Приказни за името, симболите и историјата

Народите Сакалава и Тодо

Народот Сакалава од Мадагаскар не го кажува своето име, или името на своето село, на странците, за да оневозможи какви било незгодни ситуации поради евентуалната погрешна употреба.

Припадниците на народот Тодо од Јужна Индија исто така не сакаат да ги изговараат своите имиња и, ако ги прашате за името, ќе викнат некој друг да ви го каже.

Тинго, прирачник за јазици

 

Вигоовци и ториевци

„Виг“ (вигоовци) е скратено од „Вигамор“, што било име за група шкотски бунтовници од 17 век. Не е сигурно од каде потекнува името Вигамор, како ни зошто тоа име се покажало соодветно за група моќни англиски благородници. Првпат поспрдно го споменале ториевците, но целната група тоа име го пригрлила со гордост. Токму истата работа се случила и со изразот „ториевци“.

Бил Брајсон, Дома

 

Кога фикцијата се претвора во историја

Кога ќе умрел царот, истиот момент со него умирале не само неговите жени и наложници туку и сите „мудреци“, луѓето со некое знаење, кои инаку ги викале amautas. Нивната мудрост служела само за владетелот да може да изврши измама: фикцијата да се претвори во историја. Преземајќи ја власта, новиот Инка со себе доведувал сосема нова свита од amautas, кои биле должни да го создадат и вообличат колективното помнење, значи историјата, и да го корегираат минатото така што претходните цареви ќе ги потиснат во заборав. На тој начин, сите претходници завршувале во заборав, како никогаш да не постоеле. Инките своето минато го претворале во литература за сегашноста да ја направат вечна, што инаку е идеал на секоја диктатура. Тие ги забраниле поединечните вистини, кои секогаш се спротивни на официјалната, единствена и неотповиклива вистина. (А како плод на сето тоа, царството на Инките е општество без историја, во најмала рака општество без анегдотска историја, бидејќи никој не бил во состојба уверливо да го реконструира минатото коешто толку доследно се пресоблекувало и соблекувало како искусна стриптизета.)

Марио Варгас Љоса, Царството на Инките

 

Како се дипли знаме

Еден ситничав десетар ми одржа лекција: „Тробојката не се дипли ни како извидничка, ни како Хермесова марама.“ Ја запомнив неговата лекција. Не само што мора да се дипли со подвивање на ткаенината – што е тешко, бидејќи не допушта да се добијат јасни набори, та оној што така би здиплил најверојатно од целата ткаенина би направил клопче – туку, кога се дипли знаме, мора да се види само сината боја. Белата и црвената мораат да се најдат внатре во сината, која им служи како омот. Во најлош случај, ако знамето не е големо, белата може делумно да премине преку обемот на добиениот правоаголник, но црвената никако не смее да се покаже! Од здипленото знаме црвената мора да исчезне!

Мишел Пастуро, Боите на нашите сеќавања

 

Дали нијансата на бојата е битна?

Боите на знамињата имаат апстрактни, концептуални, хералдички бои, во коишто нијансата не е битна. Сината боја на француското знаме, налик на хералдичко синото од старите француски грбови, може да биде морско сина, средно сина, небосина, може да тежнее кон зелена или виолетова: тоа не е важно ниту има какво било значење. Битна е идејата на синото, белото, црвеното.

Ретки се земјите (Уругвај, Израел, Катар, Бахреин и некои други), кои ги дефинираат боите на своите знамиња во однос на некој референтен нијансер. Тоа главно се земји во развој, или земји кои неодамна стекнале независност. Таквата хроматска прецизност, всушност, не е во склад со традицијата на симболот, за којашто идејата на бојата е побитна од нејзината материјалност или колорит.

Мишел Пастуро, Боите на нашите сеќавања

 

Карас

Карас е дервишки концепт и значи: твојата група. Тоа е чувството дека сите што ги среќаваш на некој начин се поврзани со тебе. Мораш нешто да научиш крај нив. Дури и ако е тоа некој што седнал покрај тебе во автобус. Некој кој на улица те прашува за адреса. Сите тие се дел од твојата група, карас. А ти самиот, на некој начин, си одговорен за сите нив и за целата констелација.

Извор ОКНО

Leave a Reply

Your email address will not be published.