Предизвикувачот во нокаут

Злобата умее, како што и често се случува, да постигне спектакуларен контраефект,  не’ затоа што некаде во sвездите е запишано дека “доброто секогаш победува“, туку ограниченоста е ограничена, па во таков однос – такви ќе бидат и’ ефектите и’ дострелите.
Така тоа бива со замрсената чорба која ја приготвува Саше “политико“ – медиумски полуанонимус создаден во имагинариумот “народњаштво“ и “постмодерна“, oпкружен со неговите полуписмени памфлетни стории, пукнатина која овозможува да влезат разни чаршијски шарлатани – “добро јутро чаршијо на све четири стране“ – да долеваат разни состојки и мирудии, како би се веселела глупоста и простаклукот!

Имено, порталот “Мактел“ има желба (а желбата секогаш е желба на Другиот?) да се наметне како идеолошка парадигма на македонската “левица“ објавувајќи им народњачки и фановски четива на гладната “хедонистичка“ раја, така што кога би се вратиле на почетокот на текстот (Саше “политико“ воопшто не е глупав – создаде портал на ниски страсти, ушушкан во опозиционата котерија од бизнисмени, и не е никакво чудо – а чуда се изнагледавме: Саше може да стане не’ Саше, ами Митровиќ, Жељко!) – човечката злоба е сама на себеси најголемиот непријател.

За што всушност се работи, господине Холмс? Со месеци, разни груевци и заевци не’ убедуваат дека нивните “политички“ мотиви се за “доброто на народот“, а пак оној злобен НВО Сорош ни смета што  ја “политизира сета ферфетутма“. И миц-по-миц, ќе се јави, прашање е на денови, некој заевец или груевец, само како би можеле да бувнат по некоја увреда или дисквалификација кон Владимир Милчин и Невладиниот Сектор. Типично фолклорен табиет, ама Службената Верзија е дека се работи за, Боже Мој, “бришење од политичката сцена“ затоа што, Боже Мој, “само ние знаеме како со народот свој“. Најпрво ќе го нокаутираме, потоа ќе го информираме дека нема да го промениме името, идентитетот и слични параноично-географски-имагинариуми, за кои дебатираме низ кафани, опскурни сокаци и погромашки канцеларии. Од зашеметеноста на “народот наш“ ќе му броиме: девет, осум, седум… четири, три, два…

Саше “политико“ и сличната болумента околу него, како и сегашниве мародери и пљачкаши – Болшевиците на новиот македонски поредок, корнат од изразен “антиамериканизам“ и “антиевропски сентимент“, па дури се дрзнуваат да бидат и’ против целата Европска Култура, оти имаме и ние свои коњи за трка – закопани во својот јазик и’ провинцијализам, не’ гледаат никаков проблем. 

Нивната разочараност како “параопозициона“ матрица, од именката Европа, станува Утопистичка мантра – Европа денес е магична формула која треба преку ноќ да ни ги реши сите проблеми, пред се’ материјалните, како други проблеми да немаме – па удри по “народот“: Није Слобо крив, ми смо говна?!

До вчера во таа Европа не’ втеруваа разни економски Карл Маркс(овци), а денес некој Џорџ Сорош, кој кога нема да ни оди (у животу мом!) ќе му го расплачеме мајчето, само како би се приближиле уште поблизу до Европа.

О, каков лудачки галима(н)тијас! Ете ви, на едно место, во еден задушен и запуштен “солипсизам“, сите сашевци, заевци, груевци, кои деноноќно и упорно, дрвено и стерилно, оперираат со локалниот Националистички Ум: тука е и лошиот Владимир Милчин, заедно со берзантскиот спекулант Сорош, Европјаните, Американците и Карл Маркс; не му се даваме бре на никаков Светски Поредок, ние имаме наши паранои – “не го даваме идентитетот“ – не се размакедончуваме само поради некакви Сороши и Европи, бре – браќа! По ласцивен ум на светот нема, но, за крај, да видиме каде е болната точка на оваа приказна.

Македонија, здружена во радикално народњаштво и радикална параопозиција – персонификувана во Саше “политико“ – тоест завиена во медиумски и интелектуален “патриотизам“ – успешно ја регистрира состојбата на духови. Сите допуштени “технички“ релативизации, замајувања, забашатувања и останати категории на “прање на мозоци“ – пуштени се во полн погон! Владимир Милчин и Невладиниот Сектор е само згодна колатерална жртва. Единствено што Саше треба да разбере и неговите “свиркачи“ е дека ако евентуално добијат голем Раст кај народот, може да биде незгодно: паралелно со тоа расте и одговорноста, а со тоа и неволјите.

Една од нив, никако најмалата, е да делуваш во општество во кое суверено владеат Столбовите на Поредокот заинтересирани единствено за тоа да “младоста“ и “бесвеста“ останат во нераскинлива врска. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.