„Подемот и падот на кабарето“ – нова претстава на Владимир Милчин

„Подемот и падот на кабарето“ е најнова претстава на Македонскиот народен театар, во режија на Владимир Милчин, која премиерно ќе биде изведена в сабота. Во претставата настапува голема екипа од 22 актери кои ќе го прикажат развојот на кабарето – од неговите почетоци со Француската револуција на крајот на 18 век до 1930-тите години кога е уништено од нацистите.

Основата на претставата се „Зелениот папагал“ од виенскиот автор Артур Шницлер, чии дела, како и многу други еврејски, биле спалени од нацистите, како и „Протестен собир“ и „Војна“ на Лудвик Тома. Ќе има девет песни – осум од француски и германски автори, кои актерите ќе ги изведуваат во живо, а последната, од рускиот Данил Хармс, ќе ја отпеат во хор.

Режисерот Милчин на вчерашната прес-конференција рече дека кабарето е уметност на слободата, а тоа го платило скапо – кабаретистите биле цензурирани, притискани и биле протерувани – убиени или депортирани тие што не криеле што мислат и уметнички го изразувале својот однос кон стварноста. Претставата е уметничка посвета на, како што рече, галаксија на илјадници кабаретисти кои пееле и играле на разни сцени, во визби и подруми, од Париз до Берлин.

„Не можеме со една претстава да ја откриеме целата галаксија на овие автори, ова е само една планета на таа галаксија… И театарот на својот брат – кабарето му оддава признание зашто е простор на слободата. Кабарето е забавно, но е сериозно. Може да биде остро и зајадливо, да биде нешто плус, и кога било такво кабарето, било најславно зашто во тоа е неговата вредност“, истакна Милчин.

Иако подготовката била долга и тешка, а тој предупреден дека е „самоубиство“ да се прави претстава со голем број актери, процесот имал пријатни изненадувања, посебно што го открил талентот на актерите за играње и пеење. „Мислам дека на национални театри им прилегаат вакви проекти. Кабаретската димензија е раскошно застапена, и солистички и хорски“, рече Милчин и додаде дека песните во претставата се во функција на коментар или дополнување на Шницлеровиот „Зелениот папагал“. Оригиналната музика е на Марјан Неќак, сценографијата е на Крсте С. Џидров, додека костимите ги изработи Марија Пупучевска.

Улогите ги толкуваат: Тони Михајловски, Емил Рубен, Оливер Митковски, Камка Тоциновски, Владимир Ендровски-Љац, Арна Шијак, Сашко Коцев, Гораст Цветкоски, Борче Начев, Никола Ацески, Јордан Симонов, Благој Веселинов, Ивица Димитриевиќ, Ана Стојановска, Александар Ѓорѓиевски, Тина Трпкоска, Кристина Леловац, Емилија Мицевска, Софија Настевска-Трифуновска, Нино Леви, Славиша Кајевски и Трајче Георгиев.

Извор Утрински 

Leave a Reply

Your email address will not be published.