Нови 318 полициски службеници

На церемонијата што се одржа во Центарот за обука на кадри од областа на безбедноста министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска истакна дека новопримените полициски службеници имаат потенцијал и оти од нив очекува совесно постапување.

– Заради новиот начин на селекција кој за прв пат го промовиравме, како и професионалната заложба и посветеноста на сите инволвирани во обуката, вашата генерација е веројатно најдобрата и најперспективната досега, рече министерката Јанкулоска.

Потпишувањето на заклетвата, според неа, не значи крај, туку почеток на обврските. – Секој ден, секој час, во секоја улица и во секој град од Република Македонија, вие ќе ја спроведувате оваа заклетва и ќе бидете пример за останатите граѓани, наведе Јанкулоска.

И покрај ригорозните критериуми во изминатите 12 месеци, потенцира, идните полицајци мошне успешно ги совладаа потребните компетенции за полициско постапување при одржувањето на јавниот ред и мир, при полициското работење во областа на сообраќајот и при полициското работење во делот на граничното обезбедување.

– Во текот на овие 12 месеци имавте можност и сами да се уверите во строгоста, принципиелноста и нашето инсистирање на дисциплина. Не се сомневајте дека уште повеќе ќе инсистираме на овие критериуми откако ќе ја облечете униформата, рече Јанкулоска.

Основната обука за кандидатите за полициски службеници што денеска потпишаа заклетва почна на 5 ноември минатата година. Дванаесетмесечната обука ја почнаа 331 кандидат, а ја завршија 318. Тринаесетте кандидати го загубиле правото на обука по различни основи. Пет кандидати по лично барање, четворица не го исполниле потребниот мининимум на бодови од 60 проценти за продолжување на обуката во следните модули, а четворица кандидати го загубиле правото заради дисциплински престап. 

Извор ТЕЛМА

Leave a Reply

Your email address will not be published.