Уште една сериозна повреда на работник во фабриката “ИГМ” од Кавадарци

Дваесет и едногодишниот Х.С од село Манастирец вчера наутро околу 8 часот бил тешко повреден на своето работно место во фабриката “ИГМ” од Кавадарци. Случајот го потврди портпаролот на СВР Велес, Анита Стојковска.

Во полиција случајот го пријавиле од кавадаречката болница. Машината која ја опслужувал овој млад работник му ги потфатила двете раце и Х.С се здобил со тешки повреди на горните екстремитети.

На работникот му е укажана помош во кавадаречката болница, но поради сериозните повреди со кои се здобил, бил итно пренесен во Ургентниот центар во Скопје. 

“Работникот беше со тешки повреди на горните екстремитети. Имаше обилно крварење. Од наша медицинска екипа е пренесен на хируршкото одделение во болницата, но од таму итно е пренесен на скопските клиники, каде понатаму ќе се лекува” рече началникот на Инта медицинска помош Кавадарци, д-р Антоан Паракеов.

По пријавувањето во полиција на овој случај, извршен е увид од увидна полициска екипа и од трудов инспектор. 

Ова не е прв случај на повреден работник на работно место во фабриката за цевки и профили „ИГМ ТРЕЈД” од Кавадарци. Неодамна, имаше ист ваков случај на повреден работник кој им подлегна на повредите. Од она што го дознаваме, Х.С се наоѓал во критична состојба. Во текот на денот ќе ве информираме со подетални информации.

Извор  Утрински 

Leave a Reply

Your email address will not be published.