Три кривични пријави против Ванчо Апостолов, градоначалникот на Неготино

МВР поднесе три кривични пријави против градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов

Полицијата во Неготино поднела три кривични пријави против градоначалникот на општината, Ванчо Апостолов, кој се товари за злоупотреба на службената положба и овластување, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Како што информираат од МВР, првата кривична пријава е поднесена бидејќи градоначалникот од 2014 до 2017 година без тендерска постапка склучил договор со локален интернет-портал за рекламирање на општината, објавување огласи и конкурси, текстови за тековното работење и за други услуги од информативен карактер. На порталот за услугите во овие четири години му исплатени вкупно 480.000 денари (околу 7.800 евра), односно сумата за која МВР го товари Апостолов дека го оштетил буџетот на Општината.

Со втората кривична пријава, градоначалникот е осомничен дека кон крајот на 2015 година издејствувал Советот на Општината да го прифати барањето фирмата „Рудуна енергија“ за ослободување од плаќање на надоместокот за уредување на градежно земјиште (комуналии) за изградба на фотонапонска електроцентрала, во кое тој бил еден од содружниците и основачите.

„Спротивно на Законот за судир на интереси, со одлука на Советот на Општина Неготино, друштвото е ослободено од плаќање надоместок за комуналии во висина од 1.765.000 денари (28.700 евра), со што за таа сума е оштетен општинскиот буџет“, стои во соопштението на МВР.

Апостолов е осомничен и дека кон крајот на јули оваа година донел решение за престанување на мандатот на в.д. директорот на Основното училиште „Страшо Пинџур“, кој бил поставен на оваа функција кон средината на октомври 2015 година. Според полицијата, градоначалникот не ги испочитувал роковите на траење на мандатот на вршител на должност на некоја функција.

Извор МЕТА