Пак не’ плашат со комунизмот

Наместо да се заплашува народот со мртвиот комунизам, понадежно е да се плаши власта за одземената европска иднина на Македонија

Пак не’ плашат со комунизмот. Застрашувањата со сеништата од минатото секој ден со предозирана гебелсовска пропаганда стануваат реалност, дури и кога нема ни еден вистински комунист. Нема, ама може да се повампири и по цели 22 години по неговиот пад и клиничка смрт. Комуњарите ти се како суштества кои се регенерираат и оживуваат дури и ако им се пресече главата. Најбрзо се размножуваат при голема сиромштија, неправда и во мрак.

Пилињата испилени од комунистичките гнезда, откако променија неколку партии ама секогаш во ќумезот на власта, денес кукурикаат за будење на нацијата и за подготовка на последниот бој до конечно истребување на остатоците на црвените комунистички банди кои се пред вратите и само што не вмарширале во Скопје како злогласните партизани во Втората светска војна. Само уште во Македонија е актуелна и има употребна вредност пораката која му се припишува на најпознатиот дисидент во светот, чешкиот писател и државник Вацлав Хавел дека од комунистите се полоши само антикомунистите. А, еве и зошто. Се распишале млади и стари поранешни комунисти, а сега тазе капиталисти и патриоти како комунизмот произведувал лажни вредности, како ги унакажал македонските генерации и вистински вредности.

Најнапреден од сите нови хроничари на патилата од комунизмот е Ивица Боцевски поранешниот министер за евроинтеграции кој му плесна во лице оставка на премиерот Никола Груевски. Си замина од неговиот кабинет како што приопшти бидејќи нема што повеќе да работи во македонската влада. Боцевски му напиша на премиерот дека се исцрпени сите можности за негов натамошен ангажман на македонскиот пат до Европа. Таа шокантна одлука во јавноста се протолкува дека Владата не е веќе заинтересирана за забрзување на евроинтеграциските процеси и дека младиот министер очаен поради тоа донесе храбра и чесна одлука да си замине од работното место кај што работодавачот не му дава да работи.

Ама Боцевски лека полека стана пишман аџија и се покаја што не ја разбрал генијалноста на Груевски, па сака понизно да се врати таму од кај што излегол трескајќи ја вратата зад себе. Сега Боцевски тргна од почеток во „Нова Македонија“ , како и тогаш во „Утрински“ чии антикомунистички текстови ги објавувавме со задоволство иако не се согласувавме со неговото изедначување на македонскиот комунизам со режимите на земјите зад железното перде на Исток. Токму тие текстови тогаш го однесоа Боцевски на голема врата во владата како надежен политичар на десницата. Сега по повеќе години Боцевски пак сака да се врати со уште пожесток вокабулар , ама притоа од преголема желба влегува во ефтини пропагандистички води и бадијала си го потроши големиот кредит стекнат со неговата оставка. Навистина штета што Боцевски се посипа со пепел и си ги погази сопствените принципи и сега понизно му се пика на Груевски. Толку многу напреднал во своите ставови што дури и Мирка Велиновска се обнадежила дека Боцевски заедно со уште неколку талентирани владини пејачи на оди е вистински развигор кој ќе го поразат досегашниот вредносен систем на македонскиот жабарник. Конзервата е отворена и почнато е чистењето на лажните македонски вредности. Бравос.

Боцевски ни пишува за црвен терор небаре одвај го преживеал кој почнал да коси почнувајќи во првата најжестока фаза од 1940 до 1950 година. Било многу страшно како во Советскиот сојуз, ист македонски модел кој ја сотрел по гулазите и затворите напредната македонска интелегенција. Го разобличува надежниот автор бескрајниот комунистички ужас се’ до историската 2006 година кога власта ја освојува преродбенското сенародно движење ВМРО- ДПМНЕ со Никола Груевски на чело.

Според новите отварачи на конзерви црвениот терор бил најжесток од 1940 до 1950 година. Особено од 1941 до 1945 кога црвените предводеа стотици илјади граѓани на Македонија во војна за слобода во која од фашистичкиот терор загинаа 25.000 македонски борци со чија крв е конституирана првата современа национална држва во историјата на Македонскиот народ. Веројатно Боцевски не мисли на овие 25.000 мртви дека се жртви на црвениот терор кога зборува како во бунило дека бил најжесток од 1940 до 1950 година. Изедначувањето на фашистичката окупација со грешките на комунистичкото владеење кои никој не ги негира, е срамно фалсификување на историјата од дневно политички и кариеристички потреби. Македонија и емпириски докажливо го достигна својот најголем развој во историјата во пероиодот 1945 до 1991 година кога се прерипнати векови. За тие 46 години Македонија од земја на маларијата и туберколозата, на бедата и сиромаштијата, на неписменоста и заостанатоста, стаса до невиден развој во историјата на балканските народи. И тоа од сите општествени аспекти: национален, политички, научен, економски, културен, спортски….. Најегзактен показател за севкупниот развој е фактот што 1989 година Македонија по сите релевантни параметри беше достигнала над 50 отсто од европскиот просек, што се вели на половинат пат, а откако стаса слободата и независноста денес по 22 години стаса до 30 отсто од просекот на Европа.Тоа кажува колкав е учинокот на транзицијата и особено на преродбата. Сме се вратиле на третина од патот кон Европа. Сега во овој момент галопираме назад како никогаш досега. Можат надежните отварачи на конзерви да направат уште една споредба: колкав е напредокот на Македонците во изминатите 70 години во четирите држави каде што живеат, па белким ќе им бидат појасни последиците од македонскиот црвен терор.

Наместо да се заплашува народот со мртвиот комунизам ќе биде многу понадежно да се плаши власта за катастрофалните грешки со одземање на европската иднина на граѓаните на Македонија. Мене тоа ми изгледа како терор до распад и исчезнување.

Извор Утрински 

Leave a Reply

Your email address will not be published.