Новинарска лекција: Законот за кривична постапка – нова брана за пристапот до информации

 

Новинарите сега се исправени пред нов серизен предизвик: како да известуваат за судски постапки без да прекршат серија одредби од Законот за кривична постапка кој е во сила од 1 декември 2013 година. Овој закон во голема мерка го го ограничува пристапот на новинарите до информации од истрагата и судењата, што не беше случај досега.

 

Пишува: Саше Димовски

 

Најавен како реформски, со кој се напушти досегашниот модел на водење на истрагата и на судските постапки, Законот за кривична постапка, кој е во примена од 1 декември 2013 година, сериозно ги ограничува информациите кои до сега им беа достапни на медиумите и новинарите.

Напуштајќи го досегашниот седумдецениски концепт на спроведување на кривичната постапка, државата пропиша нови правила, кои, гледано од аспект на новинарите и информирањето, се многу рестриктивни, ги ограничуваат новинарите и медиумите во добивањето и пренесувањето на информациите, а во исто време над глава им виси опасноста во секојдневното работење да прекршат одредени законски норми и на тој начин да се изложат и себеси на кривично гонење.

Решенијата, кои се во примена речиси два месеци, наскоро ќе ги покажат сите практични проблеми од аспект на давањето информации и нивното презентирање, бидејќи во овој период, постапките кои се почнати, сѐ уште се водат по одредбите на досегашниот закон, па во пракса привидно изгледа како да е сѐ по старо.

Овој проблем нема да биде „ексклузивен“ само за судските известувачи, туку за голем број новинари кои ја следат работата на полицијата, кои пишуваат за економски теми, а во тој дел и за финансиски криминал, корупција, како и за истражувачките новинари кои би пишувале и истражувале криминал и корупција.

Македонија пред две години донесе нови законски решенија што се применуваат од крајот на 2013 година и кои го сменија начинот на водење на истрагата, па сега, наместо истражниот судија, истрага води самиот јавен обвинител. Се воведе скратена постапка за пресудување, можност за спогодба со јавниот обвинител и нова улога на судијата за време на судењето. Судијата сега ќе биде само набљудувач, а доказите ќе ги спротивставуваат странките меѓу себе, обвинителот и обвинетиот.

Истражните судии, кои сега се викаат „судии на претходна постапка“ имаат намалени надлежности и тие се однесуваат само на оценување на условите за определување на мерката притвор или давање на наредби за претрес.

Концептот на новата поставеност за водење на кривичните постапки во Македонија детално е обработен во прирачникот за новинари „Јавност во кривичната постапка“ кој ќе биде објавен наскоро во издание на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, од авторите Јован Илиевски, Зоран Димитриевски и Саше Димовски, а овде накусо ќе се задржиме само на ограничувањата што ги предвидел законот за новинарите и добивањето на информации.

 

Никакви информации во текот на истрагата

 

Досегашниот принцип, медиумите да бидат информирани уште во предистражна постапка кога полицијата поднесува кривична пријава, па пријавата се испраќа кај јавниот обвинител, а тој ја процесуира, ако ја прифати, до истражниот судија, е веќе минато. Сега истрагата, која ја води Јавниот обвинител, е тајна и медиумите НЕ СМЕАТ да објавуваат информации дали против одредено лице е покрената истрага или како завршила таа, сѐ додека Јавниот обвинител не  поднесе обвинение, а судијата за оценка на обвинението не одлучи дека треба да се дозволи понатамошно судење.

Во практика, ова значи дека новинарите доколку дојдат до сознанија за поведена истрага против одредено лице (функционер, бизнисмен, јавна личност) за некое  кривично дело, независно дали се од официјални лица вклучени во истрагата (полицајци, обвинител, адвокати, сведоци, вештаци), не смеат да објават детали, бидејќи на тој начин ризикуваат да биде гонети за „попречување на истрагата“ или слични кривични дела предвидени во законот.

Ако во евентуална кривична постапка се утврди дека службено лице ја дало информацијата и тоа ќе одговара кривично.

Па, оттука, новинарите од Јавниот обвинител, кој ја спроведува истрагата, можат да се надеваат дека ќе добијат информација за поднесени обвиненија и за притворени лица или извршени претреси (за кои дал налог судијата на претходна постапка). За другите постапки, каде што нема определено притвор, објавувањето на информации може да го поттикне обвинителот да предложи притвор за лицето на кого се однесува објавената информација дека се води истрага, за да го спречи евентуалното негово бегство или прикривање на докази и влијание на сведоци.

Формално гледано, секое објавување на информации за водење на истрага може да биде на штета на осомничениот.

Затоа, Јавното обвинителство секогаш ќе избегнува да обелодени информации од истрагата за тоа: дали некое правно или физичко лице се наоѓа под истрага во предмет во кој работи јавното обвинителство, дали некое лице има статус на осомничен и кога и на кој начин ќе се преземат одредени активности на откривање на кривични дела или сторители.

Од Јавното обвинителство ќе се очекува поголема транспарентност во делот на завршените истраги и поднесени обвиненија и при барање на новинарите да  им се достават податоци и анализи за одредени истражувања, на пример: колку постапки се воделе и колку лица се осомничени за трговија со дрога, со  оружје, со луѓе или за колку пари бил оштетен државниот буџет преку злоупотреби на државни и јавни функционери, кои се гонеле за злоупотреба на службената положба.

Гледано од аспект на почитување на човековите слободи и права и презумпцијата на невиност, овие решенија гарантираат поголема заштита, бидејќи помалку луѓе можат да дознаат дали некое лице е осомничено или не, а со тоа и предвреме етикетирано и прогласено за виновно, но, од друга страна, ќе се постави прашањето како да се направи баланс за истрагите кои се водат за државни функционери.

Во многу од случаите каде што политички партии или поединци најавуваат дека поднеле кривични пријави против актуелни функционери, јавноста со месеци ќе нема можност да добие информација каков е епилогот, сѐ додека не се затвори истрагата, со поднесување или неподнесување на обвинение.

 

Тајноста при спогодувањето и признавањето на вината

 

Вториот важен сегмент, кој ги ограничува новинарите и им забранува да пишуваат за судските постапки, е делот на спогодувањето. Законот предвидува нова можност (преземена од американското право) за спогодување на јавниот обвинител и обвинетиот за висината на казната (санкцијата). Доколку обвинетиот се изјасни дека е виновен по обвинението поднесено против него, тогаш може да се спогодува за висината на казната без судење, а договорот што ќе биде постигнат треба да го одобри судот.

Доколу се постигне спогодба, таа оди на одобрување пред судија, па дури откако ќе стане правосилна пресудата, новинарите можат да објават детали од неа.

Но, доколку судијата не се согласи да ја верифицира понудената спогодба или обвинетиот се откаже од таа можност, предметот ќе биде испратен на судење, каде што постапката е тајна, без присуство на новинари, а за тоа дека пропаднала спогодбата претходно не смее да знае ни судијата што суди за врз него да нема влијание податокот оти имало обид за спогодба кој не успеал.

Овој податок, за тоа дека имало спогодба и истата била неуспешна, независно од кого и на кој начин, можат да го добијат новинарите, но, не смеат да го објават. Во спротивно, се изложуваат на опасност обвинителот да покрене кривична постапка и против нив.

Затоа, новинарите мора да знаат дека: „постапката за спогодување помеѓу јавниот обвинител и осомничениот е тајна и секогаш се спроведува без присуство на јавноста“.

Објавување на такви информации може негативно да се одрази врз обвинетите за кои ќе се дознае дека почнале да се спогодуваат за висината на казната, за што претходно морале да се изјаснат дека се виновни.

Во првата фаза, кога се разговара, преговара, договара и дефинира предлог-спогодбата за висината на казната, учествуваат само јавниот обвинител и осомничениот со неговиот бранител. Во оваа фаза и јавноста и судот се целосно исклучени.

Во втората фаза, кога потпишаната спогодба за висината на казната помеѓу обвинителот и обвинетиот се оценува од судијата на претходна постапка, рочиштето е затворено за јавност, а информациите се тајни.  Доколку постапката за спогодување заврши успешно, ако судот ја прифати спогодбата и донесе пресуда, таа има карактер на правосилна судска одлука и дури тогаш станува достапна за јавноста преку веб страницата на судот.

 

Снимање и фотографирање на судските рочишта

 

Посебен предизвик за новинарите претставува присуствувањето на судењата и снимање или фотографирање на поголемите и актуелни судења. Со измени на Судскиот деловник, новинарите за снимање и фотографирање на судењата мора да имаат соодветно одобрение, кое по нивно барање го издава Претседателот на Врховниот суд.

Одобренијата се однесуваат исклучиво за снимање и фотографирање, додека за присуство на новинарите не се потребни одобренија, тие присуствуваат, како и другата јавност, на сите судења кои се јавни. Судот има право и обврска само да ги легитимира.

Новинарите мора да знаат дека Судскиот деловник пропишува нова обврска, барањето за снимање или фотографирање на одреден судски случај мора да биде испратено најмалку пет дена пред одржување на судењето до Врховниот суд. По тој рок Врховниот суд нема обврска да издава одобренија. Исклучок од овој рок ќе бидат случаи каде што новинарот ќе докаже дека имал оправдана причина за доцнењето.

Судијата не смее да ги селектира медиумите во судница, независно дали се телевзизии, весници, портали, ниту според структурата: дали се приватни или јавни. Судијата одредува кои делови може да се снимаат или фотографираат.

 

Тајноста на судењата

 

Една од важните работи што треба да ја знаат новинарите кога станува збор за исклучување на јавноста, дека не може судот самоиницијативно однапред да прогласи некое судење за затворено, тајно. Ниту тоа да го направи преку известување на веб страницата, преку портпарол или преку судските полицајци, како што се чести примерите во пракса.

Секое заседание на судот е засебно, па судијата, доколку има услови за затворање на судењето (малолетници во постапката, чување на морал, државни тајни, класифицирани информации) мора да донесе решение што ќе го прочита јавно, во кое ќе ги наведе причините зошто судењето нем ада биде јавно и дури потоа јавноста ќе ја напушти судницата. Доколку судијата не постапи на овој начин, тоа се смета за суштествена повреда на постапката, а судијата може да се земе на одговорност поради недоволна стручност.

 

Заштитни сведоци 

 

Сослушување на заштитен сведок кое се врши со помош на техника, затемнет лик, глас, не треба да биде на затворено заседание, туку според општите одредби за сослушување на сведоци, бидејќи тој не се наоѓа во судницата туку надвор од него, неговиот вистински идентитет е заштитен, а законот и судот го штитат идентитетот на сведокот, а не неговиот исказ. Досегашната пракса покажува дека судиите во сите случаи кога бил сослушуван заштитен сведок ја исклучиле јавноста, а новинарите не во своите извештаи не секогаш го посочувале овој пропуст на судот.

 

Судења по скратена постапка

 

Над 80% од сите кривични предмети што ги имаат во работа судовите се однесуваат на кривични дела за кои Законот пропишува парична казна или казна затвор во траење до 5-пет години. Овие предмети ќе се судат во скратена постапка  и тоа може да им создаде проблем на новинарите, кои поради кратките рокови некогаш не ќе можат да разберат кога одредено лице било обвинето, а кога осудено.

Праксата ќе покаже дека дел од предметите ќе се завршуваат во просек од 1 до 5 работни дена, од поднесување на обвинение до пресудување. Во таква скратена постапка ќе се суди за кривични дела за кои како главна казна е пропишана парична казна или казна затвор до 5-пет години.

 

Судиите, обвинителите и адвокатите обучени – а новинарите?

 

Законот за кривична постапка е доста обемен, предвидел многу новини кои нема да бидат лесни за имплементација од страна на самите новинари кои ќе се сретнат со нив во пракса при нивното информирање од судовите. За имплементирање на законот судиите, адвокатите и обвинителите преку десетици обуки и практични вежби го совладуваа новиот закон, додека новинарите кои работат на овие теми треба прв пат да се сооча т со новините во судниците или на увид, на лице место, каде што биле извршени потешки кривични дела.

Затоа, новинарите кои пишуваат за работата на полицијата, обвинителството и судот или истражуваат коруптивни теми мора да знаат дека:

  • истрагата ја спроведува јавен обвинител, а не истражен судија;
  • судијата на претходна постапка одобрува изрекување на притвор и дава налози за претрес;
  • на увид на лице при убиства, сообраќајни и друг вид нереќи излегува само јавен обвинител, кој сочинува записник, дава наредби за обдукција, вештачења;
  • истрагите ги спроведува Правосудна полиција која е под контрола на Јавниот обвинител (сега тоа не се посебни полицајци туку припадници на МВР определени да работат за потребите на јавниот обвинител);
  • сите податоци во истрагата за тоа дали некој е осомничен, за кое дело и слични детали се тајни;
  • објавувањето на тие детали може да биде основ за гонење на новинарите;
  • податоци за лица кои се осомничени/обвинети можат да се објавуваат откако ќе биде подигнато обвинение или по завршување на истрагата;
  • постапките за склучување спогодба помеѓу обвинителот и обвинетиот за висината на казната е тајна. За детали од спогодбата може да се пишува и објавува само доколку судот ја одобри спогодбата и донесе пресуда која станува веднаш правосилна;
  • новинарите и медиумите не смееат да објавуваат податоци за малолетни лица во текот на целата постапка;
  • медиумите не смеат да објавуваат идентитет и податоци за заштитени сведоци;
  • сите податоци од истрагата се тајни;
  • не смеат да се објавуваат класифицирани информации  со степен на тајност;
  • рокот за поднесување на барања за снимање и фотографирање е пет дена пред одржување на судењето;
  • новинарите можат да присуствуваат на сите судења, сѐ додека судот не го затвори одредено судење, каде што задолжително мора да донесе решение со наведени причини и јавно да ги соопшти.

Во меѓувреме, Јавното обвинителство, Судскиот совет и Врховниот суд на Република Македонија објавија огласи за анагажирање на портпароли кои треба да го подобрат протокот на информации помеѓу овие институции и медиумите.

Досегашната пракса покажува дека се водат кривични постапки против двајца новинари кои се наоѓаат во притвор, обвинети дека прекршиле одредени законски норми. Независно од исходот на овие постапки, новинарите треба да бидат внимателни при известувањето за нив. Правната литература, која е подготвена за новинарите, ќе биде бесплатна, па треба само добро да се проучи за да не ни се повторат грешките од 2013 во кои новинари беа притворени и судени.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Leave a Reply

Your email address will not be published.