Политиката заразена од корупциjа

Политиката и корупцијата одат рака под рака. Корупцијата е брат близнак на политиката. Тоа се лице и опачина. Ден и ноќ…

Ваквата перцепција за политиката е толку длабоко навлезена во македонското општество, што дури е прифатена како непобитен факт. Нешто околу кое нема потреба да се спори или да се трошат зборови. Или, како што би рекле нашите аналитичари, тоа е тврдење издигнато на ниво на општо уверување или знаење.

И не е ни можеби чудно за земја во која се мисли дека политиката е живот. Исполитизирана и испартизирана по сите основи. Каде што партиската книшка стана замена за дипломата и квалификациите. А, сигурен бизнис имаат само оние кои се на листата на „подобни фирми“ блиски до владејачките партии.

Можеби и затоа никого посебно не го изненадија, а уште помалку го потресоа најновите резултати од последното истражување на Антикорупциската комисија во соработка со ОБСЕ што ја спроведе агенцијата „Рејтинг“. Иако, добиените согледувања се најблаго речено – алармантни и поразителни. Некого треба и длабоко да го замислат. Само има ли кого?!

Што да се рече кога од 10 анкетирани граѓани, дури од 8 ќе добиете идентичен одговор! Кога 80 отсто од испитаниците без двоумење ќе кажат дека корупцијата ја има најмногу во политичките партии, а потоа во министерствата, Владата… Секаде каде што се работи со нашите даночни пари, каде што има јавни овластувања, допир со тендери и привилегии. Кога испитаниците без двоумење и во огромен процент ќе се произнесат дека постои нелегално финансирање на изборите, се купуваат гласови и се нуди поткуп. Но, она што е уште поразително е што секој петти испитаник мисли дека не може да се спречи политичката корупција. И што е уште позагрижувачко е што на вакво мислење не се имуни не само неопределените, туку и партиски обоените.

Се тешиме дека корупцијата не е само наша специфичност и карактеристика, туку со неа тешко се справуваат и нашите соседи од регионот. Ја има дури и во многу подемократски општества од нашето.

Оттаму, не случајно македонските граѓани ја доживуваат политиката на најпогрден начин. Како вистинска сива зона. Како нешто нечисто, валкано и коруптивно. Единствен начин за брзо збогатување и за остварување на сопствените цели. Без принципи и етика. Со чија помош се носат закони по скратена постапка, се заобиколуваат процедурите или се изигруваат. Политика, која е во служба на теснопартиски интереси и на бизнис-моќници. А, најмалку на граѓаните, кои со свој глас на избори им го дале правото да одлучуваат и да владеат во нивно име.

Во нашата држава, ненормалното стана нормално. Исклучокот – правило. Се навикнавме дека како граѓани сме оставени самите на себе, дека не не’ штитат институциите. Не’ направија да се чувствуваме немоќни, да мислиме дека ништо не може да се промени. Дека се’ е залудно ако нема партиски амин.

Дека е „нормално“ оние на кои се однесуваат ваквите истражувања, да ги игнорираат, па дури и спорат. Да речат: па, што? Тоа е само перцепција. Не одговара на реалноста. Не е поткрепено со докази. Нема судска завршница.

Стана „нормално“ да има спектакуларни апсења за корупција, да се прават спектакли, кои потоа во судска постапка завршуваат како издишан балон. Корумпираните да бидат во туѓите партиски редови, а политичарите од власта да бидат безгрешни и заштитени како бели мечки. Повремено да „настрада“ некој од „нашите“, колку да се оправда бескомпромисната битка против корупцијата и да се покаже дека нема селективност. Колку да се замачкаат очи.

Истиот ден кога беа објавени податоците од истражувањето, со свои согледувања во јавноста излезе и невладината „Транспаренси интернешнл“. Велат, граѓаните се плашат да пријават корупција. Зошто и да пријавуваат? Цели 22 години полна уста зборови за борба против корупција, а на дело – никакви ефекти. Затоа, политиката останува исплатлив бизнис. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.