Пристрасноста е нашата втора природа

Во разговорот за „Време“, историчарката Латинка Перовиќ зборува за европската перспектива на Србија, за Добрица Ќосиќ, опасноста од создавање на нов култ на личноста, како и за прашањата кои Србија, после крвавите војни на просторите на поранешна Југославија, денес со тешки маки се обидува да ги реши.

 

***

Некаде во 1987 година, разговарав со тогашниот потпретседател на САНУ, Антонио Исаковиќ, со кој инаку, дотогаш повремено се гледав. Веднаш тргна да ми објаснува дека Словенците и Хрватите не ја сакаат Југославија, и дека конечно дошло време Србија да го реши своето прашање…

„Извини“, го прекинав, „вие тоа сакате војна?“

„Да“, потврди. „Но, таа војна нема да биде водена на територијата на Србија… Ќе загинат некои 86.000 луѓе!“

„Но, кои 86.000 луѓе, добога?! Чии глави?!“, прашав.

И после велат – војната дојде одеднаш. Е, не е така! И со таква хипотека е невозможно просто вртење на листот на историјата. Таа цена мора да се плати.

***

Во земја која во суштина има традиција на еднопартиски систем, односот кон политичките противници е многу важна тема. Бидејќи, иако претходните парламентарни избори се завршени со губењето на власта на Демократската партија, победникот ја продолжува изборната кампања која се претвора во линч. Ве потсетувам дека радикалите на Пешиќ имаа доминантна позиција и во парламентот и во сите институции, и тогаш опозицијата беше занемарлива и често карикирана од мнозинството. Но, побогу, тоа е почеток на дваесеттиот век! Меѓутоа, ако вие, стотина години подоцна, ја покажувате истата тенденција преку политичкиот противник да дојдете до унисон политички систем, тогаш станува збор за многу опасни намери. Зашто, невозможно е да се развие политичкиот живот, а да се укине плурализмот. Во социјално истрошеното општество без демократска традиција, мора да се створи маневарски простор за конкуренција на идеи, за можности за избор; мора да се направи општество во кое еден министер, после загубата на изборите, нема да оди во затвор; мора да создадете постабилен систем кој ќе се воздржува сето она што е донесено по законите на претходната власт да го прогласи за неважечко. Тоа е недозволиво.

 

***

Пристрасноста е нашата втора природа. И таа – и кај едните и кај другите – е израз на одредена фрустрација. Јасно е дека работите не одат во добар правец- особено во споредба со останатите. Без разлика на кризата, Србија е инфериорна, доцни… Хрватска е мала земја во која има 1,26 % од територијата на ЕУ, а 0,86 % жители; сепак во ЕУ е примена како субјект кој учествува во процесите. Србија тоа никогаш не го разбра.

***

Србија просто одбиваше да ги прифати другите како субјекти, затоа толку доцни. Лутината за која зборувате е последица не само на фрустрациите предизикани со тоа доцнење, туку за жал, и на нашата политичка култура. Па, не можете во секој што мисли поинаку да гледате непријател! Покрај тоа, одамна престанавме да водиме сериозни полемики за што било. Наместо аргументи, имате дискредитации, навреди ad hominem… Зошто? Зошто воопшто служи истурањето на тој отров по хартијата и екраните? Зошто би морале да се пресметуваме на тој начин? Побогу, не можете да му го уништите достоинството на човекот само затоа што не се согласувате со него! Од друга страна, критиката на власта, потсетувањето на луѓето на нивното минато, на она што го произвеле со дела или зборови, не е навреда; тоа е рационално предупредување во корист на целите кои ги прокламира групата за која зборуваме. Секако, само ако е искрена во тоа.

***

 

Што подразбирате под старите модели?

Подразбирам константен судир со реалноста што доведува до несогласување и со соседите и со светот, најпосле; тој модел доведува до внатрешен судир во самиот српски корпус.

***

Неодамна рековте дека тоа што Србија не ја разбира сегашноста, што ја губи способноста да комуницира со светот, го забрзува историското исчезнување на српскиот народ. „Би требало“, велите, „ да се соочиме со современоста, па дури потоа да се вратиме на минатото и конечно да се запрашаме зошто сме тука каде што сме“. Зошто не се одвива ниту едниот, ниту другиот процес?

Имаме ли, Тамара, капацитет за такво нешто? Покрај тоа, колку и да се трудиме, не можеме да им забраниме на луѓето да се сеќаваат. Дотолку повеќе што знаеме дека тој вид на соочување и длабоки пресврти се невозможни без вистинска катарза. Во таа смисла, се плашам дека тука често се прават погрешни аналогии со германскиот канцелар Вилијам Брант.

Погрешни, бидејќи Вили Брант никогаш не бил нацист?

Тоа е клучно! И тука, ми се чини, намерно се прави превид. Покрај тоа, Брант во Полска клекна дури кога направи источна политика и изјави дека Германија ќе биде земја на помирувањето. Така што, тоа баш и не е исто… Не сакам априори да се сомневам во кого било; но не сакам ниту од моите сеќавања да исклучам одредени традиционални карактеристики на оваа политика, моменталниот контекст, меѓународното опкружување… За да бидете критични спрема некоја власт, морате да земете предвид многу елементи, тоа е единствениот начин таа вистински да се легитимира и да ги каже своите намери.

Од вас зборува внимателноста, искуството, или сте едноставно строги?

Не сум строга. А не сум ни внимателна спрема луѓето, се работи за внимателност спрема процесите, спрема искуството во кое ја сместувам оваа власт. Знам кои се, од каде доаѓаат идеолошки, каков е нивниот пат. Секако, вие можете да ја преземете програмата на некоја друга партија, тоа не е забрането, но повторувам, не гледам дека тука има сериозен пресврт. Едноставно, немам докази за тоа.

Што би ве убедило?

Да речеме, зајакнување на институциите, кои и покрај ветувањата, не гледам дека јакнат. Покрај тоа, мислам дека идејата за модернизација во овој момент доста се профанизира.Точно е дека таа го подразбира економскиот развој, индустријата, општествените слоеви, но тоа сè уште не е модерност. Модерност е положбата на граѓанинот во општеството, политичките односи, политичката култура… Тоа во Србија секогаш било раздвоено.

Мислејќи на Европа, Никола Пашиќ ќе каже:

„Ќе ја земеме нивната наука и техника, но нема да го земеме нивниот дух“

Но, таа наука и техника се неодвоиви од тој дух. Од духот на рационалноста, слободата на индивидуата, слободата на стопанисувањето, политичките слободи… И тука се враќаме на тезата, дека наводно, сè може да се заборави, дека низ сè може да се помине, дека сите сме исти… Па, не сме…

Leave a Reply

Your email address will not be published.