Непристојна понуда од Миленко и од режимот

Вчера добив непристојна понуда од страна на водителот Миленко Неделковски да бидам ангажиран како постојан гостин во следната сезона од неговата емисија. Ова е мојот јавен одговор до Миленко, но, и до режимот, и до одредени квази демократи.

 

Јасно ми е што значи ваквата понуда. Таа претставува обид за поткуп, како и обид да се злоупотреби мојот лик и дело за легитимирање на прорежимските медиуми и новинари, да се легитимира самиот режим, а воедно и за дополнително да се девалвира и да се замолчи критичката мисла. Власта би ме купила со задоволство за да бидам уште еден конвертит во нивните редови кој би плукал по опозицијата. Да бидам уште еден од серијата трагични ликови кои од лукративни побуди му се предале и му се продале на режимот и така, придонеле за неговата семоќ. Тој филм нема да го гледате, Ивор не е на продажба!  

 

Во овие години имам напишано стотици текстови каде детално, до срж, го критикувам и го демонтирам режимот на Груевски. Ако некој мисли дека поради неколку критички текстови кон актуелното раководство на опозицијата, Ивор Мицковски ќе го промени своето крзно, тогаш опасно греши! Сум бил и секогаш ќе бидам борец за слободна, демократска, прогресивна, правна и уставна Република Македонија. Фактот што не се согласувам со оваа опозиција и јавно ја критикувам, е само потврда дека и понатаму имам намера да се борам за слободата, за правото на личен став и критика, за подобро општество, за вистински вредности.

 

Што се однесува лично до Миленко, јас немам намера да соработувам или да бидам маша на личност која во безброј случаи ме има навредувано и клеветено мене лично, моето семејство, бројни колеги, слободари, активисти, луѓе кои во овие години покажале доблест и достоинство да не потклекнат пред говорот на омраза, личното оцрнување, заканите и навредите, нарачаните хајки, отворениот расизам и шовинизам, хомофобија или етнофобија, директно промовирани од Миленко Неделковски, а се во име на Груевски и на власта. Јас не сум ниту Бучковски, ниту Боцевски, ниту Кире Наумов. Јас држам до моите ставови и останувам верен на моите убедувања.

 

Навидум, предлогот на Миленко треба да го доживеам како голема сатисфакција, а всушност, се работи за голема иронија, кога еден од најголемите режимски мегафони, еден од најголемите ширачи на лудило и омраза, мора да ја признае твојата релеватност, односно, релеватноста на слободната мисла.

 

Жал ми е што со овој мој потег ќе разочарам одредени нафатирани квазидемократи и наводни борци за слобода, кои во обид да ме дискредитираат и омаловажат, ме напаѓаа преку фабрикување на ниски и навредливи аналогии и етикети. Срамот е само нивен, од моментот кога го покажаа своето вистинско лице.

 

Им благодарам на сите кои ми изразуваат поддршка во овие тешки моменти. Сакам да знаат дека по кратка пауза, ќе се вратам повторно на пишувањето, дека нема да престанам. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.