Ниски луѓе (афоризми)

 пишува Звонко Каров

Стигнаа до врвот. Напорно коленичеа.

Ветвите ги променија со гол популизам.

Али Ахмети побара да не се делат гласовите на Албанците. А парите?

Афоризмите се пишуваат за сите кои знаат да читаат.

Свртете се кон себе, ќе видите колку е тешко.

Своеглав е. Бара да се промени конотацијата

Направија компромис. Побараа оставки, им дадоа збор.

Се изгуби кога седна во фотељата.

Моделот не може да ги задоволи сите.

Сега сме слободни. Во нас гледаат бројки.

Се раздолжи. Ќе го пуштат да си оди.

Побараа непристоен предлог. Слободата не била на цена.

Се разликуваме во очекувањата на листите.

Се виделе, ама не се приметиле.

Коштани собираат од земја. Не ја разбрале пораката.

Ако сакаат да груевизираат ќе прокопсаат.

Направија идентитетски прекршок, не ги интересираше рекла-кажала.

Ги тушираа, па ретушираа.

Направи лапсус. Намерно.

Има ниски луѓе на високи позиции.

Оставката дадена пред камери не е по процедура.

На Олимпија некои докторираа.

Разговараа кратко и јасно. Се намуабетија.

Избегал во внатрешноста заради провинцијалците.

Путин е цар, ги пофали Американците.

Имаат срамотни слики за нив. Ги држат во раце со наводници.

Добар резултат за Македонија е кога Катица би била прв и последен специјален обвинител.

Нашата драма ја развива фантазијата. Снимките се опасност за чувствителниот народ.

Што можеш денес не оставај за Македонија 2025.

Разноразни не ставаат ниту под разно.

Судиите со притисок мора да имаат главоболка.

Мали не знаеја да ги делат зборовите. Пораснаа, научија да ги делат парите.

Ние сме на линија, им рекол Никола наздравувајќи со Барак и Владимир.

Како се кисели зелка? Прашајте го Фрчко.

Стабилна влада не мора да е силна. Силно е погрешното поимање.

Ги озари пила во оазата. Барем останаа мирни.

Идентитет конституиран на писменост го преиспитуваат само неписмени.

Не правете пресметки колку (ќе) не чинат. Цена нема. Новинарите се секогаш во право. Дури и кога се поразени.

Претседателот Иванов е во останување.

Вуди Ален не сака малограѓани.

Денарот ќе го браниме по секоја цена.

Со бегалците го покажавме нашето кандидатско лице.

На површина излегоа површните.

Толку ги фалат што не им личи на годините.

За авторските права се во право. Некои се преработиле.

Политиката е занает. Поприлично стар.

И ние кандидат(и) за трка имааме.

Државата ги лустрира. Не работеле во нејзина служба.

Србите се прислушувале меѓу себе. Македонска работа.

Изборите ги наместија за 2016 г.

Ќе ги стават во ќоше ако не ја напишат домашната.

Ако државата го врати украденото ќе и дадеме 15 %.

Изборниот ден е делник за многу. Ќе ги преплатат.

Се е навика. Некоја победа може да ве разочара.

Редакцијата се оградува од ставовите на својот колумнист. Го плаќаме за да спечалиме углед.

Leave a Reply

Your email address will not be published.