Притворот на Кежо и на Паско

Што значи кога паѓа довербата во сите институции, а расте популарноста на еден човек

Томислав Кежаровски и Паско Кузман, новинар и археолог, две јавни личности се лишени од слобода и се во притвор под прилично нејасни околности за пошироката јавност. Кежаровски е зад решетки во истражен затвор безмалку два месеца, а Кузман повеќе денови во домашен притвор. По одлука на Судот двајцата во различни услови чекаат да заврши истрагата осомничени дека го прекршиле законот за различни дела. Познавачите на судското секојдневие би рекле ништо невообичаено. Во моментот во врска со двата предмета има повеќе познати луѓе, јавни личности во притвор и под истрага, ама за нив не се се крена толкава прашина како за овие двајца. Зошто?

Паско Кузман повеќе години е прв човек за заштита на културното наследство на Македонија, државен археолог, татко на македонската потрага по пославно античко минато, омилен кај вмровските фанови, љубимец на премиерот Груевски, експониран секојдневно во јавноста со своите археолошки истраги, но уште повеќе со свои погледи за историски настани различни од официјално прифатените научни вистини, но затоа, пак, многу допадливи на добар дел од јавноста и на власта. Веста за негово приведување со лисици на рацете да даде исказ во Судот предизвика шок, сомнеж и лавина од најразлични реакции. Затоа протестираа археолошките друштва со јавно обраќање до судските инстанци и пошироката јавност, барајќи слобода за Паско. Лично премиерот изрази големо жалење за она што му се случува на Паско, со оградување дека не знаел за тоа. И министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска изјави дека ништо не знаела за приведувањето во Судот на Паско Кузман. Според она што досега е соопштено на јавноста, Паско е под истрага и во домашен притвор за неплатен долг кон полицијата која обезбедувала трагачи по големо богатство кај Велес и Делчево што германските војски го закопале за време на Втората светска војна при повлекување од Африка. За таква одлука да се копа и да се вршат истраги Паско наводно немал овластувања, а се споменуваат и некакви дневници бесправно исплатувани. Овие обвинувања ако им се верува на медиумите и на судот што досега се јавно приопштени, сепак се многу тенка работа за такво јавно понижување на Паско Кузман.

Томислав Кежаровски е долгогодишен новинар и уредник во црните хроники на повеќе медиуми. Пишувал за најтешките криминални стории во изминатите 15 години и известувал од многу судски процеси. Јавно не е многу експониран надвор од делокругот на неговата професинална ангажираност. Има добри извори на информирање во полицијата и во судот. Последната новинска истрага објавена во „Нова Македонија“ во врска со загинувањето на новинарот Никола Младенов предизвика големо внимание во јавноста. Кежаровски откри цели три-четири дена по истрагата на местото на несреќата фискални сметки од наплатните рампи каде што вртел два круга со својот мерцедес ноќта Младенов на релација Скопје – Велес – Скопје. Ова откритие внесе сомнеж во јавноста. Обвинителката Гордана Ѓешкоска на конференција за печат затворајќи го случајот на загинувањето на Младенов и покрај многу неразјаснети прашања, соопшти дека сметките за патарините не се предадени ниту на обвинтелството, ниту на полицијата и покрај најавите за тоа што внесе нови сомнежи во јавноста.

Притворот на Кежароски официјано е за сосема друга работа и друго дело за текст објавен пред пет години за кој истрагата се сомнева дека предизвикал откривање на идентитетот на заштитен сведок што ако се докаже повлекува повеќегодишна казна – затвор. Дали се работи за текст кој бил напишан пред да биде заштитен сведокот, или за нешто сосема друго, како и да е не соодветстува на должината на притворот. Тешко може да се објасни потребата на обвинителство и истрагата траењето на притворот да не биде сведено на најкраткото нужно време како што пропишува членот 198 од Законот за кривична постапка. Прекршена е и основната должност на сите органи што учествуваат во кривичната постапка против Кежароски бидејќи својата обврска за правна помош не ја исполнуваат со особена итност како што налага стрикно законот. Македонија како земја-кандидат за влез во ЕУ, има прифатено обврски од европските практики во врска со медиумите и слободата на изразување.Таму стрикно стои дека е недозволиво новинар да биде во притвор поради негови известувања на јавноста.

Новинарските здруженија организираа повеќе дневни протестни манифестации за ослободување од притвор на Томислав Кежаровски. Судот во врска со ова реагираше несфатливо ригидно и навредливо, како новинарите да извршиле упад во правниот поредок на државата и со тоа се ставиле над законот и над Уставот. „Со вакво постапување на поединци се загрозува правниот поредок и правната еднаквост на граѓаните.“,обзнани Судот.

Така, за двата случаи што предизвикуваат огромно внимание во јавноста протестите на археолозите и на новинарите, јавните изјаснувања на премиерот, на министерката за внатрешни работи и на новинарите и уредниците имаат различен третман од судот.Едното е загроза на правната еднаквост, а другото е „мукла мара“.

Што мислите дали Судот докажува дека правото и законот во оваа држава е над поединците, што е идеална позиција на македонската правна држава, или можеби невешто се прикрива колку правната држава е под дикат на власта, или на еден човек.

Значи испуштено е клучното прашање во обраќањето на Судот до јавноста. А тоа гласи: зошто во оваа држава граѓаните во судството имаат најмалку доверба и го сметаат за најкорумпирано и зависно од политиката. Се разбира, може и треба да се праша и тоа зошто јавноста изгуби доверба во Уставниот суд , во Врхвониот суд, во Обвинтелството и сите судски инстанци, зошто не му се верува на највисокиот законодаевен дом, на Парламентот, на медиумите, на полицијата, на МАНУ, на Црквата и на сите институции на системот, а му се верува само на еден човек. Зошто паѓа довербата во сите, а му расте рејтингот на еден човек. Дали Македонија има само свој Господ?

Извор Утрински 

Leave a Reply

Your email address will not be published.