(Видео) Во Египет заклетва на нов претседател

Воен извор соопшти дека армијата го чува Морси од превентивни причини. Египетската војска претходно го суспендираше Уставот што го поддржуваа исламистите и соопшти дека Морси веќе не е претседател и свика предвремени избори.
Началникот на Генералштабот на оружените сили Абдел ал Сиси изјави дека на Морси му е одземена власта и дека привремено на местото шеф на државата го именува Претседателот на Уставниот суд Адли Мансур.
Претседателот на египетскиот Уставен суд Адли Мансур положи заклетва како привремен претседател. Според указот на воените власти Мансур ќе ја извршува функцијата се до изборот на нов претседател.
Најмалку 32 лица загинаа во судирите меѓу приврзаниците и противниците на соборениот египетски претседател Мохамед Морси. Опозицијата веднаш реагираше посакувајќи добредојде на промените во земјата.
Голем број граѓани во текот на ноќта прославуваа за промената на власта, по улиците ги прегрнуваа војниците, а многумина носеа слики од поранешните претседатели Насер и Ел Садат.
Меѓународната заедница во првите реакции на случувањата во Египет изрази длабока загриженост за состојбата и повика на брзо враќање на цивилната власт во земјата. Американскиот претседател Барак Обама ги повика египетските воени власти да ги предадат на брз и одговорен начин сите овластувања на демократски избрана цивилна Влада преку отворен и транспарентен процес, соопшти Стејт департментот.
Сирискиот претседател Башар ал Асад изјави дека масовните протести против египетскиот претседател Мохамед Морси, кој беше соборен од власт од армијата, го означуваат крајот на политичкиот ислам.
 

Leave a Reply

Your email address will not be published.