(Фото)Проекција на филмот “CASS” во организација на “Проект-ЕУ” и “Лозари-Исток”

Во организација на здружението на граѓани “Проект-ЕУ” а во соработка со навивачката група “Лозари”, вчера (среда) во мотелот “Уни Палас 2” во Кавадарци се одржа кино проекција на која беше прикажан филмот “Cass”. Настанот беше дел од проектот “Стоп за национализамот” кој го реализира “Проект-ЕУ” од програмата на УСАИД. Во прекрасна атмосфера на која присуствуваа претежно млади лица, филмот беше проследен со дебата и свое видување на присутните и извлекување на поенти и пораки од она што беше видено.

На кино проекцијата присуствуваа и неколку врвни кавадаречки спортисти како Ѓорѓи Мојсов и Сашко Ристов (фудбалери). Накратко проговорија за состојбите во фудбалот во Македонија а и збор-два за кино проекцијата.
“Состојбата во мак-фудбалот е многу далеку од потребното ниво т.е. како на финансиски план, како и во делот на квалитетот на натпреварување, така и во поглед на фудбалската инфраструктура (во и околу стадионите). Но ајде да гледаме оптимистички, со двата спонзора кои влегуваат во Вардар и Шкендија. А што се однесува на фудбалот кај нас, во Кавадарци, за спортот по кој мечтае целиот град (не сакајќи да ги дисквалификувам другите спортови, но ова е спортот со кој професионално се занимавам, па можеби и затоа го издвојувам) и спорт кој во минатото беше духот на градот, го допре дното. Само еден поглед кон Градскиот Стадион, и ќе ја видите реалната слика. Некогашниот извор/расадник на таленти од кој и јас потекнувам и многу други наши сограѓани, може сега да се нарече дека е пресушен, дека е “мртов“. Вратете се во минатото и потсетете се на сликата кога трибините на градскиот стадион беа полни, и мислам дека е крајно време клубот да се помрдне од мртвата точка во која се наоѓа и полека но сигурно повторно да се врати на старите натпреварувачки патики и во првата фудбалска лига како што му доликува на клуб како што е брендот Тиквеш. Што се однесува до иницијативата “Стоп на Говор на Омраза на Спортските натпревари“ можам да кажам само едно големо „БРАВО“. Големо „БРАВО“ што на некој му текнало да направи една ваква иницијатива, каде што ќе се подучат младите за коректно однесување и навивање на спортските терени. И најискрено “Од се Срце“ мило ми е што имав можност да видам на дело што и на каков начин се подучуваат младите за во иднина да знаат дека пред се спортот не познава ниту боја на кожа, ниту вера, ниту религија. И горд сум што е ова прва ваква иницијатива од Невладина Организација во соработка со навивачка група. За оваа идеја најверојатно не само што ќе се зборува во Кавадарци и Македонија, оваа идеја треба да биде пример и кај нашите соседи.”– изјави Ѓорѓи Мојсов кој минатата сезона ги бранеше боите на битолски Пелистер.

И Сашко Ристов, член на ФК Брегалница со свој став околу состојбите во македонскиот фудбал.

“Состојбите во фудбалот во Македонија од година во година се се послаби, полоши. А пак што се однесува до кавадаречкиот фудбал, ќе бидам краток и многу јасен: Немаме ни (Ф) од фудбал, во моментов. Срцето ме боли кога го гледам Градскиот Стадион празен и пуст, без публика, без гласот на навивачите, без оној момент на емоција кога домашните фудбалери ќе постигнат погодок, навивачите од илјадници грла ќе извикаат “ГООЛЛ“. А што се однесува до иницијативата за “Стоп на говорот на омраза на Спортските Натпревари“ каде учествуваат Невладина организација и навивачка група, мислам дека сме први и единствени во регионот, и сметам дека тоа е многу битен чекор кој е за поздравување од сите нас. Таквиот чекор може да допринесе само кон подобар спорт, кон подобар фудбал. Што значи време е да ги земаме за пример големите фудбалски лиги, каде што има голема култура на навивање. И пак ќе повторам, навивачката група Лозари почнува да биде промотор на таа навивачка култура.”– изјави Сашко Ристов.

Претставникот од навивачката група на “Лозари”, Орданче Бошковски, ја потврди неприкосновената соработка во овој проект и потенцира колку се важни настаните од ваква природа како и општествената одговорност на навивачката група.

“Денешниот настан само ја продлабочува соработката на здружението на граѓани “Проект-ЕУ” и навивачката група “Лозари” и испраќа една благородна порака до кавадаречката а и пошироката спортска и културна јавност. “Лозари” безрезервно ги подржуваат акциите од ваков тип и притоа земаат активно учество во нивната реализација. Нашата хуманост, солидарност и општествена одговорност сме ја покажале многупати досега, како меѓу граѓаните така и на трибините. Проектот “Стоп за говорот на омраза на спортските терени” го поддржуваме максимално, и ќе бидеме активно вклучени во сите наредни акции кои ќе ги организираат од “Проект-ЕУ”.Хуманоста и солидарноста на навивачите од Кавадарци никогаш не била ставена под знак прашалник.Тоа го говорат многуте хуманитарни и крводарителски акции кои ги имаме организирано. Последна од редицата акции беше минатата недела кога на градскиот плоштад во Кавадарци организиравме хуманитарна акција за помош на поплавените делови во Србија и БиХ.” – изјави Бошковски, еден од фронтмените на “Лозари”.

Од “Проект-ЕУ” задоволни од денешниот настан.

“Задоволството за денешниот настан е мое, како и на останатите членови од здружението “Проект-Еу”. Проектот кој е во фаза на реализација од програмата на УСАИД, “Стоп за говорот на омраза на спортските натпревари”, продолжува со исто, интензивно темпо. Мило ми е што на денешната кино проекција со своето присуство не печестија и неколку врвни кавадаречки спортисти. Соработката со “Лозари” не запира овде. Напротив, веќе наредната недела ќе го реализираме културниот настан на кој ќе бидат исцртани уметнички графити кои ќе испратат порака која кореспондира со проектот. Да не откривам предвреме детали, но настанот најверојатно ќе се реализира на една од излетничките локалитети околу општина Кавадарци. Во периодот кој следува ќе ја информираме јавноста со детални информации.” – изјави Кире Бебеџаков, претседател на здружението на граѓани “Проект-ЕУ”.


Created with flickr slideshow.

Leave a Reply

Your email address will not be published.