ПОУКИ ОД БРИТАНСКИОТ ИЗБОРЕН МОДЕЛ

Услов за да гласаш на изборите е да бидеш регистриран гласач, а не само државјанин на Британија. Затворениците немаат право да гласаат

 

Во Велика Британија, која има околу 60 милиони жители, има околу 45 милиони регистрирани гласачи. Услов за да гласаш на изборите е да бидеш регистриран гласач, а не само државјанин на Британија. Регистрирањето на гласачите е законска обврска на секој што поседува стан или живеалиште во земјата.

Секоја година сопствениците на становите, под закана од казна во висина од 500 фунти, пополнуваат формулар во кој ја информираат општината дали на нивната адреса живеат луѓе кои ги исполнуваат условите за гласање, односно луѓе кои се државјани да Британија, имаат наполнето 18 години, постојано живеалиште на таа адреса и немаат некоја забрана за гласање. Ако на таа адреса живеат потстанари, сопственикот на станот е обврзан да каже кои се, дали меѓу нив има лица кои се гласачи и од кога живеат на таа адреса. Сопствениците на станови се обврзани да ги доставуваат овие информации до општината секоја година на посебен формулар за регистрирање на гласачите и општината е единствено надлежна за водење и ажурирање на избирачкиот список. Оттука, таму не може да се случи на некоја адреса да бидат регистрирани преку ноќ триесетина избирачи што живеат во друга држава, ниту во избирачкиот список да се најдат починати лица или едно лице да биде регистрирано со постојано место на живеење на две или повеќе адреси.

 

Малку е познато дека во Британија активно избирачко гласачко право (право да гласаат) немаат затворениците што се на издржување затворска казна и осудените на казна подолга од 12 месеци, а се’ уште не се упатени на издржување на казната (бидејќи се смета дека тие би гласале за влада според мерка на затворениците), но и осудуваните во претходните пет години за коруптивно или недозволено однесување за време на изборите.

Сите други граѓани, со постојана адреса на живеење во Велика Британија, како и кај нас, имаат право да бидат внесени во списокот на избирачи.

 

И за оние што живеат во странство основен услов да се стекнат со правото да бидат внесени во избирачкиот список (односно да стекнат право да избираат и да бидат избирани) е да имаат постојана адреса на живеење во Велика Британија и да не живеат подолго од 10 години во странство. Ако ги исполнуваат тие два услови, тогаш им е овозможено да се кандидираат во својата изборна единица или да гласаат за кандидатот во нивната изборна единица по пошта една недела пред одржувањето на изборите во земјата. Бројот на британските граѓани што се во странство и што гласаат по пошта е многу мал. Се смета дека има околу четири милиони граѓани со британско државјанство кои немаат перманентна адреса во Велика Британија и тие, според законот, ниту имаат право да се кандидираат ниту право да учествуваат во изборот на кандидат за парламентот. Постојаното место на живеење во Велика Британија е поврзано со плаќањето данок, а живеењето подолго од 10 години надвор од Велика Британија се смета дека го лишува од можноста британскиот државјанин да расудува компетентно при изборот на личности за британскиот парламент.

 

Услов за активно избирачко право се наполнети 18 година, а за да може да се оствари пасивното избирачко право, односно да се кандидира некој граѓанин за член на парламентот, мора да има најмалку 21 година. Со други зборови, се бара поголема зрелост. Но, за разлика од кај нас, право за да се кандидираат за пратеници не им е дозволено и на – лица што имаат неплатено долгови кон доверители по банкротирање на нивната фирма или бизнис (за ова се води посебен регистар во судовите); лица осудени за нелегални или коруптивни активности во време на изборите (седум години по извршување на таквото дела); директорите кои ги именува владата во компании во кои има свој удел во капиталот и директорите на Националната банка на Англија; членови на управните одбори во јавните претпријатија кои се сопственост на државата. Лицата на кои според законските прописи им е забрането да се кандидираат за политички функции, заради зачувување на нивната политичка непристрасност во извршувањето на нивните функции се високи државни службеници, судии, амбасадори, офицери и војници, вработени во полицијата. Така, Британија ја зачувува политичката непристрасност на јавната администрација, војската и полицијата.

Државната изборна комисија е професионален, независен орган на државата, избран од парламентот. Таа го води регистарот на партиите, ги контролира финансиите на партиите и обезбедува почитување на Законот за избори. Таа не дозволува во Британија да бидат регистрирани партии со слични имиња и слични симболи ниту носители да бидат кандидати со исти имиња кои би можеле да го збунат избирачкото тело. Таа има право да го одбие регистрирањето и учеството на такви партии доколку не пристапат кон промени според нејзините инструкции.

Изборната комисија ниту пребројува гласови, ниту решава по жалби, ниту прогласува победници. Сето тоа е во надлежност на изборната администрација на 630-те изборни единици. Централната изборна комисија само го објавува конечниот извештај од парламентарните избори.

 

Според законските прописи, Централната изборна комисија е составена од најмалку 5, а најмногу 9 члена. При изборот на членови се води сметка за стручноста на избраните лица во однос на надлежностите на комисијата и за законските ограничувања според кои, за разлика од кај нас, за член на оваа комисија не може да биде избрано лице кое е член на политичка партија, се наоѓа на избрана функција, лице кое во претходните десет години пред именувањето било вработено во службите на некоја од регистрираните партии, имало избрана функција (министер, член на парламентот, градоначалник или советник) или било регистрирано како донатор на политичка партија во регистарот на донатори што го води Изборната комисија.

Од денот на распуштање на парламентот до денот на одржувањето на изборите обично остануваат само три недели за изборна кампања. Во овие три недели на пратениците им е дозволено да водат изборна кампања во нивните изборни единици, преку одржувањето митинзи, делење изборни ливчиња, програми, истакнување билборди, рекламирање во весници, агитирање по телефон, преку пораки на мобилни телефони, одењето од врата до врата и сл. Во Велика Британија не е дозволено рекламирање на партиите преку радио и телевизија. Тие со законот се обврзани да информираат за изборите целосно непристрасно, па дури и ако нивните сопственици решат да се кандидираат на изборите.

Во трите недели од изборната кампања, партиите имаат право да бидат објавени нивни спотови на телевизиите, во зависност од тоа колку кандидати во земјата имаат истакнато, но одговорните уредници на телевизиите и радиото имаат право да одбијат објавување на спот кој го сметаат за навредлив или штетен за јавниот морал.

 

Испитувањата на јавното мислење за рејтингот на партиите и објавувањето на нивните резултати во медиумите е дозволено до самиот ден на изборите, но медиумите објавуваат резултати исклучително од реномирани агенции кои водат грижа за зачувувањето на нивното реноме на добри прогнозери. Не постои изборен молк пред денот на изборите. Но, се чини и дека нема потреба во една атмосфера на високо меѓусебно почитување на актерите во политичката игра и медиуми кои се држат строго до своите професионални и етички стандарди. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.