“Последниот петок“ – документарен филм посветен на Ристо Соколов Сокол

Денес (16 април 2015), на каналот Youtube (Youtube каналот на Studio Express), во 18.30 часот, премиерно ќе биде емитуван краткиот документарен филм посветен на последната самостојна изложба на еден од најпознатите кавадаречки и македонски ликовни уметници Ристо Соколов Сокол – “Ретро Арт – Нови моменти“, една од најпосетените ликовни изложби (Музеј – Галерија Кавадарци) воопшто во Кавадаречките изложбени салони со децении наназад. Филмот е насловен “Последниот петок“, симболично според традицијата која Ристо Соколов ја имаше, своите изложби да ги отвора во вториот петок на декември. Целосен автор на “Последниот петок“ е Тони Коцев, познат кавадаречки уметнички фотограф, еден од долгогодишните најблиски соработници на Ристо Соколов Сокол. Филмот премиерно ќе се презентира на Youtube каналот на Фото студиото “Експрес“ од Кавадарци, како посвета на повеќедецениската плодна и искрена уметничка соработка на Ристо Соколов Сокол со ова Студио.

Последната изложба на Ристо Соколов Сокол беше отворена на 12 декември 2014. Роден на 16 април 1958 на сам ден Велигден, не напушти на 14 февруари 2015 на сам ден Свети Трифун. Зад себе остави извонредно ликовно творештво, кое несебично го делеше со љубителите на ликовната уметност, со неговите пријатели и соработници. Сликар, графичар, студент на генерацијата, перформер, ликовен иноватор, организатор на познати меѓународни ликовни колонии, уметник кој со последните неколку ликовни циклуси (“Траги“, “Некогаш и денес“, “Ретро Арт – Нови моменти“) постави неверојатно високи ликовни стандарди, кои допрва ќе го носат вниманието кон неговото творештво како еден од најголемите во поновите генерации на врвни македонски ликовни уметници.

Емитувањето на краткиот филм “Последниот петок“ е неофицијална најава за почеток на уметнички настан посветен на творештвото и животот на Ристо Соколов Сокол, кој веќе од наредната година (2016) ќе се случува во Кавадарци на денот на неговото раѓање (16 април), а во организација и со учество на неговите долгогодишни најблиски соработници од Македонија и други земји, од секаде каде го водеше неговата уметност. Бидејќи неговиот живот беше уметност, а уметноста беше негов живот.

Leave a Reply

Your email address will not be published.