Отворено писмо до министерот Тодоров

Не ви се обратив пред три години, министре, кога една неука докторка во дежурна служба во Кавадарци на мајка ми и дала ампуларна терапија, без да ја праша што земала претходно. Со тоа и ја удвоила дозата, за само по 5-6 минути притисокот од 170 да и падне на 40 и добие срцев удар. Нејсе, по цела ноќ безнадежно оживување во болницата, оти нели постарите не смеат да ги праќаат во Скопје, трошок е тоа за здравството, конечно јавено ни е нас нејзините две деца. Но, ете, на мое инсистирање сепак, ја донесоа на Клиниката за кардиологија каде дежурниот лекар ја врати во живот со помош на апарат на срцето. И се беше добро додека петтиот ден не прими терапија(за која велат дека е меч со две острици иако постоело и друга побезбедна, ама не ме известија за тоа) и доби крварење во желудник, западна во кома од која не се разбуди.

Многу работи се изнагледав министре Тодоров додека престојував на интензивното одделение на Клиниката за кардиологија во тие 10 дена. Толку многу, што се уште закрепнувам од траумите, од третманот на младиот кадар во работата со најтешко болните, оти нели, постарите доктори не се занимаваат со такви случаи, туку со „пософистицирани“ работи. А, и рака на срце, се разбегаа од мене кога видоа што се случи.

Не ви се обратив министре кога почина мајка ми, оти сметав дека нема да има ефект моето обраќање, не побарав ниту правна разрешница, знаев како ќе заврши. Си платив човек од болницата за да ја облече според нашите обичаи нели, и така, ете, дознав дека од тој „бизнис“ многу добро заработуваат поединци во болницата. Но, добро е и што ги има зашто без нив и ние семејствата на починатите нема што да правиме, а богами и тие со нивните мизерни плати. Поучена од лекцијата дека лекарите со своите отсутни погледи сакаат да ви кажат дека не сте му веќе важни како пациенти, татко ми го однесов на операција во приватна болница. Прво, затоа што операцијата не ја прават на клиниките, а и искрено и не сакав да го изгубам еден месец по мајка ми.

Не ви се обратив ниту тогаш да ви кажам дека вака не оди, дека на народот му го одземавте она што му е најнеопходно, правото на вистинско и навремено лекување, а луѓето се уплашени и немаат пари да се лекуваат во приватни болници. Немаше да има фајде и да ви се обратев, зашто натаму тече водата,а треба да се применува добро познатата девиза „парите го следат пациентот“. А, кој ги следи парите? Тоа правило го заговараа и други министри пред вас, уверени дека ќе печалат пари од болните граѓани, дека треба да раскрстиме со бесплатното здравство како во социјализмот, ама еве на вас ви се „позлати“ да ги спроведете тие реформи.

Не е важно тоа што некој граѓанин 40 години плаќал здравствено осигурување во солидарниот здравствен систем, неговите пари биле употребени за лекување на други луѓе додека тој бил здрав, а сега кога му е неопходно, нема пари да се лекува. Често пати ме демантираше Владата дека здравството оди во колапс. Еве, се потсетувам на еден таков демант од 2010 година. Сега не очекувам да го стори тоа зашто ви се обраќам како паталец и потенцијален пациент, а не како новинар.

За овие три години додека талкам со татко ми по болниците се изнагледав се и сешто, памет да ви штукне. Книга можам да напишам, бетселер ќе стане. Не дека се е лошо, има и добри проекти што си ги водат одредени клиники, но за нив во друга друга прилика, кога ќе најдете време да одговорите на моите прашања, како новинар. Гледам и слушам што се случува со вашата популарна реформа „мој термин„ на која сте толку многу горд и мислите дека добро функционира.

Е, сега ви се обраќам министре и ви велам, отпишете го тоа од својата глава. Компјутерскиот систем во вашето Министерство не е исто што и болниците, амбулантите. Сте излегле ли на терен да видите како тоа се одвива во пракса? Да бидам искрена, гледајќи како тоа функционира во странство за малку и јас ќе поверував дека ќе се среди работата кај нас. Затоа и го советував мојот сопруг, да си закаже термин за преглед кој му е неопходен. И закажа човекот, ама после четири месеци. И денеска кога конечно дојде тој ден, за кој така убаво го известуваа преку СМС пораки за да го потсетат да не заборави случајно да дојде, наместо на закажаниот термин во 12 часот, влезе два часа подоцна. А, внатре уште едно изненадување, ЕХО преглед му е закажан после еден месец. Замислете скоро половина година за да се дојде до дијагноза? Ќе одговарате ли вие министре или некој од вашиот кабинет, ако не дај боже се случи нешто за тоа време? Зошто го потценувате пациентот министре, неговото здравје го ставате под нозе, а неговото време го фрлате во ветар?

Со кое право им го доверивте здравјето на граѓаните на група ваши советници просечни географичари, историчари, правници кои немаат врска со здравството за да прават реформи, да копираат здравствени системи кои се неприменливи во нашето здравство. Каде се вашите генијалци со натпросечно ниво на интелегенција што ги баравте на оглас? Зошто го докусуривте здравствениот систем, кој и така перманентно беше уништуван со години?

Ете, затоа здравството е во колапс, на стаклени нозе кои ги држат поединци лекари, на кои се уште не им дошло преку глава да си заминат во приватните болници или во странство. А, мојот сопруг нема да се лекува во таа болница, ќе оди да се прегледа во приватна, каде што треба да одат парите. Нели тоа е поентата на целата работа министре? Полека да пропадне јавното здравство, за сметка на приватното?

Но, се тоа да се направи под велот на реформите, оти тие пред вас очигледно беа глупави па отворено го кажуваа тоа: Јавното здравство да биде за социјалата, а приватно за граѓаните кои имаат да платат. Ви се обраќам министре преку отворено писмо, зашто немав можност да ве прашам лично, како новинар, за овие работи што ги мачат граѓаните, зашто откако сте поставен на функцијата министер за здравство ниту еднаш не одговоривте на ниту едно мое прашање. Често ги игнориравте моите прашања на прес конференции, а камоли да ме примите во кабинет како што тоа културно го правеа вашите претходници, сите поранешни министри од која и да беа партија, без исклучок.

Разликата е во тоа што тие не ме гледаа како „новинар на опозицијата“, како што милуваат да кажат вашите гласноговорници, оти знаеја дека никогаш не сум била во ниедна партија. Тие новинарството го разбраа така како што треба, како коректор на секоја Влада, а не како алатка за остварување на нечии популистички цели. Затоа министре, Ви се обраќам вака преку писмо. На мене ми е совршено јасно дека сега веќе кој и да дојде за министер, нема да ја оправи работата во здравството! Но, дали и Вам ви е јасно, оти не ми личи така работата. А, што е тоа важно нели кога „парите го следат пациентот“, а пациентот ја следи бабата, бабата го следи дедото, дедото ја фатил репката…..И така останавме со репката во раце сите.

Менче Атанасова Точи (авторот е уредник во порталот НОВАТВ и со години го следи ресорот здравство)

Извор НОВАТВ 

Leave a Reply

Your email address will not be published.