Oд Кафкините “Писма за Милена”

Eте Милена, лежам на лежалката, предпладне, гол, половина на сонце, половина во сенка, после скоро непреспиена ноќ; како би можел да спијам кога, премногу лесен на сонот, облетував без престан околу Вас, кога навистина баш онака како што вие денес пишувате бев престрашен од она што ми падна во крило, престрашен во она иста смисла како што се зборува за пророците дека како слаби дечиња слушнале како ги повикува глас и се престрашуваат и не сакале, се оттргнуваат со нозете од земјата и мозокот им го растргнува страв, а веќе и порано ги биле слушнале гласовите и не знаеле од каде тој ужасен тон допрел баш во тој глас – дали тоа била слабост на нивните уши или силата на тој глас – нити знаеја, затоа што биле деца, дека гласот веќе победил и се вгнездил со помош на тој однапред испратен, исполнет со претчуство страв кој го чувствувале поради тој глас, а со кој сеуште не било ништо искажано за нивното пророчко одредување, бидејќи тој глас го слушаат многумина, но дали се достојни за него, тоа е и објективно многу неизвесно, а поради сигурност подобро е тоа одлучно да се порекнува – значи така тука лежев кога стигнаа вашите писма.

Една особина, ми се чини, ни е заедничка Миела: ние сме така срамежливи и плашливи, скоро секoe писмо е поинакво, скоро секое е полно со страв поради претходното, и уште повеќе, поради одоговорт. Вие не сте такви по природа, тоа лесно може да се воочи, а јас, можеби дури ни јас не сум, но тоа скоро ми стана втора природа и се губи, само во очајување, или лутина и, да не заборавам, и во страв.

Понекогаш имам впечаток дека имаме соба со спротивни врати и секој од нас ја држи својата врата и доволно е еден од нас да трепне, па другиот да се најде зад својата врата и сега треба оној првиот само еден збор да каже, па другиот сосема да ја затвори вратата после себе, не можеш дури ни да го видеш. Несомнено оној другиот од нас повторно ќе ја отвори вратата, бидејќи тоа е една соба, која можеби не можеме да ја напуштиме. Само да не сме и едниот и другиот исти, да е еден од нас мирен, да демек не обрнува внимание на оној другиот, да полека ја доведе собата во ред, како да е тоа соба како било која друга. А наместо да е така, секој од крајот на својата врата се однесува потполно еднакво, понекогаш сме дури и двајцата зад врата, а убавата соба стои празна. Гадни несложување се раѓаат од тоа. Вие се жалите, Милена, на некои писма, човек ги превртува и ништо, а сепак се тука, ако не се лажам, баш оние писма во кои Ви бев близок, така близок, така пригушен во крвта, ја пригушував Вашата, така длабоку во шумата, така смирен во мирот, што човек посакува да каже само толку дека низ крошната се гледа небото, само тоа, и ништо друго, и после еден час го каже пак истото, и тука секако нема “Ниту еден единствен збор кој не би бил добро промислен”. И тоа не трае долго, најмногу еден миг, наскоро повторно се јавуваат трубите на бессоните ноќи. Размислете и за тоа, Милена, каков доаѓам кај Вас, какво триесетгодишно патување лежи зад мене (а бидејќи сум Евреин, двапати е подолго) и кога на еден демек случаен свиок ве здогледав Вас, која никогаш не очекував да ја видам, а уште помалку сега, така касно, тогаш, Милена, не можам да викам, ниту во мене нешто вика, ниту зборувам илјадници лудости, тие не се во мене (не мислам на други лудости кои ги има во мене во озобилство), а дознавм дека клечам можеби по тоа што сосема близу пред очите ги гледам Вашите нозе и ги милувам.
И немојте да барате искреност од мене, Милена. Никој од мене не може повеќе да ја бара отколку јас самиот, а сепак ми побегнува, да, можеби ќе ми избега во целост. Но во тој лов не ме охрабрува охрабрувањето, туку напротив, тогаш не можам ни чекор подалеку, одеднаш се станува лага и прогонетите го удавуваат ловецот. Ја сум на така опасен пат, Милена. Вие стоите цврсто крај едно дрво, млада, убава, Вашите очи со своите зраци ги соборуваат патилата во светот. Јас во сенка се прикрадувам од едно дрво до друго, сега сум на средина на патот, Вие ми довикувате, ме опоменувате на опасност, сакате да ми влеете храброст, се воодушевувате поради мојот несигурен чекор, ме потсетувате (мене ме потсетувате!) на сериозноста на играта – јас не можам, паѓам, веќе лежам. Јас не можам истовремено да ги наслушувам гласовите на внатрешното битие и Вас, но можам да слушам што тие зборат и тоа Вам да ви доверувам, Вам како никому на светот.

Ваш Ф.

 

 

Превод: К. Попова

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.