Непристојни предлози

Слушам дека некои луѓе блиски до власта, бизнисмени, медиумски газди и слично, преку посредници „фаќаат врски“ кај лидерот на опозицијата Зоран Заев, со цел тој да ги поштеди од објавување на прислушуваните разговори во кои и тие се инволвирани. Во замена, нудат се и сешто. Од 15-минутно интервју во вестите на Сител, како што пред околу две недели на Заев му понуди Латас, уредникот на Сител, до поддршка за формирање на идната влада. Слушам и се чудам – како на овие луѓе не им е јасно за што станува збор?

Снимките што се објавуваат во рамките на проектот „Вистината за Македонија“, чија автентичност досега од никого не е оспорена, откриваат страшни злоупотреби на власта. Тоа се драматични сведоштва за целосната и груба контрола што неколку луѓе ја оствариле врз судството, врз медиумите и врз сите други институции на демократското општество. Тоа е хроника на организиран терор на кликата на Груевски врз политичките неистомисленици и конкуренти.

Од тие причини, целосното разоткривање на овие снимки е јавен интерес на граѓаните на Република Македонија. Луѓето кои помогнале снимките од масовното незаконско прислушување да станат јавно достапни треба да бидат наградени, а не казнети. Заев, пак, јавно презеде обврска да ги обелодени сите снимки, освен оние кои не претставуваат јавен интерес и се однесуваат само на личната интима на луѓето.

Доколку Заев отстапи од своето ветување, ќе ја изгуби нашата поддршка. Јас лично не можам да се согласам да биде премолчано нешто за што јавноста има право и мора да знае. Жестоко ќе осудам било каков обид на лидерот на опозицијата за пазарење. И не само јас, така ќе постапат сите на кои тој им ја вети вистината.

Сите снимки кои сведочат за било какви злоупотреби од страна на власта, или за дејствија спротивни на законите и на уставниот поредок, мора да се објават – вклучувајќи ги оние во кои сум сниман и јас, ако има такви! Единствениот услов е тоа да се стори јавно и транспарентно, како што тоа го прави Заев, а не подмолно и тајно, со злоупотреба на социјалните мрежи, како што тоа го прават мегафоните на режимот.

Никој сега нека не бара поштеда и попуст. Непристојните предлози Заев мора да ги отфрли со индигнација. Вистината за Македонија, сепак, нема цена.

Извор ПЛУСИНФО

Leave a Reply

Your email address will not be published.