Градоначалникот на Кавадарци ќе го менува името на градскиот плоштад???

Градскиот плоштад “Маршал Тито” со ново име?

Градоначалникот на Кавадарци,  Александар Панов, покренува постапка за прибирање на предлози од граѓаните за ново име на градскиот плоштад “Маршал Тито”. Јавниот повик е објавен денеска, а целта е граѓаните да предлагаат можно име за плоштадот во Кавадарци.

Граѓаните своите предлози до 26 август годинава, можат да ги достават по пошта, на адреса на  Општина Кавадарци, на електронската адреса на општината на e-mail  opshtina@kavadarci,gov.mk со назнака„ Ново име на плоштадот“, или на официјалната ВЕБ страна на општината www.kavadarci.gov.mk

Пристигнатите предлози ќе бидат селектирани  по што ќе следи Законска постапка на Општината за промена на името на градскиот плоштад.

„Преименувањето на улиците и плоштадите во општината е моја програмска определба која доби зелено светло и од Советото на Општината, кој пред неколку години изгласа Одлука  со која се усвои листа на имиња на залужни граѓани од Кавадарци кои со своето дело оставиле траен белег во историјата на градот.  Врз основа на таа одлука беа извршени промени на имињата на повеќе улици и булевари, а се даде име и на градскиот парк“ вели Панов и смета дека во овој период биле созреани условите за промена на името на градскиот плоштад.

„По мое длабоко убедување Кавадарци и неговите граѓани заслужуваат плоштад чие име ќе го одразува духот на поднебјето и ќе потекнува од корените на славната кавадаречка историја.  Токму во тој правец е и мојот Јавен повик кон граѓаните, Тие со нивни предлози активно да учествуваат во кумството на градскиот плоштад.

Морам да истакнам дека овој потег во никој случај не е негирање на нашата поблиска историја и периодот после НОБ.  Напротив мојата одлука е мотивирана од длабоки патриотски причини,а во духот на времето во кое живееме. Целта е јасна да бидеме „Свои на своето“ и да ги почитуваме и величаме нашите кавадаречки, Тиквешки и Македонски корени“ се вели во писменото обраќање до јавноста на градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов.

Извор КТВ

Leave a Reply

Your email address will not be published.