Нови 1,1 милион евра за катната гаража кај „Беко“

Уште 1,1 милиони евра ќе се потрошат за изградба на градската катна гаража спроти „Беко“. На градежната компанија „Бетон“ од Скопје ќе и’ бидат исплатени дополнителни 69.619.516 денари за изведба на непредвидени работи. Парите се неопходни, како што се вели во договорот меѓу инвеститорот Град Скопје и градежната компанија, „за успешна реализација на предметот на договорот без кој објектот нема да биде во функција“. Договорот е потпишан со преговарање без претходно објавување оглас. Договорено е скопски „Бетон“ да ги заврши договорените обврски во период од 304 дена.

Кога ќе стане функционална катната гаража, надлежните не сакаат да предвидуваат. Велат дека на изградбата се работи речиси без застој.

Инаку, веќе е пробиен најавениот краен рок за завршување на објектот. Гаражата уште лани требаше да биде готова, но изградбата меѓу другото доцни и поради банкротот на хрватската компанија „Конструктор инженеринг“, која првично беше избрана за изведувач. По неочекуваната ситуација, градските власти бараа нова градежна компанија.

Според најавите, објектот ќе биде висок 23 метри и ќе се состои од две подземни и седум надземни нивоа. Гаражата ќе има капацитет за паркирање за 605 автомобили и 105 велосипеди. Освен паркинг-простор, во објектот ќе има и деловни простории.

Ова е една од двете катни гаражи, чиј инвеститор е Град Скопје. Првата, онаа кај поранешен Цветен пазар, веќе е предадена во функција. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.