Обвинување кон Никола Груевски!

пишува Луми Бекири

Обвинувам! Те обвинувам тебе лично Никола Груевски за секоја уништена година, месец, ден и час од мојот живот. Јас не сум ниту правник, ниту политички експерт, но си давам за право да те обвинам за сите мои лични болки, а по твоја заслуга.
Те обвинувам за целата уназаденост и уништување на нашето општество и држава, која што моите предци ја градеа! Те обвинувам што дневно-политичките настани битни за сите нас ги сведе на ниво на курто и мурто.

Те обвинувам што ја осакати мојата генерација, и ја уништи сета креативност, па така наместо во најубавите години на младоста да се заљубувавме и творевме, ние се бавевме со резултатите на твојата пореметена психа. Те обвинувам што во овие години наместо да се стремевме кон некои поотворени хоризонти, да се посветувавме на нашите професионални животи, да креиравме нешто од нашите емоции, ние моравме да одвојуваме време да се занимаваме со твоите неписмени министри и твоите неписмени закони.

Те обвинувам што ме украде, што не можам да си дозволам основни работи од кои што зависам, а само можам да слушам од моите родители и нивните – како тие на мои години патувале низ целиот свет, во оние тешки и мачни времиња на социјализмот, според тебе. Те обвинувам што освен на твоите пропагандисти платени од мои пари кои што ти ги украде – те гледам и таму каде што не треба да те гледам, во матките на жените, во кревет дур водам љубов, во политиките на мојот универзитет, во полупразниот фрижидер, во комичната архитектура на уништената метропола итн.

Те обвинувам заради тоа што ако после ова преживееме, мојата генерација засекогаш ќе остане со трауми од своето минато во кое што ти и твоите болни нечовечни желби владееја.
Сметките нема да можеш целиот твој неисполнет, едноличен и мрачен живот да ги исплатиш. Ама мора да почнеш, Никола. Овие сметки не се плаќаат со каса-прими Никола, како една твоја министерка. Овие сметки ќе ги понесеш со себе во гроб, неисплатени. А нашите десет фрлени во кал години, никогаш нема да се вратат.

Leave a Reply

Your email address will not be published.