Причина повеќе зошто измените на законот за хонорарци се “срање во боја”

Аница Димовска не е во редовен работен однос и остварува приходи само врз основа на хонорари, пренесува ТЕЛМА. Иако уште пред десетина дена ги уплатила придонесите за здравствено осигурување, се’ уште не може да се лекува на товар на државта. Отишла во Фондот за здравствено осигурување, но не добила конкретен одговор зошто е тоа така.
– Од еден шалтер на друг, па на крај разговарав со шефицата за да проверат во системот дали може да се искористи здравственото осигурување, но системот покажа дека нема основа за такво нешто. Потоа следуваа прашања од типот дали претходно сум била осигурана, по која основа за на крај да констатираат дека не можат да ми помогнат, бидејќи во системот е заведено дека нема основа за здравствено осигурување иако веќе сум ги платила придонесите за минатиот месец, раскажува Димовска.

Таа се обратила и во Фондот за ПИОМ, каде се поднесуваат пријавите за заработените хонорари, но таму и рекле дека не можат да и помогнат и повторно ја пратиле во Фондот за здравствено осигурување. Сега е заглавена во административните лавиринти.
– Ова е исто како да отидете во продавница, да платите за некој продукт кој потоа немате право да си го земете дома. Ние плаќаме ретроактивно здравствено осигурување за од јануари до сега, а се’ уште немам право да го користам. Сега ако отидам на лекар, јас се’ мора да платам приватно. Зошто ги плаќам тие придонеси ако го немам осигурувањето во моментот кога треба да го користам, прашува Димовска.

Со проблем се соочуваат и граѓаните, кои до сега биле осигурани преку своите брачни другари, но со првите добиени хонорари во 2015 година го изгубиле тоа право.
– Тоа не би било страшно доколку хонорарите се земаат редовно и постојано, но во најголем број случаи тоа не е така, со што се отвораат многу нови процедури. Наместо да си ја работиме својата работа, одиме по шалтери да се пријавуваме, одјавуваме, па повторно да се пријавуваме итн. – вели Вања Димитриевски, кој исто така заработува како хонорарец.

– Во оваа игра со процедурите, најчест резултат ќе биде фирмата каде е вработен сопругот или сопругата да престане да делува и на крајот хонорарците ќе останат без здравствено осигурување, изјави Здравко Савески од левичарското движење „Солидарност“.

Од Солидарност ја повикаа Владата наместо често да ги менува законите, целосно да ја укине обврската за плаќање придонеси на хонорарите. Во спротивно, најавија дека ќе организираат нови протести против реформата, која стапи на сила на први јануари годинава.

Извор ТЕЛМА

Leave a Reply

Your email address will not be published.