Уставниот суд на ВМРО потврди дека парите на Груевски му се од платата!

пишува Бранко Тричковски

Кога чув колку пари заработил Груевски во една година, помислив дека кога оди на летовање во Израел, цело време бере мандарини или молзе крави сименталки во некој кибуц и така, малку по малку, ја трупа таа заработувачка од 118.000 евра. Можеби, си реков, се изнајмува како пропелер на некоја јахта. Верувам дека со своите стопала може без проблеми да покрене јахта до шест метри должина ако при четири илјади вртежи оствари потисок од 400 Њутн метри.

Пресметав дека таа подводна заработувачка би можела да биде, охохо, речиси колку и спорниот изнс. Но, еве, нека не се вртел секој ден, пак му остануваат бројни можности да заработува. Да речеме, додека сите спијат, маскиран во таксист, можеби шпарта низ скопските улици и чека некоја провинциска будала или наивен странец да ги одере со по сто евра до “Александар велики”. Освен тоа, што е со гаражите на мама Нада. Може ли да им ги изнајмува на земјоделците од Зеленото пазарче за чување на компир, праз, лук, зелка, марула… Може, нормално!

Но, додека ги разгледував сиве овие можности, чув кога човекот рече дека сите пари му се од платата. Малку ми падна чудно како 15.000 евра плата ги претвара во 118.000 заштеда, но веднаш си реков: Тричковски, сомнежот ти е бесмислен како кога би се прашувал како Дејвид Коперфилд минува низ Кинескиот ѕид или како исчезнува од салата, па се враќа во неа со авион и сл. Фактот дека парите се десет пати поголеми од заработувачката треба да те фасцинира, а не да ти го шири неверувањето и сомнежот.

Конечно, во 16 часот се јави Уставниот суд на ВМРО-ДПМНЕ со автентично толкување на способностите на бившиот премиер со кое, всушност, потврди дека заштедите на Груевски се од неговата плата, а со екстраавтентичното толкување на Кривичниот законик, воведена е нова инкриминација во член 56: јавно изразен сомнеж кон способноста на бившиот премиер да заработува од платата десет пати повеќе отколку што прима пари, ќе се гони по службена должност!
Шилегов, си наебал, казната е од 40 до 60 години затвор!

Leave a Reply

Your email address will not be published.