Во опаѓање цената на станбениот квадрат

Според податоците, трендот особено се засилил во третото тримесечје на минатата година, кога цените на становите забележале пад од 1,8 отсто на квартална основа. Тоа претставува второ последователно намалување бидејќи во второто тримесечје од 2012 година падот изнесувал 1,3 отсто.

Според експертите, трендот на намалување на цената на становите може да се објасни со пораст на изградените станбени згради во претходните неколку години. Во вториот квартал лани изградбата на станбените згради била два пати поголема во однос на претходниот квартал. Падот на цените се поврзува и со општата тенденција на пораст на добиени одобренија за изградба. Лани во јули бројот на издадените одобренија за градење станови бил зголемен 3,6 пати во однос на јуни, а корисната површина четири пати. Побарувачката на недвижности лани била намалена за над 35 отсто, во време кога понудата постојано растела. Фактор што влијае на цената на недвижности се и намалените извори за финансирање на домаќинствата преку банките. Податоците за годинава се уште не се целосно систематизирани, но според досегашните показатели, трендот на намалување на цените продолжува. Ова не важи единствено за луксузните резиденцијални објекти, кои и натаму држат цена, иако и таа е далеку пониска во споредба со цените од пред неколку години. Според последните податоци, станбениот квадрат во Скопје и натаму се продава просечно за 950 евра, а куќите по 1.050 евра за квадратен метар.

Leave a Reply

Your email address will not be published.