Нов скандал на власта, слушнете како Груевски средува поткуп од 1,5 милиони евра
„Никола Груевски очигледно не сака да биде искрен со македонската јавност. Два дена му даваме шанса да излезе во јавност и да каже јавно за 1.500.000 евра кои ги зел во кеш од газда Нини, за неплатениот данок од 225.000 евра и за криминалната оф-шор мрежа што ја краде Македонија. Ако беше чист, Никола Груевски ќе излезеше уште следниот ден на прес-конференција и лично ќе објаснеше што се случило, а немаше да се крие зад партиски соопштенија“, рече денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
НОВА интегрално ја пренесува прес-конференцијата на СДСМ:
– Никола Груевски, зошто ти не одговориш на поставените прашања, туку стигнуваат некакви панични соопштенија на Центарот за комуникации. Од каде би знаел Центарот за комуникации дали ти си зел еден и пол милион евра во кеш од газда Нини? Излези и одговори, не ги вмешувај твоите соработници во калта во која си потонат до гуша.
Никола Груевски, не мора да се закануваш преку соопштенија со тужба, еве јас те повикувам да ме тужиш. Кога веќе бегаш од мене на дебати, нема проблем, ајде да се сретнеме на суд. Ама ти лично да се појавиш на судењето, не да се криеш. И да биде јавно, со присуство на медиуми и на набљудувачи. Па, сите нека видат која е вистината.
– Ти било тешко да ги сфатиш прашањата, не биле разбирливи. Биле измислици и халуцинации. Еве прашувам, појасно здравје, ако се ова измислици и халуцинации, зошто тогаш Груевски издаде ембарго на сите медиуми што ги контролира да објавуваат информации за случајот и за моите прес-конференции. Од што се плаши Груевски ако ова не е вистина? Зарем, господине Груевски, во 21 век веруваш дека ќе ја запреш вистината со цензура? Тешко ќе ти успее таа работа.
– Знаејќи каков мрак создаде ВМРО-ДПМНЕ во македонскиот медиумски простор, ние целиот материјал и сите докази ги преведовме и уште од денеска детално ќе ги запознаеме и претставниците на меѓународната заедница и странските медиуми.
– Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска ќе ги отстрани сите сомнежи околу тоа што и како се случило. Ќе објавиме аудио снимки од разговорите на кои под наредба на Груевски е договарана операцијата „продажба на Македонска банка АД Скопје“. Му се заблагодаруваме на загрижениот граѓанин, кој поради својата совест, решил да ни ги достави овие снимки и ги охрабруваме сите граѓани кои имаат вакви или слични докази за криминал во власта да ни ги достават зашто покажавме дека ние доказите не ги користиме за да се пазариме со Груевски, ниту да калкулираме, ниту да уценуваме, туку ги објавуваме во интерес на вистината.
– Една работа е повеќе од јасна. На Никола Груевски не му е државата пред се, туку партијата, а со конечна цел негова лична заштита и заштита на фамилијата и бизнисот. Во Македонија не постои држава, не постојат институции на државата, не постои поделба на власта, постојат само интересите на партијата и на фамилијата што ја раководи таа партија. Сега на сите им е јасно зошто Груевски не дозволува да има фер и демократски избори. Си се чува себеси. Потсетувам дека за криминални продажби на банки во затвор веќе има поранешни премиери од регионот. Насекаде во регионот се случија промени, во Хрватска, во Србија, во Бугарија, во Албанија, само во Македонија – криминалната мрежа ја турка државата во целосна диктатура и пропаст.
– Ги повикуваме надлежните институции да не чекаат наредба од Груевски како да постапат за случајот во кој тој ја игра главната улога. Многу афери досега беа заташкани. Оваа нема да дозволиме да биде заташкана. Го повикуваме господинот јавен обвинител Зврлевски да заборави на ромските балови и другите забави на кој другарувал со првите луѓе на власта, веднаш да отвори истрага за случајот и да бидат преземени сите мерки кои би биле преземени за секој друг граѓанин на оваа земја во истата ситуација.
– Дозволете ми, конечно, како човек, а не како политичар, да го прашам Груевски една работа што мене лично ме вџашува. Па добре, бе, Никола Груевски, како сте можеле да влечете пари од оф-шор компаниите газди на Македонска банка дури во деновите по загинувањето на претседателот Борис Трајковски. Имате ли малку срам, морал, човечност? Кога целата нација беше во болка и во тага, очигледно само бизнисот на фамилијата не бил завеан во црно.
– Поради ова што се случува изминатите два дена, сакам и најдиректно да му се обратам на Груевски. Престани да ми се закануваш мене, на моето семејство, на мои блиски и на луѓе од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Ако ова не е вистина, зошто тогаш закани да запрам и да не продолжам. Зарем веруваш дека ако мене ме запреш, вистината ќе остане засекогаш ваша фамилијарна тајна. Па, нели ти тврдеше дека вистиата е како шило, кога-тогаш ќе излезе на површина. Еве ја, Никола Груевски, излезе на видело вистината за твојата чесност.
– Ви благодарам и ве поканувам заедно да ги погледнеме аудио-снимките кои ќе покажат кој лаже и кој халуцинира, зaврши Заев.
Извор НоваТв