Ползечки рикверц во камено време

Сколон сум да верувам дека се’ што ја загрозува „етничката структура“ во денешна Македонија, како нешто туѓо, а гледај-гледај изгледа дури и „настрано“, „обратно“, спремни се да му ја расплачат мајката, или пак името; било чија мајка, и во било чие име


Како се испишува официјалното соопштение: група хулигани упаднале во кафулето „Дамар“ во Скопје, место во кое се одвива прослава – годишнина на ЛЏБТ заедницата, па, како што му приличи на денешниот „Табуизиран македонски контекст“, своето различно мислење (типично за секој кретен, идиот, имбецил кој не може да погледне подалеку од сопствениот папок), го искажува со камен, флаша, палка, ќотек, објаснувајќи си го, нели, погледот на светот како и појавите кои го опкружуваат.
 

Каде се раѓа бре глупоста? Каде е нејзиниот извор, нејзиното тежиште? Не можам да проникнам, знам само дека се’ што ја загрозува „етничката структура“ како нешто што се претскажува како туѓо, настрано, обратно, треба да се очисти како некаков „непожелен елемент“ индоктриниран од клетиот Запад, намерачен да му наштети на „домаќинскиот соживот“. Или да се обидеме вака. Каква врска имаат хулиганите со ЛЏБТ заедницата? Никаква. Дури и хулиганите да ја пронајдеа точната адреса, тоа повторно ќе беше погрешна адреса, оти секоја адреса, секоја без исклучок, е погрешна адреса во која си намерачил да фрлиш камен и да направиш зулум.

 

Ако ретко се памти Македонија по добро, тогаш може да се памти по низа лоши примери. Некои совршено никои, направија пичвајс во кафулето „Дамар“ во Скопје. Какви се тоа луѓето од ЛЏБТ заедницата? Луѓе кои „одвишок зборуваат“ и кои на „поштените“ Македонци со години наназад не им даваат мира, стално нешто ги опоменуваат објаснувајќи им како и не се баш толку генијален народ како што за себеси суверено мислат во ова денешно времено преполно со колективни халуцинации. А, што тоа велат луѓето од ЛЏБТ заедницата изминативе години? Хм, страшно тешко е да се објасни тоа, единствено што вирее е тоа што тие луѓе говорат некои работи кои ужасно силно ги нервира сите оние кои обожаваат да фрлаат со камења и маваат со палки; сите оние кои за себе сметаат дека се добри христијани и домаќини луѓе, само што на крајот секогаш се испоставува дека се работи за најдолен шљам!

 

Затоа тука не мора да се има некаков конкретен и видлив повод, поводот е „самиот за себе“. А тие, мора да се признае – луѓето од ЛЏБТ заедницата – реагираа господски: јасно и недвосмислено го детектираа проблемот укажувајќи дека се работи за една општествена околност во која кривецот е Владата која е одговорна за целата ултра-конзервативна атмосфера која вирее во заедницата наречена со географско име – Македонија. 

 

Факт е исто така дека се работи за фрустрирани поединци. Ама, од каде пак фрустрирани поединци знаат каде се слави годишнината на ЛЏБТ заедницата? Тие луѓе од ЛЏБТ заедницата јас ги познавам со години, а немам појма каде се наоѓа кафулето „Дамар“. Мислам знам каде се наоѓа, ама не знам баш како се стига точно дотаму, за тоа ќе ми бидат потребни неколку препрашувања. Или што би се реколо: одредени фрустрирани багабонти и хулигани бараа сосема конкретен простор, и не се смирија додека не го најдоа.

 

Како се нарекува она во кое живееме, а од чиј мрак малку-помалку ќе те ропне камен или палка? Ползечки рикверц во камено време? Еве, додека го пишувам ова, се’ уште Владата официјално не се огласува да го осуди злочинот и свињаријата како би ги откриле сторителите. Всушност, нема да се случи ништо – тврд ви стојам! – оти Сторителите невозможно е да се откријат дури и ако бидат соопштени нивните имиња. Како сега пак тоа? Оттаму што тие битанги не се ни први ни единствени сторители, туку се оние на кои багабонтите му веруваат, а кои така мислат, говорат и чинат кон оние кои се Различни од каменот и не умеат да ја артикулираат помислата дека палката, а утре можеби и нешто појако, дозволено е сретство на борба против така страшната Другост, против опасноста во вид на оние кои зборуваат работи што не смеат да се зборуваат, оти тоа што го зборуваат е Табу. И се додека тој, Табу, постои, не е најважно ни кој го дефеинира ни кој го крши – важно е само дека тие камења и палки и понатаму ќе  летаат во прозори и кафани, се’ додеа не се премине во следна фаза, онаа во која со чизма ќе се лупа низ врата. 

 

 

А, што ќе следи потоа? Тоа веројаатно не морам да ви го кажам. Тој возен ред е се’ уште е познат и се’ уште трае, ене ви го, како државна историја, ако овде има се’ уште историја – закачен како задолжителна школска литература во државното задолжително образование, само е потребно некој да има волја да учи – онака како што ќе му каже Владата.

Leave a Reply

Your email address will not be published.