ПОВИК ДО НИКОЛА ГРУЕВСКИ!

Загрижен за состојбата во државата, денес, чисто сам, отидов пред Владата и викнав!

Никола!
Ти си премиер! Но Ти немаш изборен легитимитет! Затоа ќе Ти се обраќам само со Никола!

Никола!
Дојдов сам но зборувам во име на сите македонски бранители од 2001-та!!! И на живите, и на ранетите, и на загинатите! Ако некој бранител не се согласува со она што ќе го кажам, нека излезе јавно, прво нека каже каде, кога и во кои битки бил во 2001-та а потоа нека се огради од мојата изјава! Дотогаш, Никола, зборувам во име на сите македонски бранители!!!

Никола!
Будно ги следам сите случувања во нашата држава. Држава за која ние се боревме. Држава за која бевме подготвени да загинеме. Држава за која некои од нас загинаа. Држава за која некои од нас беа осакатени. Работата Никола не оди на арно. Всушност, оди на лошо. Работата оди на многу лошо! Кон крвопролевање. Кон братоубиствена војна! Ако Ти Никола, не можеш да видиш, јас гледам!!! Гледам и чувствувам!!!

Никола!
Ние, македонските бранители од 2001-та не се боревме за ваква Македонија!!! Македонија во која ќе владее омразата и стравот. Македонија во која луѓето ќе се убиваат меѓу себе. Само затоа што не мислат како вас! Само затоа што не одработуваат за вас!

Никола!
Ако Ти остана барем малку морал, ако Ти остана барем трошка чест и достоинство! Оди си. Пред да стане доцна! Сам. Без предизвикување дополнителна штета. Без ширење дополнителна омраза. Без нанесување нови и нови трауми на македонските граѓани. Не ги вовлекувај во валкана и нечесна војна луѓето кои сеуште Ти веруваат! Таму, околу тебе, и насекаде во ВМРО-ДПМНЕ има прекрасни луѓе. Прекрасни Македонци. Прекрасни патриоти! Македонци подготвени да загинат за Македонија. Не ги вовлекувај овие искрени и чесни луѓе во Твојата нечесна и валкана војна.

Никола!
Не дозволувајт Твоето име, со големи црни букви, да остане запишано во македонската историја. Бидејки Ти, и покрај сѐ, имаш направено и добри работи и дела! Дела кои ќе останат вечно. Да сведочат за Твоето владеење!

Никола!
Остави ја Македонија на мира. Државата постепено ќе си ги залечи раните кои ги отвори твојот налудничав тим, со неговото налудничаво владеење. Ќе треба време, ќе треба многу време, но омразата и нагонот за самоуништување меѓу македонските граѓани ќе спласнат! И луѓето ќе продолжат нормално да живеат.

Никола!
Ние, македонските бранители од 2001-та, нема да дозволиме ново крвопролевање меѓу македонските граѓани!!! Во никој случај. Дури и во случај да треба повторно да се жртвуваме.

Никола!
Доста ни беа закани, доста ни беа убивања, доста ни беа рушења, доста ни беше омраза! Сакаме да живееме! Нормален живот. Како сите нормални луѓе! Сите македонски граѓани заедно! Без разлика на верската или етничката припадност. Бидејки сите ние, пред сѐ сме луѓе. Луѓе низ чии вени тече крв. А крвта не е македонска. Не е ни албанска. Ни српска, ни турска, ни ромска… Крвта Никола, пред сѐ е – човечка!!!

(Текстот е превземен од Фејсбук профилот на авторот)

Leave a Reply

Your email address will not be published.