Просторија на испарување

Добро, признавам – перверзен сум – и мене ми паѓа егзистенцијата, што да се прави, онаа љубовната, дуовната, филозофската…, па sиркам повремено што мирудии дроби Бурекот и што мати оној фамозен лик со “локни“ (а би требало да е личност, комшија?) на жолтеникавиот Канал 5 (виа facking “Курир“?). Ги гледам еве, веќе години, и знаев дека се едни од оние луѓе, мислам таков е тој сој на луѓе од кои човек треба особено да се чува: кога мислат сериозно, смешни се, кога се шегуваат, страшни се. Во даменешните времиња на едноумието, во она време на Единствената Партија, ваквиот сој на луѓе воглавно молчеле, послушни на секаков Изум создаден во Лабараториите на Лидерот, а попат ја собрале онаа мудрост која вели дека “наведната глава сабја не сече“; ваквите се очајници, ни пишуваше Русо, безначајни ликови и топовско месо на една врхушка која само до одреден временски период може да биде “опасна“, а потоа Клоаката на Историјата ги вшмукува, а нивната сила станува сила колку што е и силата на водата која ја пушта Кралот кога оди пеш на Она Место. Фрустрацијата што ја имаат кон минатото време во нивните емисии е очигледна од една страна, од друга, Бурекот цело време отекува како неговиот татко, лесна му земја, тргувал со некакви вентилатори – се фали што во тоа време бил “хипи-замлат“ – патувал до Трст по фармерки во лимека, човече, врвно духовно просветлување, чист екскалибур! А овој другиот, мен-вит-ајрон-локни, појма немам што правел: веројатно ја чекал Демократијата за која тој со ништо не допринел и веројатно сонувал за некаков Македонски Вол Стрит во кој ќе може да “скарабуџи“ некаков фудбалски клуб со некаков фамозен газда, а таму ќе собере некакви фамозни фудбалски замлати на кои ќе им ветуваат Форца Милан или некаква друга Форца – директно во мајчина?

Но, откако се “разви“ оваа демократија, во која токму ваквите разбраа дека секој Никој сега може Се и Сешто, ја зграбаа шансата, ја видоа шуплината во која ќе можат да се размаваат директно од Малиот Мозок: веројатно на некои пристојни демократии им припаднаа некои пристојни и добри, а нас, во овие “историски околности“ ни припаднаа вакви, да ги трпиме, кога веќе им дозволивме (слушај, им дозволивме!) – да испливаат од анонимност во ова време на Големи Мочуришта и “трајно“ да ги окупираат нашите животи?! Имено, ги гледам пред некоја ден како се собрале, во тој фамозен Канал 5. две петорки (слушај, интелектуалци!) – веројатно за тренер од позадина е Кејбл-Гај, оној блесав Џим Кери, и при секој повикан Тајм Аут (конзумеристички речено – реклами, комшија!) ги спрема пред настап тактички како да седат и како да се држат пред Кралот?

“Ти си добар, но малку по јако против Бранко, и ти реков уште кога влеговме во зградава, ќе те ставам интендант во министерството за култура“, му вели премиерот на Ацо Рембрант.

“Видете премиере, тоа и не ви е лоша идеја“, кротко возвраќа Рембрант, дисперзирајќи во Ацо.

“Одлична идеја, премиере!“, возврати новинарот 1., а потоа почна да бледи и исчезнува во замаглената просторија.

“Слушајте!“, им викна повторно премиерот, “Миленко ми дава знак, го слушам, тропа со паричка на маса, тоа значи дека имаме уште две минути“, панично координира премиерот.

“Па ако може премиере… ми се смачи од ова новинарство!“, заурла Мирка, “ако може да ме ставите директор во некое комунално?“

„Готово! Потпишувам уште утре, ама само Бранко јако да го зачукаме и повторувајте цело време дека опозицијата нема идеја“.

„Важи, одиме!“ сите во еден глас.

“Премиере“, со тивок глас и нежен допир по рамото, милозвучно му се обраќа Мирка.

“Е.“

“Какво комунално?“

“Па ќе те ставам на друго место ако не сакаш тамо.“

“Повеќе не беше за мене“, се збуни Мирика, “кога сме веќе сами, беше за Братислав“.

“Што пак сега тој?, намрштено и возвраќа премиерот, “нели тој ќе го сензибилизира членството“?

“Да“, потврдува Мирка и тотално трансендира во тотална фантазмагорија – “ама ако може да го ставите Џафер Мики на некое погребално претпријатие?“

“Што па сега Џафер и откаде сега погребално, нели е тој музичар“, се збуни премиерот.

“Пааа, е“, луцидно возвраќа Мирка, “ама знаете како е денес со музиката и пазарот и продажбата и сето тоа…“

“Епа ајде, каде да го ставам?“

“Па ако може да биде заменик за култура?“

“Епа тоа веќе го имаме, Мирке!“

“Знам, ама тој пред некоја ден ми кажа дека вие сте чист, немате никакви петна, вие сте најреформаторски премиер од осамостојување!“

“Што е така, така е“, и со градите нанапред си ја поместува кошулата, и додава како низ пушка – “и чист сум еве веќе седум години, нели Мирке?“

“Апсолутно, премиере“, и со задоволна насмевка Мирка му дава предимство како би влегле во студиото.

“Премиере!“

“Што е сега Мирке“.

“Па за Џафер?“ несигурно го потсетува премиерот.

“Уште утре ќе се јавам и ќе дадам налог Џафер да биде директор на погребалното во Бутел“.

“Фала премиере!“.

“Ништо, тоа е моја обврска“, возврати премиерот и патриотски додаде, “па немаме два живота да му се невиди!“

И влегоа во студиото во кое почна второто полувреме од емисјата.

Кој ќе ги преживее овие времиња може да повлече црта: од сето во аманет, до ден денешен, ни останаа во наследство таканаречените тврди момци, оние чиј дух, кој и кога е сериозен и кога е во бунило и кога се “кези“, потекнува всушност од вакви студија и вакви простории на испарување! Непредува бре тоа во животот, Господ да те чува, sидови (и тоа оние Блоковските како во времето на Ладната војна) веќе не му се потребни, минатото и едноумитео исто така, оти сега, има бре тоа студија, камери и микрофони. Тврдо само, мајсторе!

Leave a Reply

Your email address will not be published.