Пастиријада

Значи, драги мои, директорката на Академијата за судии е соблазнета што ЕУ се дрзнале и направиле „упад“ во нашето судство и кажале дека тоа дели селективна правда. За госпожата тоа била голема навреда.

Морам да кажам дека тоа навистина е навреда и дека е упатена на вистинското место. Личноста потоа ( единствена која го коментира негативно последниот ЕУ рапорт, до сега ) си дробеше ред други соблазности небидувајќи свесна што зборува.

Имено „директорица са слабим оценама“ од ЕУ , вели: .. „се направивме што бараа од нас, колку само закони донесовме, колку проекти реализиравме ( со ЕУ пари ) и како резултат на сето тоа – во последниот ЕУ Рапорт, кој е најлош до сега за судството – ни велат дека имаме „селективна правда“, политички притисок врз судиите…“. Ц, Ц, Ц, невоспитание едно!

Можеби е преамбициозно да се очекува дека персоната разбира што вели, кога констатира: дека земјата донела се што треба од законите и тренинзите на судии – а резултатите се полоши од претходните. Тоа значи дека земјата нема што повеќе да стори! Тоа значи дека и покрај целата операција на „прикривање“ со носење на законите и тренинзите, проектите и сл.. резултатот е полош! Тоа исто така значи дека моќта на политиката која влијае врз судството во делење „селективна правда‘‘ е толку силна што земјата нема никаква перспектива за напредок на тоа поле. Земја која, на пример, не ги донела потребните закони и не ги завршила потребните тренинзи на судии – можеби има шанси да се надева дека ќе се поправи ако тоа го стори. Но земја која сето тоа го сторила и сепак има, не ист, туку полош резултат – е безнадежен случај.

Но, драги мои, вакви кариери и трагедија има многу во нашата неслобода и бесчестие. Тие се отпадната иверка од стругот на авторитарниот популизам кој ги корне од почвата сите вредности, ги бламира луѓето (кои и сами учествуваат во себебламирањето ) и на глава ги превртува. Тој единствено прави „соба на ехо или соба на огледала‘‘ од независните институции (според Уставот) во кои се огледува ликот на пастирот. Тоа е земјата на фамилијата на пастирот, земјата ПАСТИРИЈАДА.

Инаку, драги мои, ЕУ Рапортот е благ за состојбата на измеќарство на нашето судство кон владеечката партија. Тој (објективно ) не може да направи анализа за квалитетот на пресудите кој е катастрофален ( или се донесени под протисок „селективна правда‘‘ или се неписмени и полуписмени – неквалитет на судиите ). Тој не ги споменува политичките затвореници што ова судство ги создаде, а кои ги наведува еден друг меѓународен Извештај (оној на Стејт Департментот). Рапортот не наведува доволно јасно како мерката притвор со опсегот и неселективноста во примена – се претвори во казна (без пресуда), тупаница на власта која преку судството шири страв и дисиплина за своето страховладение. Дека условите во притворот се случаи на ТОРТУРА ( а не обезбедување на обвинетиот за судење ). Рапортот не наведува дека за разлика од други земји каде судството е на врвот на доверие меѓу ѓраѓаните, кај нас е заслужено на самото дно, заедно со Парламентот.

Никој нема да го земе во заштита ниту да каже добар збор за македонското судство ( освен самото за себе или власта која го искористува до балчак) бидејки тоа не „дели селективна правда‘‘ туку не дели никаква правда.

Така што, драга госпожо-една, нашето судство е подготвено, не за УПАД во него, туку за целосно распуштање, демисија и воведување МЕЃУНАРОДЕН СУДСКИ БОРД, ( како кај протекторати ) – тоа и таму Вашата неспособност, страв и измеќарство не доведе! Тој Меѓународен Борд треба наново да го организира судството во Македонија согласно македонскиот Устав и меѓународните стандарди и тој треба да ја направи селекцијата на судиите, како и да ги мониторира до извесен период во иднина ( веројатно до нашиот влез во ЕУ). Сувереноста на македонската држава така ќе се засили и всушност воспостави – бидејки таа е сувереност на македонските граѓани и нивните права ( како вели и нашиот Устав ), а не сувереност на авторитарната режимска клика.

Инаку, драги мои, во регионот на западен Балкан има различни степени на развиен авторитарен популизам. Од Македонија, каде системот многу бргу за овие 7 години успеа да се заокружи, преку Србија каде системот е во траги низ судството, академиите, во Албанија во периодот на власта на Бериша, Црна Гора е еден давителски авторитаризам, помек, но исто така умртвувачки и сл.

Авторитарниот популизам има насекаде стапнато и затоа заедничка стратегија на ЕУ кон таа појава е НУЖНА и одржлива. Таа е единствен гарант на успехот на вистинско реформирање на овие земји ( и да не спаси од дрдорењето на вакви госпожи ).

Што е карактеристика на авторитарниот популизам на Балканот, кој работно би го нарекле – канибалски популизам?

Како и популизмот пошироко, авторитарниот популизам не е концепт на кохерентни политики. Тој е повеќе вреќа која собира ЗАМИСЛЕНИ политики. Во таа смисла е лепенка, асамблаж, но се карактеризира со специфичен лепак, поврзна политичка догма: имено тој ја користи тезата ДЕКА Е БЛИЗОК СО НАРОДОТ. Тоа е клучот и сврзивното ткиво на толку различни политики или замислени политики да можат да се изложат во една програма. Дека ЕЛИТИТЕ се закопани и корумпирани и не го СЛУШААТ гласот на народот.

Но внимателно, полукав е од историските примери, со тоа што е целосно ПРОЦЕДУРАЛЕН (тука и во тоа ја оневозмозува опозицијата да го нападне, посебно Социјалдемократијата која е процедурална во историјата на своето создавање). Тој развива НЕДЕМОКРАТСКИ ПРОЦЕДУРАЛИЗАМ ( авторитарен или празен процедурализам: Алаин Бадиу, С. Жижек, Џ. Агамбен и др). Се е во согласност со законот – а законот е во согласност со НИВ. Легализмот го спротиставува на легитимитетот на законите и посебно Уставот.

Оваа цел ја постигнува така што процедурите и законите ги прави со две комбинирани техники: продуцира голем број закони, непрегледна лагислатива, која е често преклопувачка и внатрешно контраверзна – но намерно е направена така, за да инструментот на примена и толкување на законите е во рацете на администрацијата и само неа. (Инаку казнената политика на авторитаризмот е посебна приказна, таа е садистичка и игра на картата дека народот е мазохистичка „жена‘‘ која го сака тоа, која сака „да и се покаже нејзиното место‘‘ и слчни мачо-порно-фантазми). Така, претпоставката на НЕВИНОСТ и чесност на граѓанинот исчезнува. Секој е виновен, бидејки потенцијално крши некој, некаде закон (не знае ниту може да знае кој и каде – кафкијанска ситуација), но не е сеуште процесиран и зависи од милоста на администрацијата кога ќе биде. Цената на невиноста е да биде мирен и послушен. Кога ќе се побара, и активен на страна на власта.

Втората техника е НЕЈАСНОСТ на клучните законски норми. Не е јасно и временски се менува што е легално, а што казниво. Повторно основен демијург на имплементацијата е власта и администрацијата.

Способноста на „лукавиот“ да повлече европски пари за легислативни проекти (ова со што се фали госпожава од академијава судска) и да остане ист или да ја засили авторитарната моќ – го прави ЦИНИК кон европските вредности и отворено повикува на легитимност на таа ИЗМАМА. Бара отворено разбирање од „својот народ“ дека е нормално да ја мами Европа и западот?!

Негова основна цел на напад се независните институции на конституционализмот (Уставот). Тука е убиствено доследен. Ги растура независната позиција на институциите. Ги прави измеќари и се гордее со тоа.

Посебен девастирачки напад е направен (и довршен во МКД) врз судството. Тоа е целосно партиско и високо неквалификувано. Уставниот суд исто така е посебна цел на разнебитување ( али „шта зна госпожа шта је триста кила“).

Сумарно, што би рекол Алаин Бадиоу, се работи за „dreadful misunderstanding of procedures and their meanings“, кои би требало да се владеење на правото.

Leave a Reply

Your email address will not be published.