Промоција на анализа и дебата: “Предавници, платеници и сендвич демонстранти”

Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Фондацијата Отворено општество Македонија, на 13-ти февруари, го промовираа јавниот документ „Предавници, платеници и сендвич демонстранти: Граѓанскиот активизам во македонскиот јавен дискурс“, кој го обработува проблемот на граѓанските иницијативи и нивното учество и влијание во македонското општество.

„Документот ги анализира односите внатре, во граѓанското општество, и делбата на вистински и салонски активисти. Ги анализира односите меѓу граѓанското општество и партиите, особено меѓу владејачката партија и граѓанското општество, и се обидува да ја претстави медиумската слика за граѓанските иницијативи“, истакна Бојан Маричиќ, извршен директор наМЦЕО, додавајќи дека истражувањето допира до суштината на политичката култура во Македонија.

Авторот на документот, Димитар Николовски, зборуваше за феноменот на контрапротестите кои според него имаат за цел да го сузбиваат развојот на автентичноста на граѓанскиот активизам, а тоа го прават пред сѐ, преку разни форми на етикетирање. Како дел од препораките што се насочени кон граѓанското општество, а кои се содржани во документот, Николовски ја истакна потребата од директно пристапување и контактирање со граѓаните, потребата од користење разновидни форми на протест ( на пример, хумор и сатира), како и јасност во каузата и отчетност во методите на дејствување.

Според професорот Петар Атанасов, неуспехот на автентичните граѓански иницијативи и движења, лежи во немањето колективна свест: „Многу луѓе се загубија во време на транзицијата и не веруваат дека можат нешто да променат. Од друга страна, пак, идентификувањето на вистинските демократски вредности имаат само оние кои се со високо образование“. Според Атанасов, поразително е тоа што досега не се создала широка мрежа од невладини организации кои заеднички би дејствувале против сите лоши политики на власта.

Џељо Хоџиќ, од граѓанската иницијатива „АМАН“, оцени дека партиите прават се за да ја избришат разликата меѓу „политичкото“ и „партиското“, па оттаму, во Македонија, соработката партиите со невладините организации претставува „бауч“. Од друга страна, Хоџиќ смета дека контрапротестите кои се директно поддржани од владините институции имаат за цел да внесат дополнителен страв кон малкумината кои собрале храброст да излезат и да протестираат.

Граѓанскиот активист Кире Василев смета дека на Македонија и се случува деполитизација на општеството: „Денес младите веќе не зборуваат за секс, туку зборуваат за она што им го пласираат медиумите. И кога имате таква конзервативна младина која не зборува за секс, тогаш не можете да очекувате да зборуваат за револуција“. Василев констатира дека се потребни повеќе дебати за да се создаде нов јазик преку кој ќе може да се оствари плодна соработка и да се предизвикаат промени во општеството. 


Created with flickr slideshow.

Leave a Reply

Your email address will not be published.