ПОЛЕВО, ПОДЕСНО
Единствена вистинска алтернатива во моментов е автентична либерална понуда, а не подобра копија на сегашната власт
Политичката сцена во Македонија во последно време изгледа како машина за алишта пуштена на центрифуга, а политичката понуда како куп алишта во барабан: се вртат едно врз друго, се испреплетуваат, а на оној кој гледа од надвор низ прозорчето на машината се’ му изгледа како измешан куп на бои. Ако ја разгледуваме сцената како како спектар на понуди, по се’ изгледа дека борбата за рејтинг суштински ја осиромашува политичката понуда, оставајќи празен простор кој ниту една партија не го пополнува. Ова дополнително ја намалува когнитивната еволуција на електоратот, што резултира во суштинска криза на основниот општествен наратив во земјата. Ако не излеземе од тој маѓепсан круг, секоја наредна понуда ќе биде се’ поконзервативна, се’ поретроградна, се’ помалку напредна.
Во моментов политичкиот плурализам во Македонија не постои. Наративот на безмалку сите политички партии си личи еден на друг, што произведува релативно унифициран начин на гледање и оценка на политичката сцена од страна на електоратот. Речиси сите партии во Македонија застапуваат релативно популистички ставови, повеќе концентрирани на политички дневен менаџмент, одошто на суштинско политичко водство. Либерализмот, притиснат од светската економска криза, од кризата на политичкиот материјал во Македонија, е безмалку згаснат. Ќе повторам, порано беше модерно да си модерен, а сега е модерно да си традиционален.
Прашањето е зошто ова се случува. За почеток постои општа конвергенција на идеологии (читај: сите мантраат безмалку исти ставови), која во Македонија е особено засилена поради веќе трасираниот пат кон ЕУ и НАТО. Имено, фактот што имаме стратешка определба за членство во ЕУ и НАТО прави ситуација во која имаме релативно мал маневарски простор за креативни политики. Речиси сите реформи, законски решенија, па ако сакате и општествени вредности се диктирани од урнекот по кој работиме – ЕУ стандардите. Тука голем простор за алтернативни политики нема и евентуалните екскурзии во смисла на алтернативни политички сојузи, неевропски модели на економијата или некои егзотични социополитички модели се осудени да бидат решенија со краток рок, зашто како што ќе се приближуваме кон ЕУ, ќе се вкалапуваме во таа матрица која е однапред дефинирана.
Проблемот е нашата блокада на тој пат, која е предизвикана од проблемот со името, и силно реперкуира на пошироката политичка сцена. Ние објективно не сме во можност да се придвижиме кон стандардите на западната либерал-демократија, па владејачката партија зрачи со еден многу специфичен политички наратив, во кој се вештачки комбинирани многу навидум неспоиви елементи. Лепилото е популизмот и моќта на власта во промоцијата на сопствените ставови низ контролирана медиумска сцена. На пример, во актуелниот наратив на владејачката коалиција успешно кохабитира и желбата за членство во ЕУ и НАТО, но и актиквизацијата и непопустливоста за името, мерки за штедење, но и навика за трошење, соживот со Албанците, но и етничка ксенофобија, поддршка за бизнисот, но и зголемени даноци заради субвенционирање на популацијата. Со други зборови, политики кои како да се собрани и од крајното лево и од крајното десно на политичкиот спектар. На сето ова е успешно залепена една силна мантра на работливост, посветеност, синтагмата „блиску до народот“, како и популизам од најсуров вид проткаен со примеси на силна антиелитистичка пропаганда.
Притоа, фактот што ВМРО-ДПМНЕ е толку моќна во јавната промоција на своите политики прави суштинска промена на начинот на кој електоратот ја перцепира политиката воопшто. Ние веќе осум години сме изложени на интензивна кампања дека начинот на кој актуелната власт ја практикува политиката е единствен правилен и можен начин. Така се наметнува нова стереотипизација на политиката, која зазема централно место во матрицата низ која електоратот ги перципира партиите воопшто. Сега е невозможно да се замисли дека една партија би можела да владее, на пример, без многу субвенции, без интензивна промоција, без исполнување на извесни, барем појавни, стандарди наметнати од ВМРО-ДПМНЕ. Поради тоа, речиси сите партии кои пледираат да бидат конкуренција на сегашната власт, сметаат дека мораат барем делумно да ја копираат или имитираат ВМРО-ДПМНЕ, а секако се принудени да вградат силни популистички елементи во својата понуда, бидејќи се’ друго би ги чинело скапо. Да резимирам: ЕУ диктира кои политики ќе мора да ги прифатиме, а ВМРО-ДПМНЕ наметна како ќе ги спроведуваме, па сега политичката понуда се сведе на лицитација: ако ВМРО-ДПМНЕ дава 100 денари субвенција, другите партии мора да понудат 200, ако власта нуди 10% данок, другите мораат да понудат 9%. Никој не размислува дали бројката е правилна, само дали е популарна.
Како резултат на политичкиот спектар се појавуваат движења кои се диктирани од овие феномени. ВМРО-ДПМНЕ се придвижува кон лево, нудејќи евтино здравство, високи субвенции, голем јавен апарат и слично. СДСМ се придвижува кон десно, промовирајќи поголема заштита на бизнисот, намалени даноци, личен поврат на ДДВ. Сите партии се „набутаа“ во центарот: сите се за ЕУ, никој јавно не ја брани ЛГБТ-заедницата, сите промовираат субвенции, бесплатно возење во автобус, бесплатно здравство…
Проблемот на ова поместување е што за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, која не го остава десниот простор празен, пополнувајќи го со (1) непопусливоста за името и (2) вклучувајќи крајно десни радикали во својата коалиција, левицата го остави левиот, либерален наратив, празен. СДСМ, во изнуден обид да се додвори до електоратот, се придвижува кон популизам, а помалите партии како ЛДП и НСДП немаат капацитет ниту желба да го пополнат левиот простор. Сите велат: види како му оди добро на ВМРО-ДПМНЕ, дај и ние да „тераме“ така.
Како резултат, освен исклучоци од невладиниот сектор кои се стигматизирани, отсуствува автентична либерална политичка понуда. Сега не е модерна и тешко се застапува. Но, она што партиите не го перципираат е дека политичката сцена во Македонија неминовно ќе се движи во полиберален правец. Ние не можеме вечно да останеме надвор од светските движења и нужно ќе мора да ги прифатиме светските стандарди: ќе мора да ја прифатиме мултиетничноста како концепт, ќе мора да престанеме со дискриминација, ќе мора да го намалиме државното трошење и големината на јавниот апарат, со други зборови, ќе мора да станеме возрасни и одговорни. Затоа сметам дека единствена вистинска алтернатива во моментов е автентична либерална понуда, а не подобра копија на сегашната власт.
извор: Утрински