Нетребен бунар смрдит

Го читам Кузман Шапкарев деновиве; пословиците и изразите што тој ги собирал низ Македонија, главно во охридскиот крај. Од целината човек може да стекне слика за цел еден систем на вредности што владеел во овој дел од Македонија во 19 век. Шапкарев ме поттикна денешниов текст делумно да му биде посветен на нашиот актуелен систем на вредности, нешто со што влеговме во 21 век.

 

Накусо речено: системот на вредности што владее во едно општество може да даде многу поизострена слика на општеството отколку често неповрзаните анализи на Заводот за статистика. А системот на вредности, на пример, може да се согледа низ моралните стандарди, или од односот на државата и граѓаните кон јавните добра, кон културата и образованието, од начинот на кој граѓаните и државата ги трошат своите пари итн.

Да се задржиме малку само на последново: на што ги трошиме тешко стекнатите пари? Прашањето е важно од многу различни аспекти, кои во него всушност се вкрстуваат: економскиот, културниот, политичкиот, психолошкиот момент – сето тоа е содржано во прашањето на потрошувачката култура.

Џерџ Лукач одамна укажа дека робата или стоката лежи на границата помеѓу културата и трговијата, пречекорувајќи ги наводно светите граници помеѓу естетиката и економијата, парите и уметноста.

Во текот на 18 век робата беше само световен предмет за секојдневно купување и употреба – “тривијална ствар”, како што велеше Маркс. Кон крајот на 19 век, меѓутоа, робата зазема повластено место, станувајќи не само основа на новата индустриска економија, туку и на новиот културен систем, системот за промовирање социјални вредности.

 

Во поново време робата ни се нуди како фетиш – нешто помеѓу стока и уметност, или нешто што едновремено е и стока и уметност. А мистиката на робниот фетиш не се наоѓа во неговата употребна вредност туку во пазарната вредност и во неговата “знаковна моќ”.

Го велам сево ова за колку-толку да укажам на еволуцијата на нешто што ние многу драматично го проживуваме особено последниве десетина години… Се обидувам да укажам на важноста на културата во размавтувањето на капитализмот… Се обидувам да укажам дека во нашата општа непросветеност капитализмот најде тло за неверојатен размав на малограѓанштината…

Да бидам појасен: живееме во општество во кое издатоците за телефон и интернет изнесуваат помеѓу 20 и 50% од целокупните приходи. Другата половина или другите четири петини од нашите приходи се “изедени“ од храната и другите комунални трошоци. Во општество со таква структура на потрошувачка огромен број луѓе не можат да си дозволат ниту лекови и превоз, а камоли она што всушност ја сочинува заедницата: културата и образованието, грижата за послабите, за оние што доаѓаат по нас, грижата за доброто и убавото…

 

Во таквото општество нашите вредносни системи ги одредуваат моќните, во случајов директорите на Телеком и нивните валкани политички пајташи. И во поопшта смисла, првите жртви на културниот и вредносниот хаос што го внесува демократизацијата (или, да речеме, лажникавата плурализација на “знаковната моќ”) кај нас токму се луѓето од естаблишментот, да не речам од “културата”… Политичарите, нивните интелектуални опслужувачи по разноразните формални и неформални центри на моќ, универзитетските структури, уредниците по медиумите, стопанската елита, па дури и луѓето од естрадата или “алтернативата”… – сите тие, на куп збрани (со малубројните и речиси невидливи исклучоци), покажуваат една поразителна слика за нашиот државотворен и воопшто општествен капацитет. (“Во мало село многу кучиња.”) А оние што се најповикани да внесат каква-таква вредносна смисла во нашево цивилизациско (рас)паѓање, најмоќните играчи, оние што ги имаат парите и лостовите, всушност се главните промотори на невкусот, примитивизмот, насилството, произволноста, суровоста, корупцијата, клиентелизмот, малограѓанштината… “Да се знајт чија куќа мрсно јала” е нашиот културен модел, за жал, за 21 век. Центарот на проблемот, пак, го погаѓа, ми се чини, острицата на Шапкарев: “Планината не плачит от секирата туку од пресечената држалка”. Тоа е можеби клучниот проблем во Македонија: немањето политички авторитет, атомизацијата на општеството, сосема пореметените системи на вредности, уништувањето на јавните сервиси и на јавните добра, солидарноста сфатена како кејф на аздисаниот (најодвратни се примерите на монополистите кои кобајаги ги помагаат општеството) итн.

 

Зошто велам дека најдоминантната политика во Македонија во моментов е: “На сиромасите голотиата, а на богатите слепотиата”? Зошто и денес силно звучи пословицата “Дури на богатиот да му дојт ќејфот, на сиромаиот ќе му излезит душата”?! Еве зошто: три години СДСМ е на власт, а со прст не мрднаа барем за некој грам да го олеснат товарот на Телеком што им е нагрбачен буквално на сите граѓани на земјава! Дури се случува обратно: власта наддодава товар на веќе претешкото бреме! Со години, на пример, ја слушаме приказната дека сме на дното во Европа според користењето на Интернет, странските стопански експерти советуваат фирмите да почнат да работат електронски, образованието да се компјутеризира итн. – а Телекомот (т.е. нашата влада, која ги именува директорите во Телекомот) на сето тоа реагира со обид да ги откаже од Интернет и она малкуте уштекани Македонци, главно од помладата генерација! Телекомот цица од ова разгаќено општество речиси 500 милиони евра годишно! Телекомот јаде десетина проценти од целокупниот бруто општествен производ на Македонија! Само делче од тие пари да се пренасочи во други сектори – за само неколку години би имале една сосема поинаква Македонија, информатизирана и поврзана; т.е. реално децентрализирана, демократизирана и демонополизирана! (Ете политичка програма: 3Д!)

 

И стана сосема јасно: главните политички актери во земјава, СДСМ и ВМРО, се само слуги на таквиот вид валкан крупен капитал. Во таа смисла, совршено е сеедно дали едните или другите: “До Богоројца прахој, от Богоројца калој”. Станува сосема јасно, за жал, дека голем дел од она што во земјава е сработено изминативе петнаесет години е работено за сметка на поединците собрани околу троновите и дувлата, а не за сметка на поширокиот општествен интерес. Тој факт не може да го скрие ниту уште пострашниот факт дека зад СДСМ и ВМРО, во политичка смисла, стојат или празнини/дупки или барем исто толку дискредитирани политички актери – што излегува на исто.

 

На таа каста дефинитивно треба да ѝ се порача: која Европа, бе, шапшали! Европа во која “голиот дал, а сфети Илија зел”?! Европа во која грстот тинејџери што користат интернет ќе требат да бидат приложени на монструозниот олтар на монструозниот Телеком, ко уште пар девици за чудовиштето?! Европа во која телефонистот, струјаџијата, водоводџијата, котларот му велат на граѓанинот (кому вода во очи почнува да му недостасува) дека мора по европски цени – по ѓаволите со таа Европа! Бравос како сте ја сфатиле, подлеци и ајдуци!

А всушност, застоена ни е водата и сите сме прилично уморни од магепсаниот круг во кој прпелкаме. Шапкарев има едноставен совет: “Бунар нетребен смрдит”. Исчистете ги каналите, поплавени!

*превземено од пријателскиот сајт ОКНО.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published.