Писмо до Грујо ПРВИ Портокаловиот

Е мој Грујо… Мој, мој па преку мој! Којзнае колку е фино да се владее седум години со една ваква полу држава, населена со претежно полуписмено население, а згора на тоа и осиромашено. А ти знаеше како треба со такво очајно стадо. Му даде шанса да се почувствува големо и важно, онака, античко! Му ги даде приказните за Александар и Букефал, онаа за Хунзите, за богот Македон, за големите војводи и патриоти како Тодор Александров и Борис Сарафов, му изгради стотици споменици и цркви на секој чекор, го убеди преку владиците дека си избран од Бога да ја водиш Македонија, а медиумите ги искористи да му натнеш и розови очила. И народот среќен го блееше твоето име сиве овие седум години. Уште го блее и ќе го блее до својата пропаст, да не се секираш! Памет нема да му дојде, зашто го издресира толку мајсторски, што и доктор Павлов би ти позавидел. Секоја чест!

Ееееее, ама никој не успеал да побегне од себе и од својата зла коб. Јас знам дека има лаги кои надживеале еден просечен човечки живот, ама ти не си толку голем лажго колку што се обидоа да те прикажат опозиционерите и твоите непријатели. Не можеш ни да бидеш зашто и тебе и на тие полтроните околу тебе што те советуваат како да владееш по парафразираните методи на Хитлер, Химлер и Гебелс, краток ви е фитилот. Вие сте обични технократи кои беа донесени на власт да ја дозадолжат Македонија, за после по нејзиниот банкрот да се вратат назад на своите работни места во Светската Банка, ММФ, ЦЕБ, и во разни други европско-белосветски совети и организации. Она што беа емисарите и економските убијци на Г-17 кои во осумдесетите години ја столчија економијата на СФРЈ и директно доведоа до почетокот на граѓанската војна, тоа сте вие за Македонија. Работите за туѓи интереси. Точка. Впрочем некои твои министри сами се пофалија со своите странски дипломи и кариери, само што не споменаа од кои фондации добиле стипендии за нив, а тоа треба да се одработи. Никој денес не дава некому пари за џабе. Затоа вашите лаги набрзо ќе излезат на виделина, штом кајчето ќе почне да тоне.

Ама за друго ти го пишувам писмово мој Грујо. Го прочитав твоето интервју, каде новиот шамар од ЕУ за Македонија го оправда со тоа дека лесно било да нѐ плескаат кога не сме единствени. Извини, ама јас не се сеќавам на некој друг што толку го разедини својот народ како тебе. Ти беше тој што го подели на Фалангисти и Словени, на предавници и патриоти, на верници и богохулници, на комуњари и демохристијани, на оние ЗА и оние ПРОТИВ абортусот, на легитимни стечајци и опозиционерски, на вакви бранители и онакви бранители, на добри и лоши… На секој протест на незадоволните од твоето владеење, ти организираше контра протест. На протестот на незадоволните земјоделците им спротивстави свои задоволни земјоделци и згодни земјоделки со бланширани, тапирани фризури, силиконски гради и потпетици од дванаесет сантиметри. Црната земја под долгите нокти, нормално, не можеше да им се забележи зашто беа лакирани во разни бои. На протестите на несреќните стечајци, ти ги уфрли во игра твоите среќни стечајци, кои пред камерите, многу невнимателно се јавуваа некому од мобилни телефони кои чинат петстотини евра. Кога имаше протести против изградбата на црквата на Плоштад, ти на студентите од архитектура им пушти наапени деликвенти и силеџии. Кога беа сега протестите во Општина Центар, на твој повик се собраа стотици исти такви силеџии од околните скопски села за да го бранат Центар од неговите сопствени граѓани и локалната власт која самите ја избрале. Па дури им подели и сендвичи за да си ја повратат силата што ја потрошија во кршењето на општината. Да, да, Грујо мој, твоите ВМРО ЈУНГЕН и фанатичните демохристијани беа главна запршка во секоја твоја манџа на чело со медиумите и твоите мегафони Латас, Јанко и Миленко. Така и ги закрви луѓето меѓу себе. И сега кукаш што не сме единствени, па го јадеме стапот!?

Заборави на филмот со обединувањето во наредните декади. И ова што беше до сега, не е ништо во споредба со она што ќе го сетиш на своја кожа како последица од твојата политика на раскарување на сопствениот народ. Нашата приказна и онака е завршена. За некоја година, оној што ќе дојде по тебе, само ќе треба да ги спушти ролетните и да прогласи банкрот. Толку.

И немој да се лутиш. Јас ова ти го пишав онака пријателски, зашто не сум ни опозиција ни соросоид, ни давајгаз. Ништо од она од коешто тебе ти се крева коса на глава. Ама знам дека сум поголем патриот од сите твои полтрони и министри заедно, зашто имам смелост да го кажам она што тие избегнуваат да ти го кажат. Готово е брату. Поуживај уште некое време на тронот, а после ние ќе му ја мислиме, за нас, а најмногу за нашите деца кои со ништо не заслужија да им оставите ваква татковина. И ти и сите оние кои беа пред тебе.

Извор МАКТЕЛ 

Leave a Reply

Your email address will not be published.