ПАНИКА ВО ПАРКОТ НА ВРХУШКАТА

пишува Ерол Ризаов

Кога го отворија писмото потпишано од Катето, некои луѓе онемеа од страв, а нивните пси-чувари почнаа силно да лаат

Шокот кај врхушката на власта што го приреди специјалнатаобвинителка Катица Јанева со своето прво барање доби продолжено дејство и се претвори во паничен страв. Експресно заеднички се огласија Американската амбасада и Канцеларијата на ЕУ со целосна поддршка на барањата на специјалниот јавен обвинител. Тие го направија тоа што требаше да го направи премиерот Груевски бидејќи таква обврска за непречена работа на обвинителството презеде јавно при именувањето на Катица Јанева и донесувањето на посебниот Закон.

Катица шокира со барањето до Советот на обвинители кој содржи прецизен список на потреби за ефикасна работа на новото обвинителство кое целосно е во рамките на Законот лек специјалис што неодамна е донесен со општа согласност на политичките партии во парламентот и беше проследен со лични заложби на премиерот Груевски и лидерот на опозицијата Заев за непречена работата на специјалното обвинителство. Тоа беше така до некни додека обвинителката Јанева не достави листа на првите потреби и најава дека е можно многу бргу да уследи обвинителен акт. Дали можете да претпоставите колкаво ќе биде изненадувањето кога првата тужба ќе стаса во судот, а колкава ќе биде реакцијата на јавноста кога ќе паднат првите пресуди. Не верувате дека тоа ќе се случи. Не е за верување, ама така ќе биде, или нема да не’ биде. Друго чаре нема.

Кога обвинителите го отворија писмото до нив потпишано од Катето, некои луѓе онемеа од страв, а нивните пси-чувари почнаа силно да лаат. За миг им стана на сите јасно дека обвинителот бара повеќе од сто правни експерти за да ја почне најголемата истрага на организиран криминал и најмасовното нарушување на човековите права во поновата историја на Македонија. Кога видоа обвинителите од Советот кои работат со децении јаваш, јаваш, дека оваа работа е сериозна и нема забошотување и пролонгирање до бесконечност, кога видоа дека нивниот колега- специјалец бара 30 истражители, 30 обвинителски советнци, 30 обезбедувачи, поточно над 100 стручни лица и целосна економска независност со прецизни суми, наеднаш настапи мукла мара, сус пуст, мртва тишина во паркот на државниот врв. Неподносливата тишина први ја нарушија насасканите кучиња кои почнаа да лаат на сет глас. Се разбира, медиумските загари не лаат поради селото, туку поради себе. Им кажале газдите ’ржете за големите трошоци и за парите на граѓаните што обвинителството ќе ги троши, а лајте за нарушената слобода и независност на државата, за патриотизмот и притисокот на големите сили врз самостојноста на Македонија сама да ги брка своите криминалци, како и досега овозможувајќи им да имаат и своја држава.

Зошто толку страв и зошто молчи државниот врв. Зошто веќе нема гласна поддршка за првото побарување на специјалната обвинителка Катица Јанева. Стравот доаѓа од содржината на барањето. Работата станува ептен сериозна, над сто стручни луѓе ќе учествуваат во истрагата која произлегува од содржината на прислушуваните разговори. Како тргнало, од илјадниците снимени разговори ќе се отворат многу прашања на кои треба да се одговори во процесот на истрагата. Има тука и плацови на Водно за џабалак, има и промени на урбанистички планови по нарачка, има и кинески и израелски провизии, има бесправно уривање на туѓ имот, има наместени политички мотивирани апсења на луѓе, нарачани пресуди и долгогодишни затворски казни за политички противници, има криминал до гуша во кој учествуваат актуелни високи функционери. Тоа се вика класичен организиран криминал. Во тој случај , обелоденувањето на прислушуваните разговори не е незаконско, туку херојски и високо патриотски чин. Должност и законска обврска е на секој граѓанин да го предочи на јавноста злосторничкото здружување за подривање на државата. Тоа го направија нашите „свиркачи“ кои ги дадоа на јавноста доказите за злоупотребите на власта за што само прашање на време е кога ќе им се дадат признание и сатисфакција за големите страдања на кои се изложени.

Индикативно е зошто упорно молчи државниот врв, а засега реагираат само контролираните медиуми со жестоки нарачани напади врз Јанева. Додека се’ уште во ек беше акцијата за прогласување на Јанева за државен непријател и расипник, уследи тазе заедничко соопштение од Американската амбасада и од ЕУ во кое, кажано со народни зборови, пишува прифатете ги барањата на Јанева и не јадете многу гурабии оти се во согласност со Законот кој го донесовте. Затоа специјалното обвинителство и институциите на системот на Македонија се охрабруваат да побараат каква било помош во врска со Законот лек специјалис и таа веднаш ќе биде врачена.

Оваа истрага истерана до крај со праведни и правно издржани судски пресуди е најголемиот историски предизвик во македонската 25-годишна тешка и мачна транзиција. Затворски казни на актуелни високи функционери и политичари, ако се огрешиле од законите и ја злоупотребиле својата положба, широко ќе ги отвори вратите за воспоставување правна држава и владеење на правото. Судски епилог со казни за загрозување на човековите прави ги враќа демократијата, слободата на говор, медиумската независност, ја враќа Македонија на европскиот пат, ги отвора вратите и на ЕУ и на НАТО. Праведни судски пресуди по оваа истрага е најсилната гаранција дека Македонија ќе излезе од политичката криза и дека има човечки ресурси да гради современо европско општество.

Извор УТРИНСКИ

Leave a Reply

Your email address will not be published.