ПИСМО СТИГНА. АБЕР НЕМА
Документот од Брисел наликува на анамнеза на една потполна дегенеративна метастаза за која речиси и нема чаре
„Извештајот со својата должина се брани од ризикот да биде прочитан“
Винстон Черчил
Вдишете длабоко и со рака на срце признајте.Единствената искрена реакција на последниот бриселски извештај дојде од оној кој е воедно и единствениот кој од тоа пусулче виде некој аир и добивка -премиерот Груевски и неговата камарила. Настрана сите критички пенали, изнудени корнери и жолти картони – единствената мерлива квалификација за извештајот е резултатот на семафорот. Кој покажува гол за Владата и огромна нула за нас останатите, но и за ЕУ. Тоа се фактите, Владата на Груевски и Ахмети го доби тоа што го посакувашe – препораката. Останатото се само коментари од трибините и лекарска потврда за роговите кои ни растат и секој ден си ги гледаме во огледалото.
Секако нема дилема дека извештајот е невообичаено тврд, повеќе од критички настроен, дури и неоптоварен со премногу дипломатски финеси при набројувањето на сите наши црни петна. Чија бројност доследно го одразува нашиот долг пат во ноќта со очи ширум отворени. Затоа, зачудува и донекаде иритира страсната желба на опозициската јавност во мафтање со наводите на пусулчето во кое, ете, црно на бело, само се наведува она што десетици го пишуваа, стотици го зборуваа,а илјадници го доживуваа во последните неколку години, ако не и децении. Но токму тие реакции се најпоразителниот доказ на нашата изгубена способност за градење сопствен суд и пресуда за она што и онака го знаеме и доживуваме, но поради изгубената самодоверба чекаме некој од страна да ни го каже. И се утешиме дека,сепак, не сме луди како што не’ убедуваат Никола и Али.
Разбирлива е страста на опозицијата во бриселските шлаканици да најде валоризација на нејзините обвинувања адресирани кон домашниот режим, педантно и таксативно набројани по сите полиња на домашната општествено-политичка сцена. Но,освен потврдата од Брисел на непобитните вистини за злосторствата сторени од страна на оваа Влада кон сопствениот народ, дали опозицијата некаде прочита и насети била каква назнака која може да се смета како тапкање по нивните рамења? Дали во извештајот има барем еден ред, а камоли пасус, во кој се навестува решителен однос на Унијата кон интервенција по прецизно дадените дијагнози? Или пак, истиот повеќе наликува на анамнеза на една потполна дегенеративна метастаза за која речиси и нема чаре. Меѓу другото, токму поради немањето ни ефективен лек, ниту здраво ткиво, кое би се пресадило наместо сегашното диво месо.
Поради ограничениот простор и многу повеќе поради неволноста за придавање повеќе значење од потребното, реакциите на ДУИ заслужуваат да се наречат „политичка перверзија пар екселанс и вообичаен цинизам на Ахмети и министерот му за се’ и сешто“. Што воопшто може и вреди да се каже за политичар како Ахмети и министер како Бесими кога дури и заканата за одземање на препораката за време на нивното владеење со ЕУ портфолиото го сметаат како „успех”!? Тоа веќе не е ни бесрамие, ни алчност, туку обична политичка мизерна неодговорност. Затоа, наместо оставка на Бесими од сегашната функција, посакувам да министерува што подолго. Бидејќи, без оглед на се’, не верувам дека може да има посоодветен лик кој така пластично, сочно ја персонифицира тековната урнебесна комедија наречена евроинтеграции.
Комедија на која не само што не и’ се гледа крајот, туку судејќи по се’, допрва ќе стане и трагична доколку не собереме сили да ги вратиме работите на свое место и во природен и логичен поредок на приоритетите. При што, вистинската демократија, слободата, рамноправноста и отчетноста треба да избијат на прво место, а евроинтеграциите наместо изговор да станат лакмус-тест за кредибилноста на меѓународната заедница. И конечно, да се стави крај на оваа шарада во која и она малку здрав разум, просудба и кревка демократија се жртвуваше врз олтарот на интеграциите. Кои од ден на ден се’ повеќе наликуваат на современ римејк на социјалистичкиот пат во комунистичка утопија, која добро знаеме како заврши.
Наречете ме ситничав, но инстинктот на искуството ме присилува тонот на бриселското пусулче донекаде да го сметам и како европски пандан на Волерсовата доцна памет пред заминување од функционерските фотелји. Од кои се лансираа разно-разни „добри услуги“ и придонеси на бриселско-скопските евробирократи кон добар дел од овдешните „реформи“,чии болни последици уште долго ќе ги чувствуваме. Таквото лежерно и лефтерно отсуство на (само)критичност на евродипломатијата кон сопствените лоши процени и слепи верби во белите лаги на режимот не може и не смее да се пренебрегнува, ниту пак наивно оправдува како „добронамерна грешка“. Во спротивно, ќе продолжиме да чмаеме и бладаме по автобуски станици како Балкански Форест Гамп на чии рамиња слетуваат, па во небо безгрижно одлетуваат, дипломатски пердуви.
Вината за нашата состојба е потполно наша, и тоа е неумолива вистина. Без разлика дали тоа го дозволивме поради нашите сопствени мани и лудила, или поради понекогаш нелогично превисоката верба во способностите и искреноста на надворешните партнери. Вината мораме да ја признаеме сами. Но воедно бараме и одговорност и отчетност од оние кои бараат промени од нас, и покрај тоа што самите придонесоа кон одземањето на сите инструменти, сите алки, сите механизми со кои таа промена би се извршила на мирен и демократски начин. По сите бриселски удоволувања кон хировите на Груевски и Ахмети, нивната несреќна улога во урнисувањето на парламентарната демократија, по сите бланко-верби во спремноста на режимот за некакви, какви-такви промени, мораме да се соочиме со две клучни прашања од кои зависи иднината на нашето опстојување.
Првото е дали ЕУ воопшто има не само искрен интерес, туку и способност ефективно да ги реализира сопствените стратегии и да ги санкционира актерите кои не се придржуваат кон ветеното? Второто прашање е – дали ЕУ (но и САД) се свесни дека политиката на апсолутистичко фаворизирање на (сега веќе приватизираната) држава по цена на демократијата и слободите не’ има донесено на раб на потполна деградација на општественото ткиво, сега веќе речиси без никаква спона и нитка која ги поврзува луѓето од различни групи? Премолчаната евроамериканска подршка на политиката на обезбедување стабилност според формулата „пари за Македонци – пендрек за Албанци“ станува погубна за стабилноста токму поради фактот што за Македонците има се’ помалку пари, а за Албанците се’ повеќе пендреци. Формула, за која исто така знаеме кон што води.
Би сакал да верувам дека критичките тонови на европусулчето даваат назнака за некаков иден посовесен однос на Брисел кон нас, со поголем фокус врз земјата Македонија наместо државата ДПМНЕ-ДУИ. Но, по читањето на говорите на новиот Евро-Цар, Жан-Клод Јункер и неговата шкртост кон зборови како што се демократија и проширување, се’ помалку има причина за верба во бриселските жаргони и стратегии. Но добро, оставам простор за надеж дека таа лична субјективна скепса може да биде побиена од страна на новата Комисија. И тоа токму по клучната препрека за интеграциите – спорот со името.
Имено, по заминувањето на социјалдемократот Баросо, Европа, ЕУ, Македонија и Грција сега се потполно во рацете на десничарите и конзервативците – Меркел и Јункер, Груевски и Самарас. По толку фалења дека „десничарите тоа го прават подобро“, белким е крајно време конечно да се докажат на дело и онака, братство-единствено, да го решат спорот. Лично, воопшто не се сомневам дека тие можат да најдат решение. Прашање е дали сакаат?
извор: Утрински