Утрински: Новото пензионирање би чинело 50 милиони евра годишно

Пензионирањето со собирање на годините на работен стаж и на старост државата би ја чинело околу 50 милиони евра годишно. Толку дополнителни средства треба да се обезбедат во пензиската каса доколку биде прифатена иницијативата во пензија да може да се замине ако збирот на стаж и старост надминува 80 години за жени и 90 години за мажи.

Сумата од 50 милиони евра е груба математика направена врз база на првичната процена од анализата дека условот за збирно пензионирање го исполнуваат 20.000 вработени и ако за нив би се исплаќала актуелната просечна пензија, која според последната месечна статистика изнесува околу 11.600 денари. Односно, во пензиската каса за новите пензионери би требало месечно да се издвојуваат по околу 3,8 милиони евра.

Експертите, сепак, велат дека многу е тешко да се одреди бројката на вработени кои би се пензионирале со комбинираните услови. Овие услови особено се погодни за вработени на возраст од над 50 години, а кои со работа почнале од млади нозе, па имаат многу години работен стаж кој најчесто изнесува околу 30 години. Според статистичките податоци, во државата има 172.340 вработени на возраст од 50 до 64 години, од кои 106.338 се мажи и 66.002 се жени.

Ако се знае дека моментално има околу 285.000 корисници на пензија, со новите пензионери бројот би се искачил на околу 300.000 пензионери. Или, ако сега месечно се исплаќа околу 54 милиони евра за пензии, со новите пензионери ќе бидат потребни околу 58 милиони евра. Моментално најниската пензија е 6.325 денари, а највисоката околу 36.000 денари. Повеќе од половината пензионери или околу 170.000 имаат под 10.500 денари пензија.

Се поставува прашањето како новото финансиско оптоварување би го издржала истенчената пензиска каса. Посебно што и сега за тековна исплата на пензии во пензиската каса редовно недостигаат повеќе од 30 отсто од месечната сума пари за пензии, кои државата во континуитет ги покрива со продавање државни записи секој месец.

Од друга страна, со новите пензионери ќе се зголеми и соодносот меѓу пензионери и вработени. Според официјалната статистика,

во земјава има околу 241.000 вработени, наспроти 300.000 пензионери, со што уште повеќе се загрозува тој сооднос, па уште малку ќе се дојде до ситуација половина вработен да работи за еден пензионер, што ќе биде уште понеиздржливо за пензиската каса.

Ова можеби е и аргумент повеќе што државата се’ уште се мисли дали воопшто да го прифати пензионирањето со комбинираните услови и засега работи само на анализа. Но, од Владата и од Министерството за труд и социјална политика засега не потврдуваат дека се работи на измени во пензионирањето.
Извор Утрински

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.