Плутократија или За се’ ќе си плати народот

Ако за една политичка кампања се’ верува дека е неуспешна под милион евра, а ако пак, Македонија е една од најзадолжените држави во Европа, од каде пари да се рекламира сета оваа пропагандна џунгла

ДПМНЕ, владеачката позиција е во константен маркетинг, и бидејќи е така, вреди да се запрашаме, дали самиот народ тоа ќе го плати?

Во едно друго време имаше еден афоризам кој сега го пишувам по сеќавање – никогаш, да бидам искрен, со свои очи не сум го видел, туку прочитал: Државата умира – погребот скапо ќе чини! Ова претставува иронична “досетка“ низ кулоарите во времето на “марксистичките“ теории за бескласно општество. Па, според оваа логика, државниот апарат треба да се’ растопи во свеопшто управување – време во кое “домаќинките“ и “домаќините“ ќе можат да претставуваат “естаблишмент“ (лениновска доктрина). Денес, кога го живееме “ова наше време“, смее ли да се праша нешто сосема поразлично: Ако се раѓа нова држава под власт на груевистите – во породилното на младата македонска демократија – колку ќе чини нејзиното пораѓање?!

Имено, што е поскапо – погреб или породување? На ова нема едноставен одговор, ни кога е во прашање личното, персоналното, а поготово е тешко, па можеби и опасно да се погледне во партиската каса. Во денешно време ни се вели дека се’ e во “теренската политичка програма“, така што од ден-на-ден ни станува се’ појасно ако веќе се обидуваме да процениме колку чини или вреди актуелната предизборна кампања!

Улични плакати, радио и телевизиски спотови, “пејачки-дупетресини“ на политичко-естрадни собиранки, шетање на кандидатите од село до град (и обратно), промоции и журки… – кој тоа го плаќа, комшија?! Се’ ќе плати народот, порано или подоцна, вака или онака – веќе го слушам кезењето на циникот.

“Разумниот“ вели дека партиската кампања се финансира од членството (!?), па кој има повеќе запишани членови – желни да уплаќаат и со тоа да одделуваат од својата уста, како уште еднаш би јаделе, ама малку поквалитетно – тој има полна партиска каса.
На ваквиот наивен дијалог секој еден нормален мора да се насмевне. Дури и кога би се знаела точната бројка на членовите на партиите, дури и кога би бил озваничен (во износ!) колку пари уплаќаат членовите, тој збир би бил смешен за разлика од тоа колку доминантната партија (посебно таа!) во моментот троши.

Зарем некој верува дека богаташите – партократите на ДМПНЕ – желни се’ да поделат со сиромашните?

Имено, ако се пари во прашање, и ако се рачуна дека секоја компанија која има “обрт“ помал од милион евра – таа е пропадната компанија, па, треба ли да сме генијалци – од каде сета оваа пропагандна џунгла? Мора од овде да проговори наивноста на неопределеното бирачко тело (?), не’ сфаќајќи дека власта е вредна илјада пати само ако се вложи и’ едно единствено евро. Играјќи на вакви ниски страсти – луѓето видоа дека им се исплаќа да вложуваат во груевистите.

Да се обидеме да видиме каде е дупката на зајакот, комшија! Имено, ако до вчера некои други генерации урлаа против “идеократија“ и “идолатрија“, тогаш денес треба да се веслиме на нова подметачина (?!), или она што не’ учи Слотердајк Питер – новата реалност е наречена “плутокрaтија“, или во пластичен превод – освојување на власт со помош на пари.
Да не е така, тогаш нема да ја има ни она “домаќинка“ – во лениновска смисла, да рече – “денес ќе победи онаа партија или кандидат“, сеедно, “кој(а) има повеќе пари“.

Зарем некој верува дека богатите едвај чекаат Другите да им се придружат, па потоа со нив да го делат своето богатство?

Они нас ни велат со години: секој треба да гласа според својата совест за оние кои мислите дека се “подобри“, оти во случај на грев, ќе станеш (за!) одговорен ако победат “лошите“. Ако треба да кажам за себе, тогаш ќе кажам дека според мене секогаш победуваат “лошите“ без разлика како ние персонално, лично, сме убедени дека сме гласале за “подобрите“. Кога изборните резултати не’ увериле дека навистина сме гласале за “подбрите“, тогаш сите би се зачлениле во нивните редови, и тогаш би се реализирал ВЕКОВНИОТ СОН НА МАКЕДОНЕЦОТ – сите сме една партија! 

Leave a Reply

Your email address will not be published.