Патот до пеколот е поплочен со добри намери!

Овој текст го посветувам на припадниците на македонската полиција кои загинаа во хелихоптерската несреќа кај Струмица. Бог да ги прости.

Понекогаш, со најдобри намери можеме да предизвикаме најтешки последици. Обидувајки се да ја одбраниме, можеме да ја загрозиме. Нашата држава… Нашата Македонија.

Вака некако би ги дефинирал контрапротестите кои за утре ги закажа група македонски патриоти. Намерата да се организираат контрапротести во ист ден кога ќе протестираат Албанците, на исто место на кое ќе протестираат Албанците, претпоставувам дека е искрена, чесна и патриотска, но токму таа е добрата намера која води кон пеколот. Пеколот за македонските граѓани. Пеколот за Македонија. Новата војна во Македонија. Војна од која никој нема да види арно. Војна од која сите ќе изгубиме… Некој живот, некој здравје, некој дом. И Македонци, и Албанци, и сите други македонски граѓани.

Затоа повикувам на разум!
Ги повикувам најпрво Албанците. Разумните Албанци кои ја сакаат Македонија. Разумните Албанци кои не сѐ во филмот на Голема Албанија. Разумните Албанци кои се свесни дека некој плански, свесно и координирано се обидува да ја запали Република Македонија.

Сограѓани Албанци!
Не излегувајте на протести за кои однапред се очекува да бидат насилни. Или, ако веќе излегувате, не бидете насилни. Полицијата не ви е виновна. Не мавајте по полицајците. Некои од нив се Албанци. Албанци полицајци. Албанци специјалци.

Сограѓани Албанци!
Оставете го судот да си ја врши својата работа. Доколку сметате дека пресудата е неправедна, најдете ги најдобрите адвокати, повикајте врвни европски правници, побарајте меѓународен мониторинг и пред второстепениот и пред Врховнит суд, направете ја најдобрата жалба до меѓународниот суд во Стразбург, направете било што само не палете ја државата. Бидејки, овојпат навистина ќе биде страшно!!!

Македонски патриоти!
Не излегувајте на утрешните контрапротести. Може да предизвикате крвопролевање. Може да предизвикате војна.

Македонски патриоти!
Не отежнувајте ја работата на македонската полиција. Не загрозувајте го животот на нашите специјалци. Не ставајте ги помеѓу два огна нашите полицајци!
Македонски патриоти!

Доколку сакате да го искажете вашиот револт и патриотизам, соберете се друг ден, на друго место, во друг термин. Јас имам конкретен предлог. Да отидеме задутре, на 12 јули, во сабота, во текот на целиот ден, пред споменикот на Бранителите во Скопје. Да запалиме по една свеќа во чест на сите борци загинати за слободата на Македонија, во чест на сите бранители загинати бранејки ја државата, во чест на убиениот матурант Ангел.

Да запалиме свеќа за загинатите, да побараме слобода за затворените. Слобода за брат Љубе, слобода за Јаким од Гостивар, слобода за сите неправедно затворени лица.
И, да дадеме завет. Завет за Македонија. Завет за… На кама и револвер! Без разлика на партиите на кои припаѓаме. Без разлика на единиците од кои доаѓаме. Без разлика на возраста која ја имаме.

Leave a Reply

Your email address will not be published.