Пиратски брод во меѓународни води

До капетанот на бродот:”Капетанеее…во која насока плове овој брод?”

За жал, македонскиот брод плови многу полека. Причината најверојатно е дека не може да фати поволен ветар. А за да фати поволен ветар, капетанот на бродот треба да биде добар пријател со ветерот. Во спротивно, ќе треба да се забрза ритамот на веслање. А тоа е тешко и мачно.Барем за другите.

Македонскиод брод е познат по својата тромост, по својата бавност. И тоа се симптоми од дијагноза која се’ провлекува со децении. И нема терапија за тоа. Ниту еден “надворешен доктор” не може да ни помогне околу нешто кое зависи само од нас.Тоа е навика. Навика која секогаш успешно се провлекува. Исто како и со цигарите, алкохолот и останатите навики. Никој не може да ве убеди да престанете со пушењето. Не постои никава терапија, лек, таблета која може да ви помогне. Едноставно тоа зависи од вас. Од вашата силна желба да го направите тоа. Којзнае, можеби е време да се качиме на некој друг брод. Брод со капетан кој плови по бистри води. Капетан со малку “проевропски” манири. Вистински капетан.

Денес, македонскиот брод е управуван од секој кој ќе стигне. Ги има разни, само не’ капетани. Го управуваат шнајдери, боксери, лопатари и по малку килави. Ги има од повеќе професии, но најмалку од вистинската.

Секое утро, како што вели дневниот распоред, капетаните на бродот им ги пренесуваат вестите на екипажот, како од домашниот така и надворешниот свет. Прикажани онака како што ним им одговараат. Така и им ги сервираат. Тоа се вести кои екипажот не ги сака, меѓутоа и нема многу избор што друго да слуша. Или пак гледа.

Еден од капетаните се вика Хорхе. Тој е човек со големо срце, несуден калинкар, човек со извајани стомачни и хендикеп на левото око. Од премногу намигање, испукани му се неколку капилари на очниот капак. Меѓутоа тој остави голем белег на македонскиот брод кога станува збор пловењето во меѓународни води. Екипажот никогаш нема да го заборави својот Хорхе, посебно неговиот потег кога со едно намигнување кажа илјада зборови на божичниот појадок на капетаните на седумте мориња. Мисла водилка на Хорхе е дека штом тој може да биде таканаречен капетан, тогаш може и секој еден.

А Хорхе не’ e единствениот од таканаречените капетани кој има хендикеп. На бродот ги има многу. И во една таква хендикепирана ситуација, нормално е бродот да почне да губи рамнотежа, да се изместува од тежиштето, да се навалува, де на едната, де на другата страна. И во таков еден хаос, кога сите капетани се фатени за кормилото, бродот излегува од колосек. И обично удира во некоја карпа и или санта мраз. И почнува да тоне.

И по некаков редослед на нештата, кога бродот започнува да тоне, стаорците се првите кои го напуштат. Притоа, со себе ги земаат најдрагите работи: пари, злато, икони, артефакти…

Но бродот не потонува целосно. Екипажот сложен како никогаш дотогаш се’ бори со лошото невреме, високиtе бранови, по секоја цена се’ труди да го исправи бродот и да го врати на правилните координати. Секој член од екипажот, се впушта во работа. Макотрпна, но исплатлива. И на крај бродот исправен продолжува понатаму во бистрите води на седумте мориња.

И тогаш дури хинотизираниот екипаж полека се буди од својот транс, забележува дека главните ликови во ова трилер патување се веќе разобличени. Нивните маски се симнати а режисерот и сценаристот како одговорни се веќе изведени на прагот на судот и правдата на екипажот. Не на институцијата. Туку на екипажот. И секој од нив одговара пред законот, судот и секоја индивидуа која плови на овој брод.

Направен е претрес буквално на целиот брод и во фиоките на македонските таканаречени капетани и современи патриотски феудалци се’ пронајдени голем број артефакти и голем дел од македонското национално богатство кое се таложело со годините наназад.

Екипажот доаѓа до заклучок дека да не се пренатрупаните куфери со богатство, злато, дијаманти, сето она што го поседуваат таканаречените и самопрогласените капетани, може да се зипува и стави во едно мало куферче. Ептен мало. Ножиците, црвената лента, тоалетната хартија се’ само дел од реквизитите со кои сееле магла и манипулирале со екипажот.

Се прашуваат сите: по ѓаволите, како само им успеало да го изманипулираат целиот екипаж за да се одрече од сето богатство? Дали играњето карти каде што главен влог беше патриотизмот може да довело до такво нешто? Каков терор, каков ужас. Пораката е испратена: ”Немојте да ги оправдувате своите злосторства зад маската на патриотизмот. Немојте никогаш повеќе.”

Бродскиот резбар веќе е при крај со резбата на неговото најголемо ремек дело изработено од ликовите на тие нелуѓе, резба која откако ќе биде готова ќе биде поставена на вториот (највисокиот) јарбол од западната страна на бродот. А тоа е јарболот на срамот. Резбата ќе биде изработена од “македонско дрво”.

И тогаш, бродот исправен со сиот свој шарм и убавина, понесен од желбата за истражување на небесната морска шир, полека но сигурно го фаќа својот чекор и’ ритам со останатата меѓународна флота. Новиот капетан добро го разбира меѓународниот јазик, чевларот изработува чевли, столарот прави прекрасни рамки за слика, библиотекарката ги подредува книгите на новата полица, а поетот ги пишува првите ноти од својата нова соната која ќе се слуша надалеку. Заврши одисејата на пиратскиот брод во меѓународните води.

Leave a Reply

Your email address will not be published.