СДСМ – плескавици или ништо

Човек е жив додека има што да чува, кого или што да љуби и да се надева: без тоа си Ништо, шуплина без содржина која “чекори“ низ светот глупаво чекајќи да падне в гроб. А, пак, љубителите на универзални Мудри Максими за целодневни мудри изреки ќе ти препорачаат дека е подобро да се занимаваш со политика, оти во спротивно, таа ќе се занимава со тебе. Добро, веројатно се во право, како и со фудбалот, да речеме – ако не почнеш да се занимаваш со спортски резултати, тие ќе почнат да се занимаваат со тебе.

Се мував, пешачев низ улиците во Кавадарци. Пешачев низ она место во кое има премногу жители а премалку граѓани, значи во центарот на градот, околу кружниот тек, автобуската станица, па маршутата ја продолжив право до плоштадот. Тука, на таа улица, обично е живо, размрдано, но, овој пат беше пусто, нарочито кога ветрот те дува од четири страни – на една улица во која има премногу жители а премалку граѓани. Да не се правиме блесави, имаше утакмица, и тоа репрезентативна; онaа, знаете, кога сите Ние сме Наши, ритуално патриотско одмерување на мускули – легална симболичка замена за војна – како, по ѓаволите, на тоа не се сетив? Па добро, секој има своја мала радост, некако ќе се навикне човек, што знам, само поради “туѓата навика“ полесно му доаѓа – па си велиш на себеси, па тоа е само навика?

Додека жителите урлаат во своите домови од навивање, јас талкам по улицата и се прашувам, каде по ѓаволите се лизгаме? Беше ли во партија четири години – беше! Урлаше четири години од партиската говорница – урлаше! Доби ли во име на жителите кривична пријава – доби! Дали некој посебно те бранеше – не! Дали кога те судеа некој знаеше за што те судат освен декларативната “тужба за клевета“ – мислам дека не!? Сите овие прашања ми се врткаа низ главата додека пешачев…

Во таканареченава “приказна“, која е, ќе се сложите – “прилично драматична“- како централен лик го ставам човекот кој во овој момент ја предводи најголемата опозициона партија, Заев З.; и јас имам проблем со овој човек – не’ лично, се разбира! Заев не го познавам лично, не знам ништо за него, на лично ниво воопшто не ме ни интересира – ами говорам како за човек кој е лидер на најголемата опозициона партија во државава, а со тоа, и човек кој е “седнат“ на ужасно “силна“ општествена позиција.

Откако знам за себе, овде партиите, а и власта, отсекогаш биле исто: партиите од граѓаните бараат да бидат добри и мирни и да припаѓаат таму-на-нешто, оти ако не бидат добри, нема да биде добро и за нив. Порано требаше да бидеме добри Југословени, потоа требаше да бидеме добри Македоници – а денес – да бидеме лојални на партиите, на нацијата, на државата, и сето ова треба да се докажува на секое можно место: Правилна дискусија на Партискиот состанок, социјално прифатливо урлање на плоштадот, и слично на тоа, а и’ за волја на вистината, не те оставаат раат повеќе ни во кафeана, на пазар, во постела, во самопослуга. На ова последново мораш многу да внимаваш: ќе ги боикотираш овие чорапи, јогурти и машини за перење кои од сега ќе ти се каже дека се фуј-фуј; ќе ги купуваш овие чорапи, јогурти и машини за перење кои од сега ќе ти се каже дека се лајк-лајк. Ти, можеби, сакаш да се спротиставиш на ваквиот глупав солипсистички порив! Инаку, не си добар…

Eве ви одново криза. А знаете како е кога е криза – сите нешто не’ тераат да бидеме Добри според нивните мерења за да можат да триумфираат: луѓето ќе се плашат за својата егзистенција, а плашливи луѓе лесно е да држиш во покорност. Плашливи луѓе ќе поверуваат во сешто!

Mислам дека Заев З. ќе ја упропасти СДСМ, и уште мислам дека тој е најнеталентираниот политичар во последниве милион години во Македонија. Во основа, Заев З. е еден крут и патријахален човек кој треба сега да води една партија во која нејзиното генерално определување, или она што би се рекло по ди-фолт е – лево-либерално; едноставно – Заев не е тој тип ни на било кој начин! Во некој следен период, ќе се појават, како што се појавија, најпрво во Скопје, нус-појави кои ќе рефлектираат дополнителни свињарии во културата, медиумите, и ќе ги гледаме оние чудесии од бизарности наречени ГРОМ или разноговетни Алијанси, и слична екипа.

Но, една работа е многу битна, многу побитна од овие чудесии и бизарности кои се намерачени да партиципираат со Ултимативното Зло само за да влезат во извршната власт: јас не им замерувам на СДСМ што изгубија на избори, јас им замерувам што после тој пораз СДСМ се однесуваше кукавички и неодговорно; најпрво, не’ знаеше што со тој пораз да прави, и единствено нешто што смисли – пази геније! – дрн, sврц, да го протера дотогашниот претседател, кој е “единствениот одговорен за тој пораз“ (?), како не’ брифира Партијата, и донесоа човек, кој, јас навистина не разбирам – од каде му нему таква амбиција?!

Па би го прашал во политичка смисла, па добро човеку божји, од каде ти е таа амбиција?!

Го слушам како се гордее со неговата “економија“, со неговата Струмица – можеби баба му ја оставила во наследство – кој ги шиша граѓаните, па според партиската логика, Нека биде Тој!?

Видете, за да се води еден СДСМ, мора пред се’ да се биде сериозен, стабилен и интелектуално поткован човек, а тоа не е Зоран Заев. Да расчистиме: немам ништо лично против тој човек, не’ го познавам, не’ знам ништо за него, во крајна линија ништо лично негово не ме интересира – само ме интересира партија од таков профил и државотворност, било да е на власт или во опозиција, да биде Јака, да биде Релевантна, но ви тврдам! – таа партија никогаш повеќе нема да биде Јака и Релевантна ако ја водат луѓе со такво политичко, психолошко, културолошко и интелектуално портфолио персонифицирано во Зоран Заев. И молим лепо!

Не тврдам дека е нужна потребата за враќање на Бранко Црвенковски, не’ велам дека мора само тој да ја води партијата… но извинете, ајде да видиме кои луѓе ја формираа СДСМ; ајде да видиме кои луѓе ја водеа таа партија низ разните премрежја – ако правиме некаква “скала“ или “рубикон“ како на времето со оние Енигматски Забавници, после сите тие основачи (професори, доктори, дипломати…), после еден Киро Глигоров и Бранко Црвенковски, дали на Зоран Заев му е место на лидерска позиција? Жалам, не му е место! Едноставно, не’ припаѓа. И луѓето не се глупави, знаат, дури и интуитивно – ако не им нудиш ништо – ќе ја земат  плескавицата без двоумење!

Leave a Reply

Your email address will not be published.