Пациентите приморани да одат на приватно лекување, поради долгите редици во државното

Ова е првична проценка со која деновиве излегоа одредени скопски државни болници, откако се пожалија дека на околу 30 до 40 отсто од закажаните прегледи болните воопшто не се појавуваат. Нивните анализи покажуваат дека главната причина за тоа зошто не дошле на закажниот преглед, кај најмалку половина од пациенти, е што во меѓувреме истиот преглед веќе го направиле во некоја од приватните ординации. Ова посебно се однесува на пациентите кои се уште не знаат од што боледуваат, па поради неизвесноста поитуваат во приватниот сектор. Пациентите реагираат дека за овие услуги во просек трошат по најмалку 100 евра, па затоа прашуваат ако веќе плаќаат за здравствено осигурување, зошто да не можат да нправат преглед и во приватните ординации и болници до цената за истата услуга што важи во државното здравство. Оваа иницијатива се провлекува со години, но, здравствените власти гледаат да ја одложат.

“Ако во јуни за во октомври закажав снимање на дебелото црево или колоноскопија порано од октомври, зошто со сини картони да не можам да се прегледам во приватното здравство, каде за еден ден ќе ми го направат снимањето. Зошто да морам да платам најмалку 5.000 денари за ова снимање кога имам осигурување. Ова особено ако за тој преглед не мора да се издвои повеќе пари од Фондот од она што го покрива здравственото осигурување”, прашува С.М. од Крива Паланка.

Со слично прашање е и М. М. од Скопје, која вели дека платила 3.000 денари на приватен лекар, за да може што поскоро да го прегледаат нејзиниот син кој имал висока темепартура. ” Син ми гореше од температура. Му се качуваше до 40 степени. Матичната лекарка ми велеше дека таков е вирусот. Освен тоа што му препиша антибиоток, ништо друго не презема. Не сакаше да не испрати на дополнително испитување или на специјалист, иако температурата не се симнуваше 4 дена. Син ми веќе немаше сила ни да оди. Од страв да не му се искомплицира состојбата појдовме на приватен специјалист. Тој веднаш му го исчисти грлото, бидејќи тоа било жариштето на темпаратурата. За два часа температурата се симна на 37,5 и повеќе не се качи на 40 степени”, раскажува загрижената мајка. И таа прашува зошто Фондот да не и го признае приватното лекување. “Не бараме повеќе туку Фондот само да ја признае цената за истата услуга во државното здравство”, додава мајката.

Ова се само дел од големиот број случаи, кои поради тоа што не можеле да се прегледат во државното здравство завршиле во некоја од приватните ординации.

Здравствените власти многу не се расположени за иницијативата на пациентите здравственото осигурување да им важи и во приватниот сектор. Од Фондот за здравствено осигурување, немаат одговор дали воопшто се размислува за оваа идеја. Од таму ни рекоа дека тоа е здравствена политика, и за неа е надлежно Министерството за здравство. Од ресорното министерство велат дека засега нема ништо од оваа иницијатива, ниту пак се прави некаква анализа.

Извор Утрински 

Leave a Reply

Your email address will not be published.