Одлуката на претседателот Иванов е државен удар

пишува Бранко Героски

Одлуката на претседателот Иванов е државен удар и формално укинување на последните остатоци од демократијата во Република Македонија.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, пред малку лично ме увери дека тој и неговата партија немаат ништо заедничко со одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција (иако таа се однесува и на двата случаи во кои е обвинет Заев).

Ги чекам првите реакции на меѓународниот фактор, за да бидеме на чисто дали Иванов ја зборува вистината кога вели дека со никого не се консултирал пред да ја донесе одлуката.

Во секој случај, одлуката на Иванов за аболиција е класичен државен удар, изведен со намера режимот на Груевски со еден потег рамен да ја реши политичката криза во своја полза.

Од денеска Специјалното јавно обвинителство веќе не постои. Аболициран е најголемиот криминал во македонската историја. Станува збор за незаконско прислушкување на илјадници луѓе и за индиции и во голем дел и за директни докази за тешки криминални дела и огромни корупциски скандали.

Од денеска Груевски ја спроведува својата агенда за заведување формална диктатура, што ќе ја „легитимира“ со изборната кланица на 5 јуни.

Од денес во Република Македонија не постојат правда и демократски институции, бидејќи тие се укинати со декрет на шефот на државата.

Од денеска гласот на меѓународниот фактор за хунтата на Груевски не вреди ни пет пари.

Од денеска СДСМ, граѓанските организации и сите слободоумни граѓани во оваа земја немаат со кого и за што да преговараат. Сите разумни причини што наложуваа да се вложат напори кризата да се реши по пат на трпеливи преговори и компомиси денеска се исцрпени.

Од денес, нашата единствена опција е бојкотот на изборите и сенародниот отпор против диктатурата на Груевски.

Leave a Reply

Your email address will not be published.