Овие протести треба да се поддржат. Што после?

пишува Милчо Манчевски

Не е прашање дали овие протести треба да се поддржат. Тоа се подразбира. Прашање е што после.

Овие протести треба да изродат нов квалитет. Не е доволно да се запре криминалот и да се казни, да се натераат институциите и процесите да бидат чесни, да се запре поделбата, да се исчисти јавниот муабет од лошотија, етикети, себичност, тролови, лаги и корупција. Ова е можност најпосле да почне да се живее цивилизирано: правото да владее за сите, демократијата да е вистинска а не лажирана, заедницата да се грижи за послабиот, а сите поединци за општото добро… Можеби цела генерација ќе оди фиран додека се постигне ова. Ако воопшто.

Луѓето не им веруваат на партиите затоа што тие станаа – или отсекогаш биле – форма на племенско, примитивно, себично однесување кое ја негира пошироката заедница и општото добро, ама и слободата на поединецот.

Казни за криминалот се само почеток. Нивниот ефект бргу ќе се стопи како сладолед на сонце ако не одат рака под рака со секојдневни постапки на доброволна општествена одговорност и владеење на правото. Правдата е слепа, таа важи за секого, и за „нашите“ и за „вашите“. Најмногу треба да важи за моќните.

Кај нас секогаш имало корупција и беззаконие. Врски во школо, врски кај доктор, врски за вработување (познато и како злоупотреба на службена должност), врски за сообраќајна казна (познато и како злоупотреба на службена должност), дивогрдби (познато и кражба), носење дома на ситни нешта од работа (познато и како кражба), паркирање на трева, ѓубре низ прозор, врски на суд (познато и како кривично дело), вработување со врски (познато и како лажирања на конкурси), крадење гласови (познато и како лажирање на избори)… Сега сета таа ситна и средна злоупотреба, пакост и криминал се набија со стероиди и претече млекото.

Тажно ќе биде ако на крајот од денот имаме само враќање на благопријатното беззаконие и пасивно-агресивната ситна злоба. Ќе биде убаво ако новиот квалитет кој ова будење го нуди содржи друг вид секојдневно однесување – барем во заедницата и во институциите.

Тоа се наѕира, ама ќе биде тешка борба против гнасното во нас самите. Солидарноста, посветеноста и акцентот на општото добро кои ги нудат протестите ги засенуваат микро-вандализмот, фејсбук самобендисаноста, па дури и прозивањето од позиција на толпа. Помало зло се од масовен и масивен криминал, разуларена агресивност, одмазда на повторувачите, владеење на лагата и институционализација на силата.

Leave a Reply

Your email address will not be published.