Неранимајкото и злосторниците!

Од Петре Шилегов разбрав дека битката се води меѓу неранимајковците кои сакаат да ни ја растурат државата и Социјалдемократскиот сојуз кој нема да им го дозволи тоа задоволство.
Уф, си реков, чекај да видам…хм…неранимајковци…од кај ми е познато ова зборче…од каде , од каде..кога оп се сетив: мојата учителка Ленчето Цанева Панева така ги викаше децата што ќе ги фатеше да им ги крадат гумите за бришење на другите деца во одделението, па за казна ги удираше по главата со капакот од дрвената кутија за моливи и гуми или со тенка врбова прачка по испружените раце. Но, неранимајковци беа и понемирните деца, прегласните деца, презаиграните…

Во Речникот на македонскиот јазик неранимајко е именка која означува лош, нечесен, расипан човек. Во времето на моето детство тој збор го употребуваа учителите и учителките за да кажат дека некое дете има благо девијантно, невообичаено поведение, малку под или малку над вообичаените стандарди и очекувања на средината. Означените со тоа зборче беа обележани со тенко минусче кое кај нас останатите деца се елиминираше со блага доза на симпатии кон неранимајковците кои потоа во првата младост имаа многу поголема среќа во љубовта од нас ненеранимајковците.
Во светот на возрасните зборот речиси не се употребува. За некој што е неранимајко денеска се вели дека е говно човек или дека е гнида, курва или ороспија. Во зависност од контекстот сите тие свињи, курви или гниди, можат да сметаат на помали или поголеми дози општествен попуст низ кој им се проценува злото.

Никогаш не би рекол дека во секторот на капиталните проблеми Македонија има работа со неранимајковци. Зборот е совршено неадекватен за политичка употреба и квалификации. Дури и ако се согласиме дека Груевски е лош, нечесен, расипан човек, тој не би можел во политичките работи да биде означен како неранимајко, тој може да е неранимајко за тетка му или за госпожата Боркица, но во македонцките работи тој е мирновременски злосторник, номинален шеф на злосторничкото здружување, носител на правата на злосторничкиот потфат за уништување на државата и на организираните форми на општеството, на културните, економските, правните и моралните основи на тој живот. Се разбира со својата партиска и владина екипа.

Мојата учителка за Петрета би рекла: внимавај што зборуваш за злосторниците, бе, неранимајко еден! Петре, ме слушаш ли ти мене!

Leave a Reply

Your email address will not be published.