ПИСМО ДО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ АЛЕКСАНДАР ПАНОВ

пишува Горан Белевски

Преименувањето на кавадаречкиот плоштад од Маршал Тито во Филип v, по ваша иницијатива, градоначалниче, предизвика бурни реакции во јавноста.Според едни тоа би било тотална грешка, размислувањата на други се дека Кавадарци има свои заслужни граѓани по кои може да се именува градскиот плоштад, како што е името на Сашко Гешовски-првата жртва при распадот на бивша СФРЈ, трети сметаат дека Тито е битен лик од поблиската историја во чие време се живеело најубаво итн. ,но оние кои што тивко се согласуваат со преименувањето на плоштадот во Филип v, навистина, имаат голем проблем да објаснат кој е тој Филип v, а уште помалку да објаснат која е неговата поврзаност со Кавадарци, да ја образложат неговата заслуга за Кавадарци, впрочем, како што и вас, градоначалниче, тешко ви оди таа работа, иако не пропуштате прилика, односно јавен настап, а да не го злоупотребите се со цел да ја припремите и амортизирате јавноста за тоа што сте замислиле – да го антиквизирате (покрај тоа што визуелно го уништивте) кавадаречкиот плоштад, а со тоа и Кавадарци.

Но, поради тоа што се претставувате како голем демократ, еве ви шанса тоа и да го докажете. Еве ви шанса да му дадете можност на кавадарчани, сами да изберат, сами да одлучат, дали се “ЗА” или “ПРОТИВ” преименување на плоштадот во Филип v, по пат на РЕФЕРЕНДУМ.Референдумот е еден од најдемократските институти и облици на непосредно учество на граѓаните при носењето на одлуки.Дајте му шанса на граѓаните сами да се изјаснат по ова прашање.

Во таа насока, еве, јавно ве повикувам на првата наредна седница на Советот на Општина Кавадарци, или пак на вонредна седница, да предложите точка на дневен ред – Предлог-одлука за распишување реферндум за преименувањето на градскиот плоштад!

КАВАДАРЦИ Е СЕ’ ШТО ИМАМЕ!
Горан Белевски, Советник во општина Кавадарци

Leave a Reply

Your email address will not be published.