за тоа што и како функционира одредено здружение на граѓани или медиум. Редно е да се биде коректен во издржливоста на информациите и да се пласираат со стопроцентна вистинитост. Во спротивно, доколку намерата му била со своите дезинформации да ја засмее публиката, во овој случај тој има катастрофално ужасна смисла за хумор. Озбилно. Би требало малку да “поработи на случајот”. Да речеме, во најмала рака би требало да следи еден “Монти Пајтон” да види што е хумор. Или пак, да следи промоција на некоја кампања на влада на РМ. Немој бре сами да си мавате клоци по задникот.

Да не развлекувам, за крај, навивачката група на “Лозари” од Кавадарци утре (среда) со почеток од 12:05 минути на градскиот плоштад во Кавадарци ќе одржи протест со кој ќе испратат јасна порака до надлежните на општина Кавадарци за катастрофалната состојба во кавадаречкиот спорт во целина како и руинираните спортски комплекси кои се оставени на забот на времето. Како навивачка група, “Лозари” се поприлично обединети ми се чини и со јасни пораки и став за решавање на општествените проблеми во градот. Јас, како засегнат граѓанин по ова прашање, ќе присуствувам на протестот и ќе ја дадам својата поддршка против аздисаните локални властодршци кои узурпираа се она што се вика “јавно” и го претворија исклучиво во свој личен профит на грбот на граѓаните. А вие господине Миленко? Ќе наминете?

Leave a Reply

Your email address will not be published.