Парадоксот на Груевски: нервниот слон што ја убива Македонија!

Јункер:”Ало, Филе, а, бе, можеш ли да префрлиш 500 милиони евра за тоа коктелите, се брукаме за ситни пари, човеку, плус не сме платиле за дупката во Триумфекалната капија во Скопјанг, види, те молам, трансферот да се води на нешто позвучно… како да ти кажам… да ги залажеме малку овие од “олафот”…еве, комплетниот износ нека оди за коктелот по повод…како се викаше…мммм…да…Денот на револуционерната борба на македонскиот народ против слободата!”
Филе:” Мислите на борбата на македонскиот народ за слобода!”
Јункер: “Филе, а бе, дај да се концентрираме на реалните работи, префрли ги парите, утре да си ги префрлил, батали ја слободата што си се фатил за слободата како оној Македонецон, како се викаше, Николае, за власта!”
Знам дека ќе ве интересира, драги мои, дали Филето од оваа страхотна демонстрација на најодговорното државништво на неговиот шеф ги дало парите за коктелите и за дупката во Македонија, но јас сакам да ве уверам дека тоа е неспоредливо помалку важно од фактот дека веднаш по објавувањето на снимката од овој разговор, европската финансиска полиција “Олаф”, ги посетила одговорните во Европската комисија и побарала преку дијалог во европските институции, низ паламудење на социјалистите, демохристијаните, либералите и другите, да се реши оваа длабока и загрижувачка политичка криза за која во некои земји на Јужна Америка се употребува зборот пљачка!

Страшни работи се случуваат, драги мои. А и помалку страшни! Еве, да речеме, јас, како познат непријател на македонскиот народ, им шитнав на странциве неколку државни тајни како што се тајната вечера, тајната на постанокот, тајната на успехот, но најважно е дека во петте базни станици, пет пати им го продадов името! Со се идентитетот и р’бетот! Помислив: какви глупаци! Но, во шестата, на ” Теодосиј Гологанов” во близина на ресторанот “Воденица”, ме пречека Сашо и ми рече: Тричко, преваранту еден, сега ќе видиш ти со кого си имаш работа! И навистина видов! Странците се многу заебани!

Мислам дека вака вооружени со сериозна смеа и ведар дух, полесно ќе го поднесеме нервниот слон ( Виктор Иванчиќ) со кој не гази власта и елегантно и со стил ќе можеме да влеземе во сериозниот дел од темава!
Македонија, драги мои, одби да умре пред да замине Тој. Од функцијата или во вечните ловишта, сеедно! Во тоа е парадоксот на Груевски! Тој е фасцинантен феномен на македонската агонија и најсмртно уплашената фигура во Македонија што се буди! Батериите во неговиот чип се полнат од смртта на татковината и затоа сите колебања на Македонија на патот кон вечното почивалиште, за него се опасни! Бомбите на Заев тоа многу убаво го покажуваат: преживеаните делови на неговата жртва веќе го трескаат по главата, а во убиените елементи на заедничкиот организам, тој не може да најде ништо на што може да се потпре во големата борба! Кругот на тие што силно го мразат несопирливо се шири; многу бргу тој ќе биде најомразената фигура во историјата на македонските интеракции!

Институциите на кои се повикува се мртви! Тој ги има убиено како општи, строги и праведни категории! Кога се повикува на МВР ( “ме известија” и сл) или на обвинителството и на судот ( експресно бил осуден некој обвинет во аферата, човекот го признал делото како што костурот на античкиот човек со македонска национална самосвест, во еден виц му признал на Мијалков колку е стар), тој се повикува на нешто што за општата јавност не постои како релеванција! Затоа што тој сакаше така да биде пред да влета во акутната фаза на своите проблеми! Никој не може да му гарантира институционална разврска на аферата ” Пуч” затоа што институциите се претворени во кукли за самозадоволување, во машини за мастурбација на неговото лидерство, тие се мртви затоа што се негови односно мртви се затоа што не се на сите!

Сите предвмровски или дури сите антивмровски системи би биле поповолни за него од монструмот што го изгради во овие десет години, односно од урнатините на кои ја сведе Македонија! Тоа е парадоксот на Груевски!
Има некоја космичка правда во сево ова!

Медиумската империја на говедата (С.М.), да речеме, беше дизајнирана за Груевски! За премиерот во улогата на бомбардер! Таа мијалковистичко-керимска инсталација беше крупното решето низ кое во правилни временско-просторни интервали, премиерот го сереше својот тепих од бомби врз нормалноста на Македонија! И во Македонија! Без отпор на реалноста и на стварноста зашто стварноста и реалноста, во меѓувреме, беа препроизведени според мерката на тоа решето и на премиерскиот шупак! Според мерката на вмровската агресија, односно според мерката на вмро како агресија!

Таа фамилијарна инцестија воопшто не беше сетирана да ги комуницира општествените конфликти во полза на власта туку даго поимува и да го реализира вемерето како општествено се, како тесто кое се шири низ општествената тава совладувајќи ги низ една врста на забава и заебанција преостанатите меури чист или валкан воздух на здравото општество и на здравите или помалку здравите конфликти, сеедно! Да ни ја презентира мисијата на вемерето како феномен кој ќе ја искористи демократијата за да ја елиминира како инкубатор на народните непријатели и најголема штета за Македонија!

Во невозможноста да ги процесуира бомбите на Заев како реалност, како израз на еден стварен политички и историски , веројатно, егзистенцијален конфликт, неспремна да ја сфати реалноста на бомбите што почнаа да паѓаат врз главата на нивниот бомбардер, шокираната империјата на злото, тој монструозен израз на забревтаниот тоталитаризам на комитската банда, во средата ни го прикажа премиерот во стандардниот формат, на почетокот на вестите, на долго и на широко, во директен говор и во коментаторски интерпретации, но на фонот на бомбите и на развојот на ситуацијата, тој, всушност, беше прикажан како главен актер во некој порно филм, без секаков контекст, просто како гол маж кој мафта со своето млитаво споловило и пишка во микрифоните во една огромна просторија, сосема неадекватна за порно дејствија, без женски, без здрава ерекција, без пенетрација, без стенкања, ако не ги сметаме неговите!

Што, сепак, ни покажа, таа онанија!? Инсистирањето на безбројните технички детали требаше да ја сугерира систематичноста на неговата одбрана и да го одвлече вниманието на јавноста кон бесмислените моменти во целата афера (базни станици, работно време на станиците, ќошиња на кои работеле и сл)! Инсистирањето на странската служба, независно од вистинитоста на тие тврдење во потесна смисла, имаше за цел да го привлече граѓанинот на неговата страна, на страната на криминалецот, како и секогаш, ако овој треба да бира меѓу криминалецот и кодошот! Лефтерното поминување преку меритумот на работите ( сите понекогаш правиме грешки или така некако) покажува дека неговата одбрана е сосема шуплива. Безбројните контрадикции во говорот го покажуваат високото ниво на паника кај македонскиот премиер! Кој на најперверзен начин се обиде да и сугерира на јавноста дека неговите проблеми не се негови туку се национални проблеми од прв ред. На тоа упатува и, според мене, клучниот став од неговото експозе кој, парафразирано, може да се соопшти вака: дајте да ги гледаме реалните работи, платите, пензиите и субвенциите, странските инвестиции, баталете ги овие прикаски за човековите права и за злоупотребите на власта!

Неговата онанија покажа дека оваа пустелија, таа разнебитеност на државата е пострашна последица на вмровското владеење од самиот чин на прислушувањето и од пљачката заедно, мислам, самиот факт дека сме останале односно не оставиле без можности низ правни и демократски процедури да ги решаваме проблемите! Всушност, не оставиле без држава. Некои работи во животот можеме да ги прифатиме, некои не, за некои може да се види дијалог, за други не и така натаму, но она што е над сите поделби, над сите разлики, над сите идеологии, над сите судски процеси, над сите светови, во оваа афера, тоа е фантастичната илустрација на невидената катастрофа на една мала, питома земја со помош на своите умоболни патриоти на чело со Него! Само Југославија, Либија и Сиера Леоне се земји кои побргу и потемелно пропаднале во пократок рок, но без шанси тие пропаѓања да бидат трајни и неповратни како во Македонија на ВМРО! Дури и кај Југославија!

Во Македонија нема политичка криза односно политичката криза не е најпрецизна ознака на тоа што се случува! Имаме важни поместувања во позицијата на меѓународниот фактот, но се уште недостасува клучната дефиниција на проблемот: криминалните злосторнички пројави на власта кои како краен израз ја имаат заробеноста на државата! Жал ми е што морам да го кажам ова: да се “замолуваат сите безбедносни и судски власти во земјава да ги почитуваат фундаменталните права, принципот на еднаквост пред законот и пресумпцијата на невиност (Ховит)” , во актуелнава констелација, е побесмислено отколку да се замолуваат европските педофили да внимаваат на децата, а терористите на возниот ред во метрото!

Најсилен впечаток, сепак, ми остава расчекорот меѓу инфантилноста на целата група и грандиозноста на целиот проект за растурање на Македонија! Кога минуциозноста на проектот ќе се стави во корелација со строгите ограничености на главните актери, ќе се види дека луѓето навистина се чипирани, дека нивната инфантилност, патологија, социопатија и социјален аутизам, не се елементи кои ја отфрлаат теоријата на заговорот туку ја потврдуваат!

 Колумна во “Слободен печат“)

Leave a Reply

Your email address will not be published.