ПРЕДИЗБОРНА ФАРСА

Никола Груевски и Али Ахмети инсценираа кавга и од државата направија детска градинка

Никола Груевски и Али Ахмети, политичките лидери кои ја делат власта според висината на уделите во компанија без ограничена одговорност, ни приредија уште една изборна фарса. Ортаците ѓоамити страшно многу се скараа без да си разменат ниту една реченица во меѓусебен дијалог, или дебата. Без да се сретнат јавно, преку своите гласници, направија од државата детска градинка приредувајќи евтина забава за деца и возрасни. Инсценираа албанско-македонска кавга и побараа заедно со претседателските и вонредните парламентарни избори за кои допрва треба да се провери дали се во согласност со изборниот закон за да можат да се одржат во вториот круг. Претседателот на ДИК пред извесно време јавно ја проблематизираше ваквата можност.

Како тргна оваа драмолетка? Прво, Али Ахмети како рицар театрално викна – ние не можеме да одиме на свадба и да се вратиме без невеста. Ако нема невеста по наш ќеф не гласаме на претседателските избори. Никола Груевски како боксер во ринг каде што наместо противник има само една боксерска вреќа храбро возврати. Невестата е веќе пет години во брак со ВМРО-ДПМНЕ. Нема развод. Не сакаме да пукне резил и да ни гледаат сеир душманите. Снаата ни е мирна и послушна, по цел ден пере валкани алишта, пегла и пее, а без збор кавга ги простува сите гревови на неверниот сопруг. Поарна не можеме да најдеме.

Ако е така, ајде да одиме и на претседателски и на предвремени парламентарни избори, викнаа гласноговорниците на партнерите, луто и бесно еден на друг. И така би. Договорено – остварено. Предизборната претстава со откажаната свадба и развод на веќе омажената невеста која е во стабилен брак е најголемиот предизборен циркус во изминатите, ќе биде, 23 години недозреана парламентарна демократија. Во овој период на талкање на државата навистина сешто се нагледавме, ама вакво партиско шоу, ваков боза филм со очајно лоши глумци чинам немаме видено кога партнерите што имаат апсолутна власт и двотретинско мнозинство во парламентот си нарачаа избори со трикови и лажен судир.

За неполни осум години граѓаните на Македонија ќе одат осумпати на избори. Двапати локални, двапати претседателски и четирипати редовни и предвремени парламентарни избори. Во стабилни држави со вакви изборни резултати како во Македонија четирипати парламентарни избори се рамни на 16-годишен мандат. Кај нас според оваа динамика, за 16 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе мора 16 пати да одиме на гласање. Колку чинат овие сјајни победи е непристојно прашање, бидејќи демократијата нема цена. И Груевски и Ахмети, како големи и докажани демократи, борци за слобода и човекови права, како политички лидери кои имаат една голема заедничка карактеристика да ги остваруваат ветувањата, да си стојат на зборот и да работат чесно и посветено за интересите на татковината и граѓаните, не жалат ни труд ни пари да ја чуваат власта и Македонија како своите очи. Ако некој се обиде да им ја земе власта како да им бркнал во око. Затоа сосема нормални и природни се големите заеми од ММФ и светските комерцијални банки уфрлани пред секои избори за комотен релаксиран буџет кога државната каса пред избори за само месец-два го троши целиот годишен дефицит, кога во партиите стасуваат во вреќи кеш пари кои ги донираат благодарните граѓани и компании, а не ни знаат дека тоа го направиле. Погледнете ја динамиката на задолжување на државата и ќе ви биде совршено јасно исто како и на секој банкар кој знае кога Македонија оди на избори. Разликата е само во тоа што секоја година каматите се повисоки, а ние сме се’ пониско задолжена земја во Европа и во светот. Исто така, многу непристојно би било да се прашаат лидерите на татковинските и патриотски партии на што ги потрошија долговите и милијардите евра пари на граѓаните во овие осум години целосна власт. Тие имаат цела прашума од остварени проекти и сметкопотврда за секоја зделка, за секоја врба или кое било засадено дрво, за секоја фасада и колонада, за секоја гаража, гемија и галија, или капија, за секоја вртелешка или тркало, за секој коњ, лав и фонтана, за секој споменик до едно кило бронза, за се’ има уредно издаден документ „каса примил“. Затоа не треба ич да се прави муабет. Се’ си е на свое место. Веднаш по изборите партнерите ќе си седнат на своите места и консензуално ќе се договорат како да го поделат пленот. Сегашното политичко- пропагандистичко шоу со конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ и свадбата без невеста на Али Ахмети беше неопходно за да се оправда фарсата со изборот на претседателскиот кандидат за уште еден мандат и да се протнат предвремените парламентарни избори како историска потреба, божем за воспоставување на консензуална демократија.

Целата оваа ујдурма е јасно видлива. Она што е тешко да се процени во овој момент е дали политичката култура на граѓаните во Македонија ќе ја надмине заслепената партиска припадност и ќе уследи казна за оваа навредлива предизборна пародија што ја приредија Груевски и Ахмети. И второ, што бидна со изјавата на претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Рилкоски, дека не се исполнети сите предуслови за фер избори, особено ако се одржат заеднички предвремени парламентарни избори во вториот круг на претседателските избори, за што како што рече има пречки во изборниот закон. Ако и ова може да се голтне во парламентот, тогаш нема што повеќе да се каже. Амин. 

Извор УТРИНСКИ

Leave a Reply

Your email address will not be published.